Колку чини и каков часовник носи Заев, а какви политичарите во регионот?
Машките часовници одамна престанаа да имаат само практична улога- да го мерат времето. Направени од најквалитетни материјали, со бројни функции и додатоци, тие станаа статусен симбол на многу мажи и еден од најдобрите модни детаљи.
Најреномираните производители на часовници, како што се брендовите Hublot, IWC, Tag Heuer, Raymond Weil, Ulysee Nardin, Zenith, Chopard, Philippe Patek, Rolex... ја препознаа потребата на рачниот часовник и му додадоа луксуз покрај неговата примарна функција. Титаниум, злато, црна керамика и кожа, па дури и дијаманти - сè дише во луксуз и моќ!
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден носи Омега од 4000 евра. Владимир Путин Blancpain Grande Date Aqua Lung од 11 000 евра, Принцот Чарлс - Parmigiani Fleurier Toric Chronograph од 60 000 евра. Раката на Берлускони е украсена со „Константин Вакерон“, кој вреди 540 000 долари...
Лидерите и истакнатите политичари на Балканот не заостануваат во поглед на скапите часовници, кој повеќе, кој помалку, но има драстични разлики.
Така, Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ носи рачно изработен платинест швајцарски часовник „Бреге турбион“, чија цена изнесува над 100.000 евра, пишуваше своевремено подгоричкиот весник „Вијести“.
Во лондонското претставништво на швајцарската фирма, врз основа на фотографиите објавени во весникот, потврдиле дека тоа е часовник од специјална колекција рачно изработени часовници, кои имаат две варијанти - од жолто злато со цена од 94.574 евра и од платина со цена од 106.076 евра. Тој го има најскапиот часовник од останатите на листата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на една од неговите посети на Германија доби подарок- часовник на Фолксваген. И од тогаш не го вади од рака. Чини нешто повеќе од 400 евра.
Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева има часовник од марката Tag Heuer модел Формула 1 со цена од околу 2 500 евра.
Нашиот премиер Зоран Заев го носи најевтиниот часовник од гореспоменатите. Иако има повеќе часовници, овој часовник е долги години на неговата рака. Се работи за брендот Сеико. На разни интернет страници каде што се продава цената варира, но таа не надминува повеќе од 200 евра или 12 000 денари.