Кој прави 3 милиони евра од продажба на часовници и накит?

Продажбата на брендирани рачни часовници вообичаено оди и со продажба на накит. Во земјава најголем ланец се продавниците „Божиновски“, фирмата што го управува овој бизнис постои од 1995 година, а лани направиле вкупни приходи од 3 милиони евра. Нивен најголем конкурент е „Б-ВОЧ“ скопска компанија што лани оствари приход од 1,1 милиони евра

Двете најголеми домашни компании за продажба на часовници и накит лани направиле промет што надминува 4 милиони евра, покажуваат достапни официјални податоци од базата на ЦРМ за двете најголеми компании кои увезуваат рачни часовници и накит. Станува збот за битолската фирма „Бисера комерц“ која е сопственик на ланецот продавници „Божиновски часовници“ и македонскиот застапник на часовници од производителот B Watch скопската компанија „Б-ВОЧ ДОО“.

„Бисеракомерц“ лана остварила приход во износ од 3,1 милиони евра и тоа е поголеми приход за 5 отсто во споредба со претходната 2017 година. Расходите на компанијата лани биле 2,68 милиони евра и во однос на претходната година изнесуваат 7 отсто повеќе. Добивката на „Бисеракомерц“ лани изнесува 382.000 евра и во споредба со 2017 година е пониска за 3 отсто. „Бисеракомерц“ е сопственост на Игор Божиновски, регистрирана е во јануари 1995 година и седиштето на компанијата е во Битола. Оваа фирма се занимава со трговија на мало со часовници и накит во специјализирани продавници.

„Б-ВОЧ“ е скопска фирма основана во 2011 година и има двајца сопственици: Емилија и Владимир Богоевски. Друштвото е регистрирано за дејност трговија на големо со часовници и накит. Лани оваа компанија направила промет од 1,093 милиони евра и во споредба со претходната година тој е понизок 10 отсто. Расходите лани изнесувале 1,086 милиони евра и тие се пониски за 10 отсто во однос на 2017 година. Добивката на оваа фирма лани е 5.200 евра и бележи пад од 11 отсто во споредба со 2017 година.


Р.Ф.