Искрено со Кире Лазаров за Машки магазин: Година за заборав, после дождот доаѓа сонце
Кире Лазаров е
пред се’ голем човек. Неговата силина не е само во ракометот, туку и во
рационалното размислување, менталниот склоп, погледот кон нештата, да ѝ погледне на реалноста
директно во очи и да се соочи. Нашиот најдобар ракометар и капитенот на
Македонската ракометна репрезентација во интервју специјално за Машки магазин
зборува отворено за годината која изминува, ударите на коронавирусот, блокадата
која сите не‘ блокира, за животните лекции извлечени од пандемијата и за
надежта која не‘ крепи до последниот атом... всушност каков што е Кире на
теренот- до последен атом да игра со срце и играта да ја круниса со триумф.
MM. Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? Колку Ве промени?
- Година која ќе ја памтиме долго. Ново искуство кое не‘ научи да се прилагодуваме за да можеме и во такви услови да функционираме. Предизвици имаше многу кои се надевам не научија да бидеме умерени, позитивни и успешни дури и во вакви моменти. Ова е ново животно искуство кое ќе му служи на секој во иднина...
ММ. Што се промени во Вашите очи со оглед на тоа што пандемијата некако го промени текот на размислување општо за животот?
- Неочекуваните работи се и најголемите предизвици со кои човек треба да се справи. Сите обврски кои ми беа заостанати сега имав време да ги дозавршам со оглед на времето поминато дома во пандемијата. Семејството го запознав уште подобро посебно моите деца за кои немав многу време дури светот функционираше нормално со оглед на моите обврски со спортот. Времето поминато во изолација го искористив за еден целосен ‘рефреш’ и мислам дека сега имам многу почиста визија за она како изгледало до сега и како ќе изгледа понатаму во однос на моето функционирање.
ММ. Колку ракометот Ви помогна да се справте со секојдневниот товар предизвикан од пандемијата?
- Спортот е најдобриот избор посебно за вакви стресни и несекојдневни ситуации. И покрај забраните и редуцирањата за спортување, секоја мала можност ја користев да спортувам дали екипно со мојот тим или индивидуално. Како и сите области во животот така и спортот беше многу погоден со пандемијата посебно со играњето натпревари без публика, тренирање во групи по 3, 4 играчи за да се испочитуваат протоколите против Ковид- 19... Не е истиот филинг СО или БЕЗ овие работи што ги набројав, но благодарен сум што и на овој начин успеавме некако да се организираме и колку толку да функционираме.
ММ. Дали оваа година се случија убави работи за вас и кои?
- Година за заборав. Повеќе време и место би потрошил доколку би ги набројувал негативните работи отколку позитивните. Старите велат после дождот доаѓа сонце... Со надеж и оптимизам дека оваа година поминува и не‘ очекуваат многу подобри години во иднина, со многу здравје пред се‘...
ММ. Како успевате да ги усогласите обврските со семејството и ракометот? Имате многу ангажмани, па како ставите се‘ под контрола?
- Мојата фамилија функционира вака повеќе од 20 години... Секој си ги знае своите обврски и си ги извршува максимално професионално. Некако се навикнавме на овој начин на спортско професионално функционирање. Поминавме различни држави, култури, запознавме различни луѓе,создадовме контакти низ ракометна Европа, стекнавме пријатели, научивме различни јазици... сето ова бара голема жртва, но од друга страна е и огромна предност за квалитетна иднина. Благодарен сум на нив за трпеливоста и посветеноста затоа што животот на професионалните спортисти од високо ниво бара големи жртви и посветеност...
6. Како е во вашиот матичен клуб Нант? Дали останувате во него, кои се идните ваши планови?
- Клубот со оглед на пандемијата е еден од постабилните и е клуб со предиспозиции за квалитетна иднина во Франција и Европа. За планови треба да се почека понатаму со оглед на пандемијата затоа што ретко кој планира во вакви времиња, а и да сака да планира е тешко бидејќи ситуацијата се менува од ден во ден.
ММ. Како ќе ги прославите празниците (Нова Година и Божиќ)? Дали Ве фати празнична еуфорија и покрај пандемијата?
- Оваа година ќе ги прославиме во домашна атмосфера со најблиските и ќе ги испочитуваме сите протоколи.
ММ. Ваша Новогодишна порака?
- Многу здравје!!!
Небојша ТолескиФото за главна: Francebleu.fr; Инстаграм