ИНТЕРВЈУ д-р Елена Бабаљ Бансколиева: Превентивната медицина е инвестиција во иднината на здравиот човек. Ако успееме да поттикнеме барем еден човек повеќе да направи преглед навреме – тогаш сме направиле вистинска разлика!
По повод месецот на машко здравје Мовембер, разговаравме со д-р Елена Бабаљ Бансколиева, специјалист интернист и супспецијалист нефролог за најкарактеристичните машки болести, важноста на превентивни методи, како и за соработката со компанијата dm drogerie markt за реализирање на бесплатни прегледи во болницата Д.мед Медикал.
1. Во изминатите години се забележува пораст на јавните иницијативи насочени кон подигање на свеста за машкото здравје. Како овој тренд се рефлектира во Вашата професионална практика? Дали мажите денес покажуваат поголема подготвеност за редовни медицински прегледи и превентивни контроли?
д-р Елена Бабаљ Бансколиева: Во последните години навистина се забележува позитивен тренд во односот на мажите кон сопственото здравје. Сè поголем број пациенти проактивно се обраќаат за редовни превентивни контроли, особено во делот на прегледи поврзани со уринарниот тракт и простатата. Тоа е резултат на континуираните јавни кампањи, едукативни настани и медиумска поддршка кои создаваат општествена клима во која постепено се рушат предрасудите и стравот поврзани со машките прегледи.
Од професионален аспект, оваа промена е од огромно значење. Превенцијата и раната дијагностика се клучен фактор за намалување на морбидитетот и морталитетот кај најчестите машки заболувања. Раното откривање на состојби како бенигна хиперплазија на простата, карцином на простата или мочен меур, инфекции на уринарниот тракт или почетни промени во функцијата на бубрезите, овозможува навремено лекување и значително подобрување на прогнозата.
Она што го гледаме во праксата е дека мажите кои редовно доаѓаат на годишни контроли, особено по 40-тата година, имаат помал ризик од компликации и потреба за итни интервенции. Со тоа се намалуваат и хоспитализациите, се подобрува квалитетот на живот и се зголемува свеста дека здравјето е континуиран процес, а не реакција на симптоми. Денес можеме да кажеме дека мажите сè повеќе ја прифаќаат превенцијата како дел од културата на живеење, а не како обврска. Оваа промена е резултат на едукација, достапност на услуги и доверба во здравствениот систем, фактори кои се неопходни за долгорочно одржлива промена на навиките.
2. Болницата Д.мед Медикал оваа година активно се вклучи во кампањата „Мовембер “, реализирана со поддршка од компанијата dm drogerie markt. Кои беа клучните активности во рамките на оваа соработка и какво влијание имаа тие во јавноста?
д-р Елена Бабаљ Бансколиева: Оваа година Д.мед Медикал со голема посветеност и гордост се вклучи во кампањата „Мовембер – машко здравје“, во партнерство со dm drogerie markt, со цел заеднички да ја подигнеме свеста за значењето на превентивната медицина кај мажите и потребата од редовни прегледи.
Во рамките на кампањата реализиравме јавен здравствено-едукативен настан во Градски парк, каде граѓаните имаа можност директно да се информираат и консултираат со наши доктори-нефролози, кардиолози и лекари од други специјалности. На штандот се делеа ваучери за бесплатни прегледи на уринарен тракт и простата, како и ехо-преглед на тестиси, придружен со тумор маркери за тестикуларен карцином (β-HCG и AFP) и ПСА анализа како маркер за простата.
Овие активности не беа само симболичен гест, туку медицински поткрепена иницијатива насочена кон рано откривање на заболувања кои често се асимптоматски во почетните фази. Раното откривање на покачен ПСА, микроскопска хематурија или палпаторна промена на тестисите овозможува навремена дијагностика и целосно излекување во голем дел од случаите.
Одѕивот беше навистина голем, што укажува дека јавноста сè повеќе ја разбира важноста на превенцијата. Само за време на овој настан, беа направени десетици консултации кои резултираа со идентификација на неколку случаи кои побараа дополнителна дијагностичка обработка, што само ја потврдува вредноста на ваквите кампањи во раното откривање на заболувања.
Ова партнерство со dm drogerie markt претставува пример како една здравствена институција и општествено одговорна компанија можат заедно да придонесат кон јавното здравје. Нашата мисија беше не само да укажеме на важноста на редовните прегледи, туку и да го нормализираме разговорот за машкото здравје – тема која долго време била запоставена.
Кампањата покажа дека преку едукација, достапност и емпатија можеме да создадеме култура на превенција, доверба и рана интервенција, што е суштината на современата медицинска пракса.

3. Кои се најважните препораки што би им ги упатиле на мажите во однос на превенцијата, навремена дијагностика и редовното следење на нефролошките заболувања?
д-р Елена Бабаљ Бансколиева: Најважната порака што би сакала да ја упатам е дека превенцијата е најмоќниот инструмент во современата медицина таа буквално спасува здравје, време и живот. Многу уролошки и нефролошки заболувања се развиваат тивко, без изразени симптоми, сè до напредната фаза кога третманот е многу покомплексен. Затоа, редовните нефролошки контроли се единствениот начин за навремено откривање на промени во функцијата на бубрезите или простатата.
Препорачливо е маж на 45+ години (за оние со позитивна генетска предиспозиција), а 50+ за секој маж најмалку еднаш годишно да направи комплетен нефролошки и уролошки преглед, кој вклучува ехосонографски прeглед анализа на крв и урина, како и специфичен ПСА тест како тумор маркер за простатата. Дополнително, карциномот на тестис е почест во младата популација на возраст од 20-40 години и практикувањето на самопрегледот на тестисите еднаш месечно е едноставна, но исклучително ефикасна мерка за рано откривање на тестикуларни промени.
Во пракса често забележуваме дека дури и мали отстапувања во лабораториските вредности, како лесно покачени лабораториски вредности можат да бидат прв сигнал за почетни бубрежни заболувања. Од друга страна, превенцијата не се однесува само на медицинските прегледи. Таа подразбира и усвојување на здрави животни навики:
- внес на доволна количина течности (1.5 –2 литри дневно),
- ограничување на сол и зголемен протеински внес во исхраната,
- редовна физичка активност и одржување на нормална телесна тежина.
Редовната грижа за здравјето е најсигурната инвестиција во долгорочен и квалитетен живот. Како лекари, секојдневно гледаме дека пациентите кои навремено реагирале и ги следеле препораките имаат значително подобра прогноза и поквалитетно живеење, што уште еднаш ја потврдува суштинската важност на превенцијата.
4. Од Вашето лично искуство со пациенти, можете ли да наведете конкретни примери каде навремена интервенција или редовен преглед значително ја подобри здравствената состојба на пациентот и докажува колку е важна превенцијата?
д-р Елена Бабаљ Бансколиева: Во моето секојдневно работење имам бројни примери кои јасно го потврдуваат значењето на раната интервенција и редовната контрола. Еден од нив е пациент на 47 годишна возраст кој дојде на рутински скрининг при систематски преглед од компанијата без никакви симптоми, но при преглед беше забележано покачено ниво на ПСА и минимални ултразвучни промени на простатата. Пациентот даде податок за позитивна анамнеза со карцином кај неговиот татко и чичко. Втор пример пациент на 43 годишна возраст без никакви ризик фактори и штетни навики во исхраната со појава само на хематурија (крв во урината) беше дијагностициран со карцином на мочен меур. Благодарение на навремената нефролошка дијагностика и понатамошната уролошка доевалуација, беше откриен почетен стадиум на карцином на простатата и веднаш беше спроведен соодветен оперативен третман. Двата пациентот сега се во добра состојба со редовни контроли што уште еднаш потврдува дека раното откривање е клучот за успешен исход.
Во медицината, токму ваквите случаи се најдобриот доказ дека превенцијата не е само препорака таа е највредната форма на лекување. Една редовна контрола може да направи огромна разлика, не само во здравјето, туку и во квалитетот на живот, психолошката стабилност и долгорочната продуктивност на пациентот.
Овие искуства нè потсетуваат дека медицината не е само реакција на болест, туку постојана грижа и партнерство со пациентот во корист на неговото здравје. Превентивната медицина е токму тоа - инвестиција во иднината на здравиот човек. Нашата мисија како лекари е не само да лекуваме, туку да воспитуваме култура на здравје и одговорност, особено кај мажите кај кои превентивните прегледи често се одложуваат.
За крај би додала : Ако успееме да ја промениме таа навика и да поттикнеме барем еден човек повеќе да направи преглед навреме – тогаш сме направиле вистинска разлика!
*Пр објава