Џон Мекафи, креаторот на популарната програма за безбедност на Интернет извршил самоубиство во затвор


Каталонското Министерство за правда објави дека сè укажува на тоа дека седумдесет и петгодишниот американски тајкун Џон Мекафи извршил самоубиство во затвор, пренесува Ројтерс.

Американецот, по налог на американските власти, беше уапсен на аеродромот во Барселона во октомври 2020 година и беше обвинет за затајување данок.

Креаторот на популарната програма за безбедност на Интернет, беше пронајден мртов во затворска ќелија во Шпанија, само неколку часа откако Високиот суд ја одобри неговата екстрадиција во САД, каде му се заканува казна затвор од 30 години за затајување данок.

Мекафи тврдеше дека обвинувањата поднесени од американската даночна служба (ИРС) се поврзани со неговиот неуспех да се кандидира како претставник на Слободарската партија на претседателските избори во 2020 година.

Каталонската полиција во официјалното соопштение наведува дека затворските службеници и болничарите се обиделе да го спасат животот на Мекафи, но не успеале во тоа. Сепак, тие соопштуваат дека ќе започнат официјална истрага, иако како што првично велат „сè укажува на самоубиство“.

Американските власти го обвинија Мекафи за затајување данок на приходот што го заработил преку промоција на крипто-валути, како и на хонорарите што ги добил за своите говори и од авторските права на неговата животна приказна, што требаше да биде предмет на документарецот.

Според службеникот на шпанското обвинителство, Мекафи требало да биде екстрадиран откако американската страна доставила информација дека не плаќал данок од 2016 до 2018 година.

Инаку, Мекафи ја формираше компанијата што го носи неговото име во 1989 година, но тој веќе нема никаква врска со компанијата, бидејќи му ја продаде на Интел.

Во последниве години целосно се посвети на крипто-валутите и тврдеше дека заработува 2.000 долари на ден.