Лаф-муабет со Дарко Панчев: Јасно и гласно кажувам, од дома поубаво нема, државата само да е средена како што треба
Почетокот на дваесет и второто издание на Светското првенство во фудбал во
Катар, што ќе трае до 18 декември, ќе го одбележиме на еден поинаков начин,
својствен за нас. Изборот на соговорникот, учесникот во денешниот, понеделнички
разговор или поточно лаф-муабет не е случаен, ни малку. Без оглед на тоа што
темата не е врзана со мундијалот (него ќе им го препуштиме на спортските
новинари), Дарко Панчев секогаш
побудува интерес кај читателите, а најавената авторизирана биографија, чие
излегување од печат е предвидено за скоро, беше дополнителна причина да се
разговориме и за неа, меѓу другото. Книгата инаку е насловена „Кобрата и
‘бубамарата’ - најверно пријателство“, каде што фановите на врвниот фудбалер -
голгетер пар екселанс (потврда за тоа е фактот дека во Првата југословенска
лига беше прогласен за прв стрелец дури четири пати, еднаш во дресот на Вардар
и три пати во дресот на Црвена ѕвезда, вклучително и „златната копачка“ за
најдобар стрелец во Европа и...) ќе бидат поштедени од „глупости“, како на
пример афери, скандали..., карактеристични за повеќето (авто)биографии. Фокусот
е исклучиво на неговата кариера, и во горенаведените и во клубовите од Сион,
Милано, Лајпциг, Дизелдорф - постигнувањата, подемот и секако, на неговата
личност.
Муабетејќи на разноразни теми, нѐ убеди во луцидната мисла, концизниот исказ..., но и во скромноста, приземноста..., којзнае по кој пат.
ММ: Во исчекување на промоцијата на Вашата прва авторизирана биографија, во соработка со новинарот Зоран Михајлов, на самиот почеток на разговорот ќе ни кажете ли кој беше главиот иницијатор за да се напише истата? Ме интересира всушност, на кој принцип работевте и колку време беше потребно за да ја финиширате? Патем и насловот е занимлив: „Кобрата и ‘бубамарата’ - најверно пријателство“.
Д. П.: Идејата за да се реализира еден ваков проект се споменува веќе неколку години, но овој пат издавачката куќа „Арс Ламина“ реши да го реализира истиот. На него работиме нешто повеќе од една година и главни актери во реализацијата на текстовите се Зоран Михајлов, Бисера Бендевска со една нејзина колешка и нормално, потпомогнати од моите раскажувања и сеќевања на детството и кариерата.
ММ: Според Вас, кој дел од книгата Ве стави на мисла - дали да го кажете или не, имаше ли автоцензура или не, т.е. не постоеја никакви бариери? Сепак, фудбалот е своевиден шоу-бизнис, мислам и на спортскиот свет генерално, а обичните луѓе се интересираат за него, во смисла на скандали, невообичаени постапки... Или пак биографијата е врзана исклучиво со Вашиот курикулум?
Д. П.: Ова ќе биде една сериозна, поучна и убава автобиографска книга за животот на еден успешен спортист. Секако дека во една ваква книга нема место за такви видови на глупости.
ММ: Визави насловот, претпоставувам дека ‘бубамарата’ е топката (фудбалот), а прекарот „Кобра“ - како се здобивте со него, во кој период на Вашата кариера поточно, кој Ви го даде? Кобрата е всушност амблем на силата, која е во состојба и да го одземе, но и да го зачува животот. Интересна компарација и секако, вистинита.
Д. П.: Бубамарата е симпатичен, популарен назив на фудбалската топка од 1980-тите, кој се употребува и ден-денес, а прекарот „Кобра“ ми го даде кондициониот тренер на Црвена ѕвезда - Пеѓа Станојевиќ, кој ми остана до денеска.
ММ: Дали „најверното пријателство“ одвреме-навреме го обновувате или пак никогаш не беше прекинато? Кога последен пат игравте фудбал, чисто рекреативно, за разонода? Во каква форма сте, кондициски? А, професионално - Ве инволвираат во работата на фудбалските клубови, на пример за консултации, совети.., вклучително и македонската репрезентација?
Д. П.: Тоа не е само пријателство, тоа е љубов пред сѐ, која не може ништо да ја прекине. Секако дека играме и по нашите кариери, се дружиме, се забавуваме, но кога почна пандемијата, прекинавме бидејќи собирањето беше забрането и направивме голема пауза. Се надевам дека повторно ќе почнеме.
ММ: Драган Томовски, долгогодишниот фудбалски работник во една прилика рече: „Македонија има фантастичен потенцијал и со поставување на систем, организација и инвестирање би можела многу почесто да создава фудбалери како што се Дарко Панчев, Горан Пандев и Елиф Елмас, па и други“. Се согласувате со него? Во 1980-тите на пример, во рамките на Југославија беше полесно, поедноставно отсега? На какви бариери наидуваат денес младите надарени фудбалери кога е нивниот развоен пат во прашање, тука во Македонија? Дали некогаш сте размислувале за некого да земете под свое, што би се рекло?
Д. П.: Македонија отсекогаш имала и секогаш ќе има фудбалски таленти, но во какви услови и како ќе се развиваат понатаму - тоа е друго прашање. Јас имав среќа да се развивам и фудбалски да растам во една држава и лига која се викаше Југославија каде што критериумите беа строги, а условите за работа беа дури и полоши од денеска. Сигурно дека треба да се променат и подобрат доста работи, но не е сѐ само во условите, тука пред сѐ се работи и за фудбалското знаење на тие што работат со младите категории, а сигурно дека и финансиската поддршка на клубовите мора да биде подобра - со тоа и нашата лига би била појака и би произведувала подобри играчи.
ММ: И покрај тоа што Вашата кариера е една од причините за разговорот, за која може да се говори со денови, на читачката публика ќе ѝ оставиме простор за книгата, да не ја прераскажуваме, но моментално - со што се занимавате, што Ви е преокупација? Угостителството сѐ уште е дел од неа?
Д. П.: Јас целиот мој живот се занимавам само со фудбал, без разлика во која форма сум бил активен - погрешно е мислењето кое преовладува кај некои дека се бавам со угостителство. Точно е дека имам свои локали, но јас никогаш не сум се бавел со него - тоа го работеле други луѓе. Мојата улога во угостителството била да уживам со пријателите пиејќи кафе.
ММ: Познат сте и по скромноста, меѓу другото. Не се фингирате, за разлика од мнозинството. Се чини дека лажното претставување е своевидна тенденција, вклучително и претераната ароганција. Што мислите, дали успесите и во работата и во животот генерално треба самите по себе да говорат за личноста, без потенцирање на истите, вообразеност..? Ме интересира, скромноста Ве чини скапо во услови на изместени морални вредности?
Д. П.: Сум имал среќа да живеам во периоди од мојот живот кога имало критериуми, и тоа сериозни, во која било сфера од нашето живеење и да живеам сега, во еден период, каде што критериумите повеќе како да ги нема. Од таа причина многу добро знам да проценам што е добро, а што не. Што се однесува до мене, пак, не би сакал да зборувам за себе. Има доста луѓе кои ме познаваат и ми се блиски, а и многу добро знаат каков сум и кој сум. За измислени приказни - „рекла-казала“ - секогаш ќе се најдат луѓе, тоа не можете да го избегнете.
ММ: Освен во Белград, живеевте и во Дизелдорф, Лајпциг, Милано, Сион каде што игравте за некои од тамошните клубови. Ќе ни кажете ли каде Ви беше најубаво, кој град, која земја е најблиску до Вашиот карактер, нарав, темперамент, Вашата природа - Германија, Италија, Швајцарија? Милано на пример е центар на случувањата од секаков тип, но таму бевте и мета на папараците.
Д. П.: Според нашиот менталитет и карактер, би живеел само во два града, тоа се Скопје и Белград. Можев да останам да живеам и во Милано и во Дизелдорф, кои патем се прекрасни градови, но во едно сум сигурен и тоа го знам - каде и да живееш, секогаш си странец. Затоа, јасно и гласно кажувам, од дома поубаво нема, државата само да е средена како што треба.
ММ: Со фудбалерите секогаш се врзува и т.н. хај-лајф, а следствено и луксузот. Говоревме за Вашата скромност, оттука и прашањето - за Вас што значи тој? Има и преносно, метафорично значење. На пример животот, здравјето, семејството или..?
Д. П.: Во последните 20 години премногу се форсираат тие работи, околу случувањата во животите на популарните играчи. Мислам дека дури и се претерува со тоа. Веројатно тоа доаѓа оттаму што во денешно време се вртат огромни суми пари во фудбалот. Во наше време да бидеш фудбалер значеше пред сѐ да бидеш воспитан, културен, среден, избричен затоа што си јавна личност и мораш да бидеш пример во средината. Во денешно време гледаме на што личат фудбалерите - со индијански фризури, истетовирани од глава до петици, повеќе ги има во медиумите заради нивните скандали, изгледи отколку за нивните игри. Живеевме во два различни света.
ММ: А хедонизмот? Кога се работи за кулинарството, имате омилена кујна? Чии специјалитети, деликатеси фаворизирате во исхраната? Дали сѐ уште се придржувате кон дисциплината, својствена за спортистите, по навика или веќе не?
Д. П.: Кога ќе почнете да заработувате од своите 15 години, а своето богатство ќе го стекнувате постепено и полека, многу добро ќе научите што вреди, а што не. Ќе научите да ги цените работите како што треба и ќе дојдете до тој степен каде што нема да се заморувате дали возите „ферари“ или пак „фиќо“ затоа што и да се паркирате во центарот на градот и да излезете од „фиќото“, луѓето повторно ќе ве препознаат. Значи, тие нема да ве препознаат заради колата или заради оделото на „Армани“ што ќе го носите. Тоа го сфатив одамна и затоа не се заморувам со такви снобовски работи. А инаку точно, во нашите животи како спортисти секогаш постои таа војничка дисциплина бидејќи и животот на еден спортист е војнички.
Блиц прашања
ММ: На крајот на 1980-тите ги одбивте понудите на Динамо, Партизан и Хајдук, но не и на Црвена ѕвезда. Драган Џајиќ со што Ве убеди, како? И дали одвреме-навреме комуницирате со него, па и со соиграчите, не само меѓу „црвено-белите“?
Д. П.: По ФК Вардар, омилен клуб во Југославија ми беше Црвена ѕвезда и тоа беше главната причина зошто го избрав него. Секако дека се слушаме и денеска, и со Џајиќ и со многу други колеги, и разговараме со задоволство.
ММ: Додека игравте за Црвена ѕвезда, „делиите“ ги водеше Аркан. Во една прилика рековте дека беше инаков, различен од сите водачи на навивачите. Во која смисла?
Д. П.: Тој беше водач на навивачите на Црвена ѕвезда во тоа време и нормално дека се среќававме со него и беше во наша близина, но никогаш не оставаше впечаток дека може да биде тоа што многумина мислат. Ние го немавме тоа чувство, немавме таква претстава за него.
ММ: Од сегашна, оваа дистанца би смениле нешто во кариерата, поради некоја несмислена постапка? Или пребрза одлука.
Д. П.: Па многу работи во својата кариера не би променил бидејќи сум презадоволен од неа. Единствено што би сменил, од причина што имав можност и бев доста баран играч од многу добри клубови во тоа време - не би отишол во Интер од Милано туку во Реал, Барса, Манчестер итн. Друга работа која би ја сменил, но не во кариерата, туку во животот, би сакал Маја да ја запознаам 10 години порано откога ја запознав.
ММ: Бидејќи на порталот се третира и модата, ќе Ве прашам и за неа, поточно за Вашиот начин, стил на облекување - најмногу што Ви се допаѓа кај жителите на Милано, а го применувате и наесен и зиме, што преферирате да носите, какви материјали, бои, аксесоари?
Д. П.: Сите знаеме дека Милано е град на модата, Италија е земја на модата, со самото тоа се пружа голема можност и голем избор да одбереш убави работи за носење и сигурно дека во тој период, но и во еден период кога прекинав да играм, кога се вратив во Скопје, мислам дека се облекував многу подобро и со многу поголем ентузијазам. Но, како што поминуваше времето, веројатно и адаптирајќи се на нашиве македонски услови, таа желба некако спласна кај мене и почнав да носам повеќе кежуал варијанти и тренирки. Едноставно така се чувствував.
ММ: Со сопругата Маја имате две ќерки. Добро да се воспитаат децата денес не е ни малку едноставно. А пропо родителството, каков татко сте, како се доживувате себеси? Татковците обично ги разгалуваат ќерките. Кои беа најголемите предизвици во нивното израснување, воспитување?
Д. П.: Маја е алфа и омега во воспитувањето на нашите деца во фамилијата, но знам дека и јас многу ѝ помагав на свој начин и сметам дека и двајцата успешно ја исполнивме таа задача, да изградиме две воспитани и добри девојки кои, понатака, секоја од нив ќе си има свој живот. Мислам дека бев татко кој се трудеше да им ги исполнува желбите на еден нормален начин, без никакво претерување, за децата да знаат да ценат уште од мали - што е добро, а што не. Засега сме презадоволни од ќерките и се надеваме дека ќе продолжат така, по истиот тој пат.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Дарко Панчев