Kаде е потешко да се најде работа, во малите или големите градови?
Најголем дел од невработените во Македонија се концентрирани во три македонски градови, Скопје, Куманово и Тетово, додека во другите општини бројот на жители, но и бројот на невработени е помал.
11.371 невработени има во Куманово, 17.715 во Скопје и 12.825 во Тетово. Во земјата има 100.060 невработени лица, од кои 46.927 се жени, а остатокот се мажи.
Но, и во малите места, бројот на невработени не е за занемарување. Во Берово има 1.268 невработени, во Дебар 1.994, во Делчево 1.141, 1.381 во Кавадарци, 2.465 во Кичево, 2.414 во Кочани, 2.488 во Крива Паланка.
Но, се смета дека во поголемите градови е полесно да се најде работа, затоa што има повеќе индустриски капaцитети и повеќе слободни работни места. Во малите места изборот е стеснет.
„Во поголемите градови да се најде работа во фабриките не е проблем. Во рестораните, хотелите постојано има огласи. Вусшност во поголемите градови потешко е да се најде работник, отколку да се најде работа. Во делот на високо стручни кадри, за државна работа оди потешко. Сепак за обичен работник да се најде работа не е проблем. Во Битола на пример доаѓаат работници од Крушево, Ресен, Демир Хисар. Во помалите места изборот е помал, а сите знаеме дека во Скопје има најголем избор на работни места. Во моментов добрите кадри кои имаат стручност, дури можат да бираат и да одат од едно на друго работно место“, вели Зоран Почески, кој долги години работел за посредување при вработување.
Додава дека има луѓе кои имаат дипломи, но немаат пракса и тоа претставува проблем во процесот на пронаоѓање на работа.
Но, жителите на малите градови велат дека е тешко да најдат работа во својата општина.
„Во Пробиштип моментално вработувања има во фабриката за акумулатори, во рудникот Добрево и за леарницата има најави. Има вработени кои патуваат секојдневно за Штип бидејќи е поблиску, но има и луѓе кои се вработени во Скопје, а дома си доаѓаат за викенди. Во суштина поголем е бројот на луѓе кои работат во Штип и Скопје“, вели Марија Ф. од Пробиштип.
Скопје, Тетово, Штип и Струмица сега се градови кои имаат најголем број на слободни работни места. Зад нив се Виница, Куманово, Прилеп и Охрид. Понатаму се редат Битола, Велес и Кочани, додека најмалку слободни работни места има во Демир Хисар, Ресен, Берово, Крушево. Во овие градови бројот на работни места кои се слободни често е под 10. Во незавидна положба се и жителите на Дебар, Делчево, Кратово, Македонски Брод каде има помеѓу 10 и 20 слободни работни места. Во Радовиш и Пробиштип има по 30-тина слободни работни места.
Сања Атанасовска