Историскиот роман „Се викам црвена“ од Орхан Памук излезе од печат во издание на „Арс Ламина“

Историскиот роман од најпознатиот современ турски писател Орхан Памук, „Се викам црвена“, деновиве излезе од печат на македонски јазик, со ново руво, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Ова е петто дело од Памук публикувано во едицијата „Современи класици“ на „Арс Ламина“, по „Истанбул: Сеќавањата и градот“, „Белата тврдина“, „Нов живот“ и „Жената со црвена коса“, кои наидоа на добар прием кај читателите.


Орхан Памук е најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература во 2006 година. Неговите дела се занимаваат со соочувањата помеѓу Истокот и Западот, со проблемите на уметноста и на идентитетот, а честопати се споредувани со оние на Џојс, Набоков и Маркес.

Истовремено суптилна мистерија, заводлива љубовна приказна и медитација на природата на сликарството, романот „Се викам црвена“ магично нè носи во XVI век, директно во јадрото на религиските и политички интриги на Отоманската Империја. Самиот поделен помеѓу двете традиции, Орхан Памук уште еднаш ја демонстрира својата калеидоскопска визија, во која вешто се сопоставени Истокот и Западот, единката и општеството, религијата и уметноста.
Султанот издал наредба да се создаде книга што ќе ја прослави неговата империја. Собрани се најспособните и најталентираните минијатуристи кои ќе ја украсат книгата на дотогаш невиден начин. Но, проектот мора да остане во тајност, бидејќи илуминациите треба да бидат изработени во европски стил, а исламот е многу строг кон фигуративната уметност. Паниката избива во прв план откако еден од минијатуристите е пронајден мртов: сликарската контроверзија многу лесно може да се претвори во религиски и во политички скандал со незамисливи последици.

Романите од Орхан Памук во издание на „Арс Ламина“ се достапни на следниот линк:
https://literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=8874


ПР објава