Еве каков лек „патентираше“ постар делчевчанец: ПРОТНУВАЊЕ ПОД ОРЕВ ЗА СПАС ОД КОРОНАТА

Хумористично, но и трагично.

Чекајќи ги вакцините, дел од граѓаните во земјава смислија секакви, дури и многу необични, или како што ги нарекуваат, народни и божји лекови за да се спасат од короната.

Еден човек смета дека во еден орев, поточно во неговиот корен, има божја сила која ќе ги спаси од короната.

Имено, откако лекот му се јавил на сон, 70-годишниот Страшо Димитровски од Делчево решил овој лек да го проба и во стварноста. 

Регионалната Мнет телевизија, на својот фејсбук профил пренесува телевизиски прилог, во разговор со човекот кој го „патентира“ овој лек. 

Оревот е на местото викано Брежје, во делчевско, во близина на реката Брегалница. 

Димитровски ископал процеп под гранките на два млади ореви. Телевизијата објавува дека овој човек вели дека за него и неговите блиски си го нашол лекот, и ги повикува сите кои веруваат во божја сила и народни лекувања, да дојдат и да се протнат под неговите корења за здравје. 

„Ми текна и го направив за народот, кој верува нека дојде, кој ме мрази, не мора да верува, ама кога ќе го налегне, ќе поверува“, вели Димитровски.

Но, тој верува и во медицината, подносно и во вакцината, и изјави дека штом ќе пристигнат вакцините, би се вакцинирал. 

А во делчевско, како што пишуваат, сега голем број граѓани веруваат дека протнувањето под ореов корен е лек против коронавирусот.

Димитровски поставил и обелержја како граѓаните да дојдат до локацијата каде што ќе го најдат овој лек.

Погледнете го прилогот.