Горан Здравковски заедно со регатата ја „покорија“ реката Вардар: По патот на Гемиџиите- Извеслани 260 км. на 50 степени
Гемиите и гемиџиите ги испишаа најубавите страници во историјата на Велес и Македонија, одбележувајќи го периодот кога градот го доживеа својот најголем духовен, образовен и стопански подем во средината на 19 век. Гемијата и гемиџиите на Вардар станаа светла страница на велешката- македонската историја и традиција.
Денес, во 21 век, таа традиција не е заборавена, туку возобновена и успешна. Ако претходните регати одеа само до Гевгелија, сега за прв пат се веслаше до Солун, каде Вардар се влева во Егејското море. Ова е голем подвиг, а за тоа како беше, разговараме со Горан Здравковски, член на експедицијата кој ни раскажа фантастична приказна за патешествето:
ММ. Како и кога започнавте со пловење низ
Вардар? Сепак е предизвик кој успешно го возобновивте- вие и вашата екипа...
- Првиот ентузијастички обид е направен во 1953-та година, кога група млади кајакари се пуштиле по Вардар некаде до Гевгелија. Со поддршка на Индустриските капацитети кои тогаш функционирале во Велес, во 80-тите години повторно се организирала неколку години по ред и на почетокот на 90-тите е прекината.
Во возобновувањето на Вардарската регата во 2010 година, учествуваа повеќе чинители. Општина Велес, Сојуз на Спортови, Вардарскиот плански регион, Извидничкиот одред, Кајакарските клубови од Велес и останати ентузијасти, кои сите заеднички имаа една идеја, дека треба да стане традиција, но истовремено и атракција, а на тој начин и да се оддаде почит кон нашите предци, на кои ние како Велешани сме премногу горди. Од 2010 година наваму редовно се одржува регатата (со прекин од една година поради короната), но оваа 2024-та година, за прв пат успеавме да стигнеме до Солун и да го изодиме во целост патот на Гемиџиите.
ММ. Колку членови обично содржи една регата, со какво пловно сретство пловите и што е неопходно од опрема при таква едно пловно патување?
- Гемиџиите всушност биле трговци од Велес, кои својата стока ја носеле со дрвени чамци кои се викале Гемии, и според нив го добиле својот назив. Реката Вардар во средината на 19-ти век била најбрзиот пат како да се стигне до Солун, каде стоката се продавала во Солунското пристаниште, а од тему потоа завршувала низ цела Европа. Интересно е што најчесто тргувани производи биле козјите кожи и катранот кој во тоа време се правел од афионот кој се одгледувал на велешките полиња.
На една гемија која изворно била долга околу 6 метри, се превезувале по 10-тина луѓе. Денес регатата ја организираме со гумени чамци на кои има 4-6 луѓе, а задолжителна е и заштитна опрема односно елеци за спасување. Исто така, сметајќи на тоа дека кампувањето се одвива под отворено него, се носат и шатори и вреќи за спиење на учесниците. Секако, имаме логистичка поддршка и од копно, посебно во делот на транспорт на храна.
Имајќи го во предвид денешниот и некогашниот начин на патување, навистина нашите предци заслужуваат голема почит!
ММ. Всушност, Вие успеавте да го направите она што го направија Гемиџиите или таканаречениот пат на Гемиџиите? Што подразбира тоа?
- Оваа година имавме идеја да стигнеме до Солун. Единствениот начин беше да се обезбеди дозвола за пловење низ грчкиот дел на Вардар, а тоа го направивме благодарение на Извидничкиот одред Димитар Влахов од Велес, кои склучија договор за соработка со Солунските извидници, па преку нив се обезбеди потребната дозвола. Сакам тука да ја истакнам поддршката од извидниците од Солун, кои ги завршија сите административни работи, но и ни беа логистика за време на патувањето и пристигнувањето. Се надевам дека следната година ќе бидат со нас уште од самиот старт. Ова практично значи дека учесниците на овогодинешната регата беа оние кои први после 121 година, успеале да стигнат пловејќи по Вардар од Велес до Солун, што е навистина голем подвиг.
ММ. Каков беше токму последниот подвиг? Како што потенциравте- за прв пат ја преминавте и другата страна на реката, онаа во Грција... Со што се соочивте, колку траеше „патувањето“, дали имаше некои непредвидени ситуации?
- Од целата организација сфативме дека Грција е доста централизирана Држава во однос на носење одлуки и обезбедување на дозволи, но сепак благодарение на нашите пријатели, успеавме. Организацијата беше на ниво на перфекција, без никакви непредвидени ситуации или изненадувања. Границата ја поминавме според планираното, движењето се одвиваше според планираното, но морам да ја истакнам и одличната координација со ЕСМ, кои постојано го дозираа речното корито со испуштање на потребната количина на вода од браните, со цел пловеќето да се одвива по нормален водостој. Во сите 6 дена пловеќе, најголемиот непријател ни беше температурата, која на сонце надминуваше 50 целизиусови степени.
ММ. Каков е Вардар? Дива или питома река, погодна за речен туризам или не?
- Ако бидам искрен, би рекол дека Вардар е жална река. Река со огромен потенцијал, но река која дефинитивно не го заслужува третманот кој во моментов го добива и од граѓаните и од Државата. Има потенцијал за развој на туризам, но не верувам дека било кој турист би можел да ужива во овие услови.
ММ. Каква е нашата, а каква е грчката страна на Вардар? Што забележавте?
- Вардар на македонската и грчката страна е целосно различен. Како да се работи за две различни реки. Два дена пловевме по Вардар низ Грција, не видовме ниту едно пластично шише или пак работи кои ги гледавме низ македонскиот дел. Во Грција нема ниту една отпадна вода која се влева во Вардар, сепарациите за ископ на песок работат по друга технологија која не го нарушува речното корито за разлика од кај нас, има две хидроцентрали кои го користат потенцијалот на водата, а делтата каде Вардар се влева во Егејското море е национален парк и заштитена зона. Искрено вреувам и се надевам дека и ние за брзо ќе сфатиме и ќе преземеме мерки за заштита на реката која сакаме да ја претставиме како гордост, но кога пловиш по нејзе се забележува дека е нешто сосема спротивно.
ММ. Патот ве одведе до делтата, каде Вардар се влива во морето кај Солун. Дали таму водостојот е голем?
- Делтата е најтешкото место за пловење. Таму Вардар се разгранува на 8 крака и тоа повеќе личи на мочуриште отколку на река. Исклучително е тешко да се плови, зошто водостојот е низок, реката е широка, а е на надморска висина скоро иста со морето. Последната фаза е дефинитивно најтешка да се помине, и физички но и ментално.
ММ. Што треба да се направи за да заживее речниот туризам кај нас?
- Речниот туризам може да заживее, но прво треба да ја зголемиме еколошката свест. Се додека го користиме Вардар како депонија и место каде ќе ја насочуваме канализацијата, нема туризам. А потенцијалот е присутен. Треба цврста реширтелност дека сакаме да успееме, а технички ќе се најде начин како сето тоа да се изведе.
9. Што треба воопшто да се направи со реката Вардар долж македонското течение? Дали Вардар сеуште има солиден водостој или на одредени места има многу малку вода?
- Оваа година за среќа и акумулациите и реките се полни со вода. Имало години каде тоа не било случај, па со самото тоа и места каде на одредени делници сме морале чамците и да ги носиме на раце. Она што треба да се направи е масовна еколошка акција за чистење на реката од шишиња, апарати за домакинство, гуми, заглавени дрва, желенизчки шини! Исто така неопходно е да се регулира начинот на работа на компаниите кои се занимаваат со сепрација на песок да не се нарушува речното корито, поставување на колекторки системи и прочистителни станици... Додека не се преземат овие мерки се е залудно, без разлика каков е водостојот.
ММ. Имаше ли некоја интересна анегдота или случка при пловењето на реката?
- Анегдоти и забава на претек. 8 чамци, 45 луѓе на возраст од 16 до 75 години, 6 дена пловеќе, извеслани 260км низ две држави. Анегдотите доаѓаат сами по себе, поради тоа ги покануваме сите ентузијасти кои сакаат да ни се придружат следната година.
Небојша Толески
Фото. Приватна архива