Јордан Тасевски пртетседател на МССФ: Децата што тренираат стрелаштво, никогаш не би пукале во човек
Случајот со тринаесет годишниот ученик Коста Кецмановиќ од Белград, кој уби осум школски другарчиња, го насочи вниманието и кон стрелаштвото, еден од најпопуларните олимписки спортови, уште од времето на поранешна Југославија.
Јордан Тасевски тренер во државната стрелачка федерација и во најдобриот стрелачки клуб „ Стрелец“ од Скопје, посочува дека мотив за громорозниот чин не е само оружјето со кое Коста знаел да ракува.
-Детето пукало во цивилни стрелишта и тоа е законски. Такви стрелишта има и во Македонија . Мотивот треба да се бара во незадоволството од третманот на другарите, наставниците или општеството. Коста играл игри со насилство, гледал видео со хорор филмови – појаснува Тасевски и дополнува дека професионалното занимавање со овој спорт може да донесе голем бенефит кај децата и младите.
- Сите кои сакаат да се зачленат во клубот, прво ги анализираме колку се психофизчки здрави, каква е нивната моторика. Ги применуваме сите правила при уписот. Не може секој да биде член. Ниту пак да доаѓа на стрелиште и да се занимава рекреативно со овој спорт, ако не ги исполнува условите. Во почетокот им даваме воздушна пушка. Кај нас членуваат и професионално се занимаваат со стрелаштво деца од 8 години, па нагоре. Ги учиме на одговорност, дисциплина, како да се однесуваат со оружјето и каде да го чуваат. Со нашиот пристап и со овој спорт се социјализирале, станале поодговорни. Кај некои од нив оружјето стана мотив да се надминат себеси постигнувајќи добри резултати. Ако Коста Кецмановиќ професионално се занимаваше со стрелаштво, нема да пукаше во децата. Нашите членови пукаат само во мета. Никогаш не се случило од постоењето на федерацијата од 1948, некој активен спортски стрелец да посегне по својот или по туѓ живот , ниту пак се случила повреда. Исто така во минатото се учеше за воздушна пушка и за ракување со оружје по предметот ОНО. Но, немаше случај некој ученик да го земе оружјето и да поврди ученици или самиот себе. Промената во општеството е очигледна. Доказ за тоа е и вториот случај во Србија, кога 21 годишно момче пукаше во своите другари, а потоа и во останатите – вели Тасевски.
Соња Алексоска Неделковска