Коста Петров за новата книга: Дали можеби премногу се соголувам? Дали некои работи треба да ги премолчам?
Велат дека болката зацелува со времето... Дека некои нешта избледуваат, некои ги бришеме, за други патиме, за трети не се вртиме назат... Четври ни се поттик... Животот е круг...
А велат и дека времето и сето она што поминало низ него преку нас може да создаде неверојатна инспирација за создавање на своја приказна, која може да биде раскажана за да допре и до други...
Коста Петров, авторот на четирите најпродавани книги кај нас, интернационално докажан претприемач и експерт за односи со јавност е човекот кој најчесто раскажува приказни кои ги доживеал. Неговиот наратив е лесно приемчив кај публиката, а со неговите пишани зборови често се идентификуваат многумина... дали во болката, тагата, успехот, среќата, поттикот...
Овојпат, Коста поентира со нова книга наречена „Што ќе кажат другите“. Самиот наслов е интригантен, а што довело да ја напише книгата, какви се неговите размисли за одредени животни теми, кои нешта ги става на пиедестал... ќе прочитате во следните редови:
* Велите дека во животот најверојатно има совршен момент за сѐ! Дека треба да сте слободен од секакви емотивни манипулации... Пет години се подолг период за пишување на нова книга... Што осознавте тие пет години и дали книгата напредуваше следствено на настаните во тој временски период?
- Книгата започнав да ја пишувам пред точно пет години, по првиот настан на Пи Ворлд во Њујорк. Тоа беше навистина една незаборавно искуство. Настанот го организиравме во канцелариите на Вог на Менхетен и пукав од позитивна енергија. Сакав да ја споделам таа енергија со сите! И почнав да пишувам но работните обврски си го направија своето. Таман повторно сериозно седнав да пишувам, се случи соработката со Тамара за Евровизија. Нека помине Евровизија, па ќе ја довршам. Сигурно ќе има добри приказни од тоа искуство, си реков. И имав право. Евровизија беше најубавото професионално искуство во мојот живот. Засекогаш ќе ги паметам 12-ките и радоста што ни ја донесоа таа вечер во Тел Авив. Ова е приказна што вреди да се раскаже, си реков и седнав сериозно да пишувам. По само три месеци ја донесов можеби најтешката професионална одлука во мојот живот. Во претстојниот период немав никаква инспирација за пишување. И таман си реков дека е крајно време да ја довршам книгава, ги скршив двете раце. Дури тогаш дефинитивно немаше шанса да довршам што било.
Но во животот најверојатно има совршен момент за сѐ. Очигледно требало да ми се случат одредени работи, да поминам низ одредени процеси, да ги согледам работите такви какви што навистина се, ослободен од секакви емотивни манипулации, за да можам конечно да седнам и со чиста мисла да ја раскажам мојата приказна, таква каква што навистина е.
*Дали се соголувате во новата книга? Каква е таа? Дали е изблик на мотивација, дали е за стравот, за ставот...
- Па да. Додека пишував, често се прашував дали навистина треба да го споделам ова мое животно патување? Дали можеби премногу се соголувам? Дали некои работи треба да ги премолчам? Милион прашалници во главата. Но како што поминуваше времето, чувствував дека ниедно од овие прашања не е поставено од мене, од мојата душа. Потсвеста повторно се обидуваше да си поигра со моите мисли. Повторно, по којзнае кој пат, сакаше да ме изманипулира да донесам одлука базирана врз тоа што ќе помислат или кажат другите, а не да го кажам тоа што навистина ми лежи на душата.
А каква е книгата? Па има од сѐ по нешто. И мотивација, и духовност, и врвови и падови но и политика. Како и во животот.
*Ве мачи прашањето - Дали воопшто некои приказни се вредни за раскажување? Па, дали се?
- Додека пишував, често си го поставував тоа прашање, особено кога го пишував делот за моето искуство во политиката. Тој дел всушност претрпи и најмногу измени. Мислам дека од тоа поглавје имам околу седум различни верзии. Сеуште на некои работи гледав премногу емотивно и ми беше тешко да ги отфрлам емоциите и да ги напишам работите такви какви што се, ослободен од било какви емотивни манипулации. И после неколку недели пишување, си реков, доста е, седни и напиши го тоа што ти лежи на срцето.