Канада под вжештен лим: Највисока измерена температура од 49,5 Целзиусови степени, луѓето умираат
Десетици луѓе починаа во Канада во силниот жежок бран, кој ја зафати земјата со рекордно високите температури, a oд петокот се пријавени најмалку 130 ненадејно починати, од кои повеќето биле стари лица или луѓе со хронични здравствени проблеми, пренесува Би-би-си. Според полицијата, во најголем број случаи смртта е поврзана со неверојатно високите температури.
„Веруваме дека жештината придонела за смртта на 65 луѓе во Ванкувер. Во предградието Барнаби има 34 починати, а во областа Сури – 38. Ванкувер никогаш досега не искусил вакво нешто“, изјавија од полицијата во Ванкувер.
Многу домови во Британска Колумбија немаат клима-уреди, зашто летните температури вообичаено се умерени. Во регионот се отворени повеќе фонтани и привремени центри за разладување на граѓаните.
Канада вчера го урна рекордот во највисока измерена температура од 49,5 Целзиусови степени во гратчето Литон во Британска Колумбија. Пред оваа недела, во Канада никогаш не биле измерени повеќе од 45 степени.