Кои масти предизвикуваат дијабет, рак и срцеви заболувања?

Нутриционистите ни препорачуваат да внимаваме со производи како соленки, колачи и замрзнати печива, готови производи кои можат да се најдат на полиците во маркетите. Сте се запрашале зошто? Повеќе причини, една од нив се вика хидрогенизирани масти. Што се тоа и зошто да ги избегнуваме?

Ваквите масти се добиваат преку хемиски процес кој овозможува течните растителни масла да преминат во цврста состојба. 

Хидрогенизираните масти се популарни кај производителите од прехранбената индустрија бидејќи им овозможуваат понуда на поевтини производи со подолг рок на траење. Истите можат да бидат делумно или целосно хидрогенизирани. И едните и другите се штетни за нашето здравје. 


 Постојат голем број на студии кои што укажуваат на повеќе штетни последици од зголемен внес на хидрогенизирани масти врз нашето здравје, меѓу кои:

1) намалување на добриот холестерол и зголемување на нивото на лошиот холестерол што го зголемува ризикот од кардио-васкуларни заболувања,

2) зголемен ризик од дијабетес тип 2,

3) слабеење на меморијата (според студијата презентирана пред Американската асоцијација за срцето од 2014 година и

4) зголемување на ризикот од појавата на рак на јајници – авторите на студијата за ракот на British Journal известуваат за поголем ризик од епителен рак на јајниците при зголемен внес на хидрогенизирани масти, наспроти внес на омега-3 масните киселини кои имаат заштитен ефект.

Доволна е само една од горенаведените причини да се потрудиме да го намалиме количеството на овие масти во нашата исхрана. Иако не се секогаш јасно означени, треба внимателно да се читаат состојките и  ознаките на производите за присуство на делумно или целосно хидрогенизирани масти, особени кај готовите прехранбени производи. Штом најдете производ со хидрогенизирани масти, во име на вашето здравје, вратете го на полица.

За среќа денес постојат голем број на алтернативни производи кои не содржат хидрогенизирани масти, така што многу лесно може да ги замениме производите кои сме ги употребувале, а содржеле хидрогенизирани масти. Класичен пример за ова е маргаринот за мачкање кој порано беше дефиниција за хидрогенизирана маст. 

Денес, маргарините кои се продаваат во пластична кутија, се произведуваат со понова технологија без хидрогенизација и може слободно да се консумираат без грижа на совест. Некои научници ги препорачуваат  ваквите маргарини, бидејќи за разлика од путерот или свинската маст содржат помала количина на заситени масти.