Јанкуловски до проректорите: Процедурата за избор на ректор ќе зависи од мерките на државата во оваа ситуација
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски реагира на објавени коментари од тројца проректори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на порталот Канал 5 ТВ.
Тој преку соопштение до јавноста вели дека нивните наводи се во целост неосновани и се дел од нивните тенденции за рушење на угледот на ректорот на Универзитетот а како што посочува овој пат за таа цел ја користат состојбата во која се наоѓаме заради Корона вирусот
Подолу го пренесуваме неговиот став:
„Заради вонредните околности во кои се наоѓаме поврзани со Корона вирусот, а истовремено и заради запазување на рокот за започнување на постапката 6 месеци пред истекот на мандатот на постојниот ректор на кој мандатот му трае до 15.9.2020 година, согласно со членот 171 од Статутот на УКИМ, седницата на Ректорската управа на која се донесе Одлуката за започнување на постапката за избор на ректор за мандатниот период 15.9.2020 година до 15.9.2023 година, беше одржана по електронски пат.
Оглас не е објавен бидејќи согласно со хронологијата на изборниот процес утврден со Статутот на УКИМ, Ректорската управа носи одлука за покренување постапка за избор на ректор, а Одлуката за објавување оглас за избор на ректор ја донесува по формирањето на Универзитетската изборна комисија од страна на Сенатот, како што е утврдено со одредбата од членот 173, став 2 од Статутот на УКИМ.
Постапката е само формално започната единствено од правни причини да се запази рокот, а потоа другите дејствија да се одложат и тоа: формирањето на Универзитетска изборна комисија, објавување оглас, гласање и сл. Правно е невозможно изборниот процес да се одложи ако воопшто не е започнат! Затоа им порачувам на проректорите да не се грижат зошто не ја разбрале процедурата пропишана со Статутот на УКИМ. Натамошната процедура за избор на ректор ќе зависи од мерките што во иднина ќе се преземаат од страна на државата.
Во случај да не ја започнев постапката, како што истакнав таа само формално е започната заради запазување на рокот и можноста за одлагање на другите дејствија, пак ќе бев обвинуван дека сакам да ја искористам ситуацијата и да си го продолжам мандатот.
Единствено точен е наводот на проректорите дека седницата траеше 3 дена, дебата имaше, но проректорите немаа свои аргументи во дебатата со повеќе од 20 декани и директори, членови на Ректорската управа, па од тие причини не им преостанува ништо друго, туку своите „аргументи” да ги изнесуваат вон седницата, дезавуирајќи ја јавноста.
Во врска со изборот на претседател на Сенатот, истиот ќе биде избран по престанок на мандатот на сегашниот ректор, како што е утврдено со одредбата од членот 221 од Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија бр. 82/2015). Според оваа одредба ректорот продолжува да ги врши функциите за кои е избран до истекот на неговиот мандат. Една од функциите на ректорот при неговиот избор е и свикувањето и претседавањето со седниците на Сенатот. Така, според одредбата, ректорот оваа функција ќе ја врши до истекот на неговиот мандат“.