Како да одржиме добар имунитет во есенско - зимскиот период?!
Човековиот организам е во постојан контакт со бактерии, вируси и хемикалии и е изложен на зрачења и загадувања од различна природа. Механизмот кој има задача да го одбрани организмот од овие штетни влијанија се нарекува имунолошки систем. Имунолошкиот систем е формиран од органи и клетки дистрибуирани низ целото тело, чија главна улога е заштита на организмот, препознавање на „непријателот”, како и неутрализиција / отстранување на штетните надворешни влијанија. „Непријателите“ од околината постојано го напаѓаат нашето тело и ја нарушуваат хомеостазата. Нарушувањето на хомеостазата на имуниот систем се манифестира различно, така што тој може да реагира прекумерно кон антигените, да не реагира доволно (имунодефициенција) или да реагира кон сопствените протеини (автоимуни болести).
Имунолошкиот (одбранбениот) систем кај човекот функционира, односно дејствува преку два система и тоа: вроден имунолошки систем (неспецифичен) и стекнат / адаптивен имунолошки систем (специфичен). Бројни причинители можат да го ослабат функционирањето на овој систем, како што се: стрес, исцрпеност и хроничен замор, несоодветен начин на исхрана со намален внес на хранливи материи, витамини, минерали и антиоксиданси, лошо расположение, нехигиена, како и животен стил со недоволна физичка активност, долги и тешки болести, пушење и други штетни навики.
Денес луѓето живеат динамичен и брз живот, исполнет со стрес и секојдневни пренатрупани обврски и најчесто не посветуваат доволно време на грижа за себе и своето здравје, се додека не се појави некој здравствен проблем. Преку внесување на додатоци во исхраната богати со витамини и минерали, можеме да го зајакнеме имунолошкиот систем и да му овозможиме поткрепа и нормално функционирање, да ги надополниме недостатоците на витамини и минерали кои што не се внесуваат доволно преку исхраната, како и да придонесеме за намалување на замор и исцрпеност. Витамините и минералите се исто така особено важни и кај деца, трудници и спортисти каде што потребата од истите е зголемена.
Еден од најважните и најефикасни витамини е витамин Ц, моќен антиоксиданс кoj работи против стресот, го забавува стареењето, претставува природен антихистаминик (при алергии) и помага за побрзо заздравување на рани и синтеза на колаген. Покрај витамин Ц, ќе го спомнеме и Б-комплекс, комплекс од Б витамини есенцијални за нормално функционирање на нервниот систем, црниот дроб и дигестивниот систем во целина, како и за создавање на енергија и одржување на добро здравје на кожа, коса, очи. Во однос на минералите, меѓу најзначајните се калциум - составен дел од коските и забите, значаен за стимулирање, раст и делба на клетки, правилна работа на срцето и регулирање на коагулација на крв, цинк - минерал значаен за имунолошкиот систем, здравјето на очите и машките репродуктивни органи и магнезиум кој што е значаен за минерализација на коските, правилен раст и развој и производство на енергија и е особено важен кај луѓе со висок крвен притисок и грчеви во мускулите. Внесот на магнезиум преку исхраната може да биде мал, особено кај жените, што може да биде поврзано со одредени заболувања како остеопороза, висок крвен притисок, затнати артерии, срцеви заболувања, дијабетес и мозочен удар, па така, недостатокот треба да се надополнува преку суплементи. Тука ќе го спомнеме и железото кое учествува во процесите на клеточно дишење и е значајно во изградба на хемоглобин и миоглобин, чија употреба се зголемува кај деца, жени во репродуктивна возраст, спортисти и лица со улцеративен колит и хемороиди.
Поради тоа, особено во овој период на вируси, сезонски настинки и грип, практикувајте редовен сон и намалете го стресот, избегнувајте конзумирање на алкохол и цигари, конзумирајте здрава храна, многу зеленчук, овошје, јаткасти плодови и семиња, излезете на сонце (сончевите зраци го овозможуваат создавањето на витамин D во кожата), практикувајте редовна физичка активност и едноставно трудете се да водите здрав начин на живот.
М-р фарм. Филип Ачкоски
* ПР - објавафото: freepik.com