Куп на РМ: Адем и Бајрами едногласни, Македонија ЃП ќе го освои трофејот
Утре на арената „Тодор Проески“ во Скопје се игра финалето на Купот во фудбал во Македонија.
Силекс како второлигаш и Македонија ЃП како прволигаш, играат за трофеј и излез во Европа. Тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами со респект говори за противникот, но неговата екипа сака да го подигне трофејот.
„Силекс заслужува респект, иако се второлигаши, ние имавме тежок пат до финале, ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи и Струга Трим Лум, имаме квалитет и се надевам дека ќе го освоиме купот“ – вели Бајрами.
Капитенот на тимот од Ѓорче Петров, смета дека овој натпревар треба да биде круна на одличната сезона за Македонија, трофејот да остане во Скопје.
„Респект за Силекс, покажаа квалитет во Втората лига, не се случајно финалисти. Сакаме да ги израдуваме нашите навивачи, после многу години да го донесеме трофејот во Ѓорче“ – изјави Адем.
Финалето е закажано за утре, со почеток од 18:00 часот на арената „Тодор Проески“.