Играта која Скопје го претвори во пост-апокалиптична авантура: Интервју со Dark1 креаторите

Најавата за новата игра Skopje звучи навистина примамливо, дури и се поклопи со актуелната состојба во главниот македонски град кој во полицискиот час кога нема никакво движење и има пост-апокалиптична атмосфера на напуштеност и отсуство на луѓе. Зад оваа игра стои тимот на Dark1, составен од Кристијан Трајковски, Симон Стојановски и Марко Зарев. Замислата за Skopje е да биде стилизирана пост-апокалиптична акциона игра во прво лице (FPS) со стрип дизајн за уникатна позадина и што е уште поважно играчите ќе може да се сретнат со иконски градби од Скопје во бруталистички стил изградени по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Концепт уметничките скици за Skopje изгледаат фантастично, па за очекувањата за финалниот производ и за предизвиците на македонската гејминг индустрија разговаравме со тимот на Dark1.

Како се одвиваше креативниот процес на наоѓање на соодветни градби, локации и сцени од скопското поднебје за една пост-апокалиптична игра, дали создавањето на една таква специфична атмосфера во која би се внел играчот е можеби рецептот за успех?

Со цел наоѓање на соодветни градби и локации, одвоивме еден ден во кој ги посетивме најголемите и најзначајните бруталистички градби и локации во Скопје, и ги фотографиравме. Ние цврсто веруваме дека создавањето на една ваква уникатна атмосфера ќе биде интересна и за луѓето коишто живеат или го посетиле Скопје, а истовремено ќе биде и возбудлива за играчи коишто прв пат слушаат за градот. Се решивме да го доизградиме визуелниот стил на играта со стрип елементи, коишто го дополнуваат целокупното темно пост-апокалиптично сценарио.


Dark1:Какво искуство поседувате во тимот на Dark1, на кои игри досега сте работеле и како тоа влијаеше на развојот на Skopje?

Dark-1 како тим постои и работи уште од 2012 година и има посетувано и освојувано награди на голем број натпревари за создавање на игри: GlobalGameJamSkopje, NordeusHackathon, NordicGameJam, LudumDare. Покрај настани, тимот има професионално искуство со развој на видео игри, работејќи во компании како TesseractInteractive (Excubitor) и NapNokGames. Дарк-1 е регистрирана компанија од почетокот на 2018 и нашата прва игра како Дарк-1 – “OdiumtotheCore” е достапна на iOS, PC, Xbox One и NintendoSwitch платформите.

Дарк-1 е искусен тим со долгогодишно искуство, и тоа се познава по„Скопје“.

Во екот на пандемијата со корона вирусот гејминг индустријата прерасна во еден од економските победници, прометот е зголемен, а бројот на играчи постојано расте. Како гејминг заедницата даде придонес во спречување на заразата со примена на препораките за седење дома, и како македонските гејмери вклучително и гејминг студија како вас се поставија кон овој предизвик?

Гејминг заедницата прерасна во најдобриот водич во справување на здодевноста во овој период. Дарк-1 даде свој придонес за справување со пандемијата, нудејќи ја нашата игра OdiumtotheCore бесплатно во периодот март – април.

https://dark-1.com/2020/03/17/OdiumFree.html

Покрај Odium, развивме и ARG – онлајн загатка поврзана со новата игра Скопје. Загатката е достапна наhttps://skopje.dark-1.com/terminal/ . Играта содржи информации и дел од приказната за светот во кој се одвива „Скопје“. 

Гејминг индустријата и во Македонија полека зема поголем замав, расте бројот на девелопери и можности за пласман на пазарот. Како овој еко-систем влијае на вашата работа, тешко ли е целосно да се развие игра како Skopje на ова поднебје, што се е потребно?

A: Развој на видео игри е огромна работа, и бара навистина посветен тим, многу време и ресурси. Видео игрите вообичаено се развиваат во рок од неколку години. Гејминг индустријата во последните неколку години полека но сигурно расте во нашата држава. Зголемувањето на нови, заинтересирани и талентирани луѓе и воедно зголемувањето на професионалниот кадар ги подобрува можностите за меѓусебна соработка, споделување на вештини и се разбира огромна локална поддршка.

Кога може да ја очекуваме финалната верзија на Skopje, на кои платформи ќе биде достапна и кои се вашите желби за играта?

„Скопје“ наскоро ќе биде достапна како „Early Access“ игра на Steam. Нашата желба е „Скопје“ да биде светски успешна и препознатлива игра преку која Дарк-1 ќе може да прерасне во препознатлив бренд за развој и создавање на видео игри. Оваа игра може многу да им значи на луѓето коишто живеат во Скопје токму поради фактот дека нивниот град е основата на едно невообичаено дејство во видео игра.