Канатларовски: Секој натпревар е предизвик, сакаме победа против Ерменија во Скопје
Репрезентацијата на Македонија до 21 година на почетокот на јуни ќе ги одигра двата последни квалификациски меча за пласман на Европското првенство 2023 години во Романија и Грузија.
На 2. јуни, на Националната арена „Тодор Проески" гостува селекцијата на Ерменија. Три дена подоцна, во последното коло од квалификациската група Х, ќе одиграме меч против Украина во Истанбул, Турција.
Драги Канатларовски, селектор на младата репрезентација на Македонија до 21 година;
„За претстојните квалификациски натпревари, повикани се неколкумина нови фудбалери кои се очекува да бидат носители на играта во наредниот квалификациски циклус и оние фудбалери кои во досегашниот тек од квалификациите беа стандардни и ги одиграа поголемиот дел од мечевите. Младите фудбалери кои се очекува да играат и во наредниот циклус, по квалификациските натпревари ќе бидат тестирани и на два контролни меча со селекцијата на Босна и Херцеговина. Очекувам од моите фудбалери да го дадат максимумот на секоја средба. Секој натпревар си има посебно значење, првиот дуел го играме против Ерменија, сакаме победа и добар резултат пред домашната публика. Во вториот меч од квалификациите против Украина очекувам да покажеме карактер, добра игра и квалитет, што ќе биде увертира за тоа што не очекува во следниот квалификациски циклус“ - изјави Канатларовски.
Во групата Х од квалификациите за пласман на ЕП, лидер е Франција со 19 освоени бодови, Украина е на втората позиција со 13 бодови.
Репрезентацијата на Македонија по двата последни квалификациски натпревари, на 10 и 12. јуни ќе одигра две контролни средби против селекцијата на Босна и Херцеговина во Скопје.