Коста Петров: Голем дел од животот го поминав во самоказнување и сфатив дека никогаш нема да бидам вистински добар со никого ако не сум добар со себе

Коста Петров, еден од најпродаваните автори кај нас, сестран човек, лик со течна мисла и поентира директно. Овој пат, публиката ќе ја заинтригира со нова книга, но и за прв пат- детска сликовница. „Сè што би сакал да знаев порано“ е насловот на книгата, а ние подолу го прашуваме што сакал да знае порано...

ММ. „Сè што би сакал да знаев порано“ е нешто ново од вас но и вашата прва детска сликовница „ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“. За што се работи?

- „Сè што би сакал да знаев порано“ е мојата шеста книга а некако имам чувство како да ми е прва. Книгата е за најважниот разговор во нашите животи, а тоа е разговорот со детето во нас. Ова е разговор за сите верувања, за сите грешки, за сите одлуки но и за товарот што детето го носи со себе. Многу доцна во животот сфатив дека многу од работите што сум ги правел во животот сум ги правел да го задоволам детето во мене и можеби затоа никогаш вистински не научив да уживам во сопствените успеси. И сега, на прагот на мојот 40ти роденден, сфатив дека е крајно време да се одврзам од стегите на минатото и да почнам да го живеам животото, тука, во сегашноста.

Што се однесува до детската сликовница, со години сакав да напишам детска сликовница но моите мисли секогаш биле прекомплицирани, па дури и конфузни, а за сликовница треба да имаш јасна и чиста мисла. Но најверојатно за се треба да дојде вистинскиот момент во животот, така и со сликовницата. Едно утро се разбудив во 4 часот наутро и за 20тина минути ја напишав приказната за ЈАС и ТИ а Љупка Стојкова направи одлични илустрации што совршено ја отсликуваат приказната за суперхеројот што живее во секој од нас.

ММ. Што би сакале да знаевте порано?

- Многу работи, но животот најверојатно ни ги дава лекциите тогаш кога најмногу ни се потребни. Можеби најважната лекција е да бидеме добри кон себе. Голем дел од животот го поминав во самоказнување и сфатив дека никогаш нема да бидам вистински добар со никого ако не сум добар со себе. Истото важи и за самољубовта. Многу ми беше лесно на сите да им кажам дека ги сакам и дека ми значат но најтешко беше тоа да си го кажам самиот на себе. Никој не не учи на овие работи но најверојатно тоа е и суштината. Животот не учи на тоа и секој од нас сам треба да ја научи таа лекција.
Една друга важна лекција е моќта на живеењето во сегашноста. Јас секогаш се радував на иднината и бев секогаш со една нога заглавен во минатото. Никогаш не се радував на овој миг, сега. Мислев дека таму некаде во иднината ме чека нешто поубаво, поголемо. Денес знам дека среќата е во малите нешта но и дека овој миг, сега, е се што имаме.

ММ. Дали се соголувате во одредени делови?

- Оваа книга ми беше особено тешка за пишување бидејќи во неа разговарам за некои теми што никогаш претходно не сум ги зачнал а се толку многу важни, особено самопростувањето. Толку е лесно да им простиме на другите а толку е тешко да си простиме самите себеси за некои наши одлуки и грешки. И ова е многу тежок и комплициран процес но потребен за сите нас. Минатото е во минатото. Сите правиме грешки но не треба да дозволиме тие грешки да не дефинираат, напротив тие грешки треба да не направат помудри и похрабри.

ММ. Имате од неодамна свој поткаст. Која и каква е суштината?

- Кога ја завршив „Сè што би сакал да знаев порано“, сакав да ја претставам книгата на еден поинаков начин пред публиката. Одлучив со луѓе од мојот круг да направиме поткаст во кој ќе разговараме за некои од поглавјата од книгата. Овие теми сум ги разговарал со нив многу пати но првпат јавно седнуваме и разговараме и за убави но и за болни теми. До сега се емитувани 4 епизоди а во план се 10 и презадоволен сум со реакциите.

ММ. Која книга ви го промени животот од странски или наши автори, а која од твоите и зошто?

- Последна книга што сум ја прочитал и која дефинитивно ми ги промени погледите на животот се мемоарите на холивудската актерка Вајола Дејвис, насловени “Finding Me”. Ја купив книгата пред неколку месеци кога бев во Канада и не можев да ја оставам додека не ја прочитав. Моќна книга за траумите што ги носиме во себе и како да се издигнеме над нив.

Што се однесува до моите книги, секоја моја книга преставува некоја моја верзија. Научив да ги прифатам сите свои верзии но да се фокусирам на сегашниот миг и токму поради тоа, секогаш, последната книга ми е најомилената книга.

Небојша Толески