Единствено вредно е платата, сѐ друго е пекол: Исповед на војник на мисија во Авганистан

Припадник на Специјалните сили на Хрватската војска, 27-годишниот Јосип Бришки почина од тешките повреди здобиени при напад на бомбаш самоубиец во Авганистан.

Тешко повредениот војник почина, иако му беше укажана максимална медицинска помош во американската болница во Баграм. Тој беше ангажиран како советник во Авганистанските безбедносни сили. Талибанците ја преземаа одговорноста за нападот. Младиот војник за кого ова беше прва меѓународна мисија, зад себе остави сопруга и бебе.

Покрај хрватски, во Авганистан има и војници од нашата земја, како и од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија.

Еден од оние кои учествувале во мисија во Авгтанистан е и 35-годишник од Сплит, кој пред неколку години беше во Кабул.

- Во оној момент кога стапнав во Авганистан, војната во таа земја веќе не ми беше апстрактен поим, но конкретен. Најголема опасност се закануваше од преправените талибанци, кои се облекуваа во војнички униформи од авганистанската војска или полиција. Така никогаш не можеше да се знае кој е кој- вели соговорникот за „Слободна Далмација“, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен.

Загинатиот хрватски војник, Јосип Бришки


Тој самиот бил сведок на терористички напад.

- Имаше напад на воениот камп „Dark Horse" и морам да кажам дека беше многу лошо. Беше ужасно и за среќа никој не беше повреден. Сега во Авганистан најопасни се бомбашите самоубијци, кои ги немаше во време на советската инвазија на таа земја. Никогаш не знаеш кој што носи под облеката и сите се сомнителни. Никогаш не знаеш кога ќе експлодира- раскажува тој.

Тој смета дека воената мисија во Авганистан е тотално промашување.

- Не можеш да воведеш демократија во земја во која демоктаријата е непозната. Таму владеат племиња и нивните закони и така веќе илјада години. Не можеш да внесеш демократија во земја во која нема банкомати и во која жителите не знаат што е тоа. Каде нема асфалт, кој за нив е исто така апстрактен поим, таму каде што е само пустина и песок и каде нема питка вода- го открива своето мислење 35-годишниот војник.

Единствено поради кое се исплаќа да се оди во Авганистан е финансиската добивка.

- Платата беше многу задоволувачка, но не е сѐ во парите. Постоеше осигурување во случај на смрт или повреди. Мислам дека во случај на смрт на фамилијата на починатиот би требало да ѝ се исплати нешто повеќе од 50.000 евра, а за ранување не се сеќавам на износот. Тоа зависи од тежината на повредата. И екипата со која бев во Авгтанистан беше одлична. Сепак тоа е многу опасна земја, и многу опасна работа. Кога излегуваш од кампот, мора на себе да имаш кацига, панцир и да бидеш во блиндирано возило- вели поранешниот учесник на мисија во Авганистан.

Извор: Телеграф.рс/ Слободна Далмација