Костадиновска: Во ликовите од „Вистинската приказна за двете соседни кралства“ се пресликани денешните деца

– Главните ликови во книгата „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, Хана и Фран, не се целосно измислени и може да се каже дека делчиња „позајмив“ од сето она што го гледам кај денешните деца. Си направив споредба со тоа каква бев јас како малечка, но јасно е дека децата се поинакви денес, модерни и паметни, а тешко им се задржува вниманието. Дојдов до заклучок дека иако светот денес е многу брз има една нишка што го врзува моето и нивното детство, а тоа се приказните. Сè уште сакаат да слушаат, читаат и да раскажуваат приказни. Така, во ликовите на Хана и Фран ги пресликав сите деца, без разлика од каде доаѓаат, и тие се кралеви и кралици на едно сопствено кралство. Но, како и во секоја приказна потоа им се случуваат многу сплетки кои мора да ги надминат и да извлечат поуки – истакна писателката Марија Костадиновска на вчерашната онлајн промоција на нејзиното ново дело, „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Промоцијата се одвиваше на фејсбук-страницата „Литература.мк“ и ја водеше уредничката Бисера Бендевска, која истакна дека на еден начин во ликовите на главните јунаци Хана и Фран се претставени две претерани однесувања. Хана е кралица во кралството на здодевноста, додека Фран е крал во кралството на забавата и постојано е во потрага по нешто возбудливо.


– Уште од почеток им дадов крајно одговорни улоги. Со самото тоа што се крал и кралица, не смеат да се препуштат само на здодевноста или, пак, на забавата, туку мора и да управуваат со нивните кралства. Во спротивно, ништо не е вечно и сè може да се изгуби – појаснува авторката Костадиновска.

Главните ликови секако излегуваат од нивните кралства и се соочени со голем број сплетки, авантури, а главниот непријател им е Лошотилак и неговите Лошотилчиња. Костадиновска посочува дека навистина добро соработувале со илустраторката на „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, Александра Филипоска, која им дала дух и лице на јунаците кои таа ги има замислено. Вели дека пишувањето за деца е предизвик, но носи и голема одговорност, поради што и внимавала на секој детаљ.

– Сакав од книгата да извлечат поуки, но притоа и многу внимавав на јазикот што го користев со цел да им биде близок – истакнува таа и додава дека книги на кои таа им се воодушевувала во детството се „Пинокио“, а во подоцнежните години делата на Марк Твен, „Хаклбери Фин“ и „Том Соер“.

Ова е прва книга на авторката која претходно пишувала раскази за возрасни. Голема помош при креирањето на делото ѝ биле сугестиите и насоките од директорката на издаваштво во „Арс Ламина“, Бранка Бугариска и писателката Јана Мишо. Костадиновска е дипломиран филолог, професионален едриличар и работи како главна стјуардеса на приватни и чартер јахти. Отсекогаш сакала да пишува за најмладите, а нејзината желба конечно стана реалност.


ПР објава