Голем успех за „Диџеј Ахмет„ на Унковски - во официјална конкуренција на Санденс!

„Диџеј Ахмет“, дебитантскиот долгометражен филм на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, својата светска премиера ќе ја има на престижниот филмски фестивал „Санденс„ 2025, како дел од натпреварувачката категорија на интернационалната филмска програма.

ЗА ФИЛМОТ

Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, Македонија, „Диџеј Ахмет„ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и само откривањето на еден тинејџер, поставена на динамична позадина во која се судруваат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траеше 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и македонски јазик.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ Дуда, снимател на тон Павел Јан. Монтажата ја изработи Михал Раих, композитори се браќата Синкауз од Хрватска, а дизајнери на звук се Миросла Червена Чалупка и Лудвиг Бохадло.

Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора АканЗлатанова, Агуш Агушев кои за прв пат се појавуваат на филмското платно и Аксел Мехмет. Во останатите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други.  Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска, линиски продуцент Виктор Павловски.

Диџеј Ахмет е копродукција помеѓу Синема Футура и Сектор филм од Македонија, Алтер Вижн и Аналог Вижн од Чешка, Бекрум продукција и Баш челик од Србија, 365 Филмс од Хрватска. Филмот е поддржан од Агенција за филм на Р.С. Македонија, Чешки филмски центар, Филмски центар Србија, Хрватскиот аудио визуелен центар, СЕЕ Синема Нетворк како и од европскиот филмски фонд Еуримаж.

ИЗЈАВА НА РЕЖИСЕРОТ
„Премиерата на Санденс е неверојатна чест,“ вели режисерот Георги М. Унковски. „DJ Ахмет е длабоко лична приказна за пронаоѓање на сопствениот глас во свет кој често го замолчува. Преку патувањето на Ахмет, се надевам дека ќе ја истакнам универзалната борба меѓу традицијата и самоизразувањето. Санденс е совршена платформа за да се сподели оваа приказна со светската публика.“

ЗА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ САНДЕНС
Филмскиот фестивал Санденс е еден од најпрестижните светски фестивали за независно кино. Познат по откривање на храбри нови гласови во филмската уметност, изданието за 2025 година ќе се одржи од 23 Јануари до 02 Февруари во Парк Сити, Јута.Од многу голем број на аплицирани филмови ширум светот, примени се околу 80тина. „ДЈ Ахмет„ на Унковски е меѓу десет филмови кои ќе се натпреваруваат во меѓународната програма.Годинешниот филмски фестивал Санденс ветува возбудливо издание со присуство на познати актери и режисери. Потврдени се учествата и на Оливија Колман, Џон Литгоу, Бенедикт Камбербач, Џенифер Лопез и Џош О’Конор кои ќе ги претстават своите најнови филмови. Фестивалот исто така ќе понуди разновидни панели и дискусии, зацврстувајќи ја својата позиција како врвна манифестација за промоција на најнови достигнувања од филмот.

СИНЕМА ФУТУРА
Основана во 2013 година од Иван Унковски, е продукциска куќа посветена на оригинални гласови во киното. По успехот со краткометражниот филм Sticker, прикажан на Санденс во 2020, oва е второ учество на фестивалот во програмата со долгометражни филмови.

ЗА РЕЖИСЕРОТ:

Георги М. Унковски е роден 1988 година, во Њујорк. Студирал фотографија на Институтот за технологија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на FAMU во Прага, Република Чешка. Ова е негов прв долгометражен филм. Неговиот претходен краток филм својата премиера ја имаше исто на Санденс 2020, а потоа се прикажа на повеќе од 220 фестивали и повеќе стреаминг платформи како ХБО, МУБИ и CANAL+ и освои повеќе од 50 награди.