Комбинацијата на илегални супстанци била фатална, неговата мајка сѐ претчувствувала: Позната причината за смртта на внукот на Роберт де Ниро
Леандро Де Ниро Родригез, внук на Роберт Де Ниро, починал од „токсична“ комбинација на нелегални дроги, според наодите на медицинскиот преглед во Њујорк.
Резултатите од обдукцијата на починатиот 19-годишник ги објави „Њујорк пост“, а открија и дека младиот човек во телото имал фентанил, бромазолам, алпразолам, 7-аминоклоназепам, кетамин и кокаин кога умрел. Медицинските експерти ја прогласија смртта како „несреќен случај“.
Да потсетиме, внукот на познатиот актер почина на 3 јули годинава кога во неговиот стан во Њујорк беше пронајдено безживотно тело, а неговата мајка Дрина ја сподели потресната вест со јавноста.
„Мој прекрасен, сладок ангел. Те сакав без зборови и описи од моментот кога те почувствував во мојот стомак. Ти беше мојата радост, моето срце и се што беше чисто и реално во мојот живот. Посакувам да бев со тебе сега . Не знам како да живеам без тебе, но ќе се обидам да продолжам и да ја раширам љубовта и светлината што ме натера да ги чувствувам кога станав твоја мајка. Беше толку сакан и посакувам таа љубов да можеше да те спаси . Толку ми е жал“, напиша таа кобниот ден.
Полициски извор изјавил дека во близина на неговото тело била пронајдена бела прашкаста материја и дека се упатува на тоа дека тој починал како последица од предозирање, но сега се испостави дека се работи за комбинација од нелегални дроги.
Неговата мајка претчувствувала што довело до фаталниот исход, кога решила да стави крај на шпекулациите, велејќи дека Леандро се предозирал со наркотици кои биле измешани со друга, опасна супстанца, објави „Дејли мејл“.
„Некој му продавал апчиња со фентанил, знаеле дека се измешани со фентанил, но сепак му ги продале“, рече таа.
Фентанил, инаку, е многу јака, опоидна дрога, со исклучително силен ефект, лек кој е 50 до 100 пати посилен од морфинот. Експертите тврдат дека фентанилот е уште поопасен од хероинот бидејќи е полесно достапен и поевтин, а и само едно консумирање може да доведе до зависност, па дури и смрт.