Интервју со градоначалникот на германскиот град Херинген, Македонец по потекло: Сакав да им го вратам на градот и на луѓето она што ми го дадоа
Градот Херинген се наоѓа во Германија. Иако мал, има богата историја, а се споменува уште во 1153 година. Најпознат е по калиумот кој се ископува, рудникот денес е најголемата област за ископ на калиум во светот и има површина приближно исто како и Минхен. Изобилува со прекрасни пејсажи, чиста природа и неверојатно зеленило. Е, токму на овој град гадоначалник е Македонец, односно нашинец со македонско потекло. Даниел Илиев е човекот на кој градот му ја даде довербата во два мандати. Исклучително посветен во својата работа, лесно достапен за соработка со граѓаните, спортува и верува дека за добар живот се потребни страст и добри пријатели. Во Македонија се рашири веста дека Македонец успеал да биде градоначалник во една од највисоко развиените земји во светот, па ние решивме да го контактираме, специјално за Машки магазин:
ММ. Каде го поминавте детството? Дали вашите родители се Македонци? Колку долго живеете во Германија и каде, на кој факултет го завршивте образованието?
- Роден сум во Бад Херсфелд, Германија и живеев уште од мал во Херинген, каде што го поминав целото мое детство. Моите родители се од Радовиш, Македонија. Откако отидов на училиште во Херинген, потоа заминав во Јена на за да студирам. Студирав политички науки, јужнославистика и историја на економија.
ММ. Како се вклучивте во политиката? Што беше пресудно и на која политичка партија припаѓате?
- Јас сум член на социјалдемократската партија во Германија повеќе од 16 години. Секогаш бев заинтересиран за политика и сакав да го направам светот подобро место.
ММ. Како решивте да станете градоначалник на градот? Што беше пресудно?
- Херинген е мојот роден град. Тоа е градот во кој живеат моите пријатели и семејството. Затоа сакав да им го вратам на градот и на луѓето она што ми го дадоа мене.
ММ. Каков град е тоа? Кој е заштитен знак на градот и каде точно се наоѓа?
Херинген е мал град во срцето на Германија во покраината Хесен. Источно од Франкфурт на оддалеченост од 170 километри. Тој е обликуван од неговата историја на ископување калиум.
ММ. Со кои и со какви проблеми се соочуваат жителите најчесто?
- Ова не може да се одговори во неколку реченици.
ММ. Кои се Вашите најголеми достигнувања во однос на градот?
- Има неколку достигнувања. Го намалив отсекот за повеќе од 30 милиони евра. Почнав да градам нови улици и спортски области. Администрацијата се дигитализира...
ММ. Што нуди градот за оние кои сакаат да го посетат?
- Нуди прекрасен пејзаж, убави луѓе и многу активности.
ММ. Зошто мислите дека го добивте вториот мандат и довербата од граѓаните?
- Мислам дека зависи од тоа колку сте страсни во работата како градоначалник. Ја живеам мојата работа 24 часа 7 дена во неделата. Доколку граѓаните имаат прашања, можат да ме контактираат на повеќе начини. Не само лично, може да ме контактираат и преку телефон, социјални медиуми, пошта итн. Можеби ова е причината зошто ми веруваат.
ММ. Дали сте биле во Македонија?
- Кога бев мал, секоја година ја посетував фамилијата и роднините. Во денешно време се трудам да ја посетам Македонија секогаш кога е можно.
ММ. Дали би можело да има соработка со градот чиј градоначалник сте и македонски град?
- Да, мислам дека ова е можно.
ММ. Дали сте во брак, како го поминувате слободното време, со што најмногу сакате да работите?
- Не сум женет и немам деца. Сè уште сакам да играм фудбал со мојот тим „SG Werratal“.
ММ. Кое е вашето животно мото?
Никогаш не се откажувај!
ММ. Што е потребно за добар живот?
- Страст и добри пријатели.
Небојша Толески
Фото: Фб