ФОТОГАЛЕРИЈА: Слатка победа на Македонија против незгодната Словачка, два од два во претквалификациите за ЕУРО

Во вториот натпревар од групата „Д“ во августовскиот ФИБА „прозорец“, Македонија со  пресврт ја победи Словачка со 79:75.

Втор натпревар и втора победа на машката сениорска репрезентација на Македонија во августовскиот ФИБА „прозорец“ во втората фаза од претквалификациите за пласмна на Евробаскетот 2025.

Потешко од очекувањата, Словачка се покажа како „тврд орев“ во СРЦ „Кале“. Но нашите најдобри кошаркари најдоа сили, и го покажаа својот квалитет, во финалните десет минути го скршија отпорот на Словаците, доволно за втор успех во првиот круг. Оној наредниот, ноемврискиот, ќе го дочекаме со максимален резултат, две победи во два натпревари. А трета на ред на нашиот список, на 10.ноември е Норвешка, селекција која исто како и нашата, е со два триумфи. 

На половина од првиот период Словачка дојде до (12:9), сигнал за селекторот Александар Јончевски да побара тајм-аут. Да се најде начин да се сопре Мокран кој уфрли 8, од тие 12. поени на гостите.

Ѓуроски ја сопре серијата на противникот, кој имаше и плус 5. Донесе израмнување (14:14), прво на натпреварот во СРЦ „Кале“.  За момент, затоа што Словачка, по тројката на Абрахам, стигна до највисоко водство (22:15), како што беше резултатот во 8.минута. Иста беше нашата негатива и на почетокот на четвртината, (19:26).

Беше и уште поголема на почетокот на втората (19:28), пред Робев да погоди за три и намали на (22:28). Но имавме проблеми со реализацијата на нападите, што не беше случај со Словаците кои го кренаа процентот за тир поени. По точниот обид за три, на Ихринг, во средината на втората четвртина гостите имаа двоцифрени (36:26).

Вративме уште еднаш со поените на Робев и Стојановски (31:36). Но до истекот на полувремето не успеавме да го скршиме отпорот на жилавите Словаци.

Ја одбранија таа предност, и по 20.минути имаа предност (46:40).

Капитенот Стојановски имаше 12.реализации, Ѓуроски осум, додека нашиот прв поентер во Данска, Димитријевиќ, беше запрен на седум поени во првиот дел од играта.

Не се сменија многу работите и на почетокот на второто полувреме. Словачка одново побегна на двоцифрени (50:40), ги преполовивме со поените на капитенот Стојановски на (50:55), во 26.минута. А по „флоутерот“ на Димитријевиќ, веќе бевме многу блиску, на -3, (55:58). Но не го стигнавме водството на истекот на 30.минути. Словачка сеуште беше во предност (63:59).

Супер-тројката на Димитријевиќ требаше да донесе дополнителни мотиви кај нашите играчи во нападот. Дојдовме на еден посед негатива (66:68).

А на предизвикот одговори еден од најмладите во тимот, Андреј Јакимовски. Погоди за тројка, и за прво наше водство (69:68). Па положи за нешто повисоки (71:69).

По добрата одбрана во свој стил одбраната на Словачка ја „измеша“ Димитријевиќ, за предност која се стигнува од „два напади“ (73:69). А веќе во наредниот, покажа дека е лидер во овој состав. Погоди тројка за победа (76:69).