Лаф-муабет со Ертан Омеров: Многу работи кои ми ги пружа Охрид како град ги немам во Истанбул
Се чини дека начинот, стилот на живеење во
голема мера произлегува од успехот во работата, но секако дека зависи и од
филозофијата до која се држиме, убедувањата, сфаќањата на нештата, особено кога
се работи за вистинското суштествување. Концепцијата пак не се приспособува
само на можностите, туку и на условите, онаму каде што работите, живеете...,
каде што сте родени. Во тој контекст е и најавата, воведот на разговорот со
охридскиот стоматолог Ертан Омеров
чија потесна специјалност е пародонтологијата и болестите на устата, кој по
десетгодишниот престој во Истанбул каде што заврши факултет и работеше во еден
од пораскошните квартови на градот, ако не и најлуксузен, со доминантен
секуларизам - Нишанташи, сепак реши да се врати во Охрид за искуствата,
знаењата со кои се здоби таму, во Турција, да ги пренесе и тука, во Македонија,
користејќи ги во работата на својата ординација, со пациентите. Се разбира,
постојаната надградба е потребна за да се биде во чекор со новите тенденции на
стоматологијата, претежно во странство. Благодарејќи на неа, посетил многу
земји, а со некои од нив го врзува и понекоја анегдота. За среќа, често патува
и приватно, со семејството - сопругата и двете ќерки.
Работата неизбежно е дел од муабетот, како и прашањата на кои одговори бараат мнозина, во врска со забите, меѓу нив и за манирите што ги научил од универзитетските професори, менторите во однос на постапките, па дури и начинот, стилот на облекување, кој го негува и денес, а подразбира и шиење по мера. Всушност, персоналниот кројач се грижи за сѐ, од неговите иницијали на кошулите и вратоврските до комбинирањето на боите. Секако дека проговоривме и за секојдневието, а не го заобиколивме ни прашањето во врска со животот на турската заедница во Охридскиот регион, вклучувајќи го и надалеку прочуениот доручек. И уште повеќе.
ММ:На самиот почеток, а пропо муабетите во машките друштва - се говори за поврзаноста меѓу инфекцијата на забите и опаѓањето на косата, настрана генетското, наследното кое и процентуално е најголемо. Се работи за трајна алопеција или...? Можете да ни ја кажете вистината, што е во прашање?
Е. О.:Како доктор, специјалист за пародонтологија и болести на уста, секогаш кога ќе добијам прашање од овој тип, прво што пребарувам е PubMed(национална библиотека за медицина)каде што има неколку истражувања, ама не се директно поврзани со некои од пародонтолошките болести или пак други заболувања во усната празнина. Секако дека системските заболувања како дијабетесот,некои ендокрини,кардиоваскуларнии хематолошки заболувања, потпомогнати со болестите на устата и пародонтот, можат да помогнат да дојде до алопеција, но никаде не е научно докажано дека само заболувањата, односно инфекциите во устата директно влијаат на опаѓањето на косата.
ММ: Се чини дека во последно време се обрнува сѐ поголемо внимание на естетиката, убавиот изглед на забите. Оттаму и прашањето во однос на него - која метода, техника ја препорачувате за безболно, брзо, едноставно и секако, не многу скапо да се дојде до т.н. холивудска насмевка? Кој е последниот збор на техниката?
Е. О.:Најдобра метода за нас е превенцијата, денес сите ние одиме на некаков годишен здравствен преглед. Како стоматолог на секои 6 месеци препорачувам рентген снимка, по можност дигитална поради ниското јонизирачко зрачење и детален стоматолошки преглед за во однос на естетиката да имаме трајно убави заби. Секогаш гледам да ги зачувам природните заби,но со мали корекции на нив, дали тоа ќе биде само пломбирање или белење на забот, секогаш отворено и искрено разговарам со моите пациенти за естетските очекувања. Многу пациенти доаѓаат со слика, сакам вака да изгледаат моите заби,но една од многуте работи кои ги научив на факултетот во Истанбул е златната пропорција на забите - 1:618, по која се водам и ден-денес. Затоа, пред да почнам да правам фотографии на пациентот со насмевка, до каде се гледаат забите,како се поставени според биполарната линија, т.е. каков е соодносот на забите и очите,потоа земам дигитален отпечаток на кој виртуелно изработувам пробни заби за да можам, без да ги допрам забите на пациентот, да видам дали ќе одговараат на златната пропорција - 1:618,според која ни е направено целото тело, па дали тоа ќе ги задоволи очекувањата на пациентот, потоа да се одбере соодветен материјал од кој ќе се направат забите. Само на овој начин можам да ги задоволам естетските барања на пациентите, а како метода или техника ја препорачувам мојата антиејџинг стоматологија, без никакви естетски интервенции, само со промена на забите ги подмладуваме пациентите за неколку години.
ММ:Малку се говори за влијанието на тетрациклинот и некои други антибиотици врз бојата на забите... Мнозина родени на почетокот на 1970-тите имаат кафеникави, дамкави (тетрациклински) заби. Каков е Вашиот совет - што е неопходно, да се зачуваат, доколку е можно, ако се здрави или пак сметате дека убавината, естетиката сепак треба да надвладува?
Е. О.:Да,одлично прашање на кое работам веќе некое време, посебно на делот од антисептиците за орална употреба. Околу тетрациклинот, во 1970-тите е користен како антибиотик во секојдневната пракса,денес не се користи кај бремените жени поради тоа што се таложи во глеѓта на забите и се јавува тоа обојување на забите, но денес ние пародонтолозите го користиме кај резистентната и агресивната пародонтопатија,има остеотропен афинитет и способност да се врзува за ткивата на пародонтот каде што постигнува висока концентрација. За тетрациклинското обојување,моја препорака е ласерско белење на забите со посебен реагенс кој делува кај него, по неколку сеанси се добива посакуваната боја на пациентот, а за траен ефект се продолжува со домашно белење според инструкциите дадени од стоматологот.
ММ: За стоматолог учевте на истанбулскиот универзитет Чапа, со кој Ве врзуваат незаборавни спомени, особено за првиот ден - кога пристигнавте во Истанбул, на 19-годишна возраст. Интересно е и тоа што од професорите, освен за стоматологијата, многу научивте и за манирите, доброто воспитание..., меѓу другото и преку т.н. памук-тест. Ќе се присетите на него?
Е. О.:Да,дојдов во Истанбул од Охрид со куфер поголем од мене,стигнав многу рано на автобуската станица Отогар со адреса во рацете каде да одам, да се пријавам за да ме примат во интернат и да се запишам на факултет. Прво прашав за такси превоз кој беше 4 пати поскап од мојот автобуски билет од Охрид до Истанбул,не бев во можност да го платам.Алтернатива беше метро,прв пат на 19 години се качив на истанбулското,никогаш нема да го заборавам тој мирис.Поради деловни обврски, неодамна бев во Истанбул, сакав да го користам метрото со кое многу побрзо се стигнува до саканата локација поради сообраќајот. Сѐуште го има истиот мирис во него, ме потсети на деновите кога прв пат се качив на метро. Во тоа време, јавниот превоз во Истанбул за студентите беше бесплатен,тоа ми помогнада го научам градот многу добро, и европскиот и азискиот дел.
Професорите секогаш ни беа идоли во однос на нивните манири. Никогаш нема да го заборавам покојниот професорФевзи Батур, кој во тоа време беше на возраст од шеесетина години.Секогаш носеше костум,краватата и шамичето му беа во иста боја,никогаш не брзаше,секогаш имаше време на секого да му одговори или да му помогне.Професорите нѐ научија дека ние, штом сме се запишале на стоматологија,мораме да бидеме пример за општеството со нашите постапки и надвор од ординацијата, да можеме да ги инспирираме луѓето да учат, да бидат образовани затоа што денес не знаете кого можете да инспирате, па дури и надвор. Затоа, секогаш се трудам да бидам најдобрата верзија од себе, благодарение токму на нив.И денес капа долу за сите професори,многу од нив и денес ме посетуваат и се горди на мене што работам во Македонија. Инаку, памук-тестот беше на орална хирургија, вежбите ги почнувавме рано, во 7 часот наутро, сите машки моравме да бидиме избричени до тој степен да не останува памук на лицето. Асистентите многу пати, ако некој го видеа дека не е избричен,не прашуваа дали има пари да се избричи, му даваа време од 30 минути да се врати избричен или пак, ако мантилот е извалкан, неиспран и неиспеглан,нѐ враќаа од стаж.Ми ги врежаа тие навики во секојдневната пракса,секогаш да бидам среден и со сите манири.
ММ: Кога веќе ги споменавме и манирите, доброто воспитание за Чехов не е во тоа да не ја истурите солта на масата, туку да не забележите дека некој друг ја истурил. Ви се чини дека и тие - манирите во последно време се занемаруваат? Имајќи го предвид фактот дека цели 10 години престојувавте во Истанбул, Турција, можете ли да ја согледате разликата во однесувањето на обичните луѓе - овде и таму?
Е. О.:Денес живееме во еден виртуелен свет,на социјалните мрежи сите ние сме идеални,насмеани, како да сакаме на сите да им покажеме како правилно се живее,додека во реалниот свет е поинаку.Од тие причини, некои пријатели од социјалните мрежи можеби и не сакаат да нѐ поздрават кога ќе нѐ сретнат на улица.За една особа да има интелектуалност, не е само да заврши високо образование, туку и да потекнува од фамилија која 3 генерации по ред завршиле високо образование. Е, тогаш се стекнува интелектуалноста и тука најдобро се гледа разликата во манирите затоа што, според мене, темелот на секое однесување е бонтонот. Манирите се огледало на нашето образование и домашно воспитување.
Да, секако дека се гледа таа разлика - тука, во Македонија, стоматолог е некој што поправа расипани заби и работи во нечиста уста,додека таму, во Турција, тој е доктор на највисоко ниво во општеството бидејќи, освен што поправа заби, односно медицински ги лекува,работи и уметничка работа во која се соединуваат функцијата, фонетиката, естетиката, биокомпатабилноста, се внесува многу љубов и внимание за да се постигнат очекуваните резултати.
М. М.: Веднаш по завршувањето на факултетот се вработивте во Нишанташи, кој важи за доста луксузен кварт чиј секуларизам е доминантен. Благодарејќи на Вашиот ментор, се запознавте со интересни луѓе (тур. инсани), меѓу нив и кројачи - тие се грижат за Вашиот изглед, облеката и ден-денес. Шиењето по мера е нешто што го практикува секој џентлмен, господин човек насекаде во светот. Како функционирате, всушност - на кој начин? Што е особено важно да се знае кога е гардеробата во прашање?
Е. О.:Да, секако дека секогаш ќе му бидам благодарен на Еркан Акили за тоа што освен во стоматологијата ми помогна и во правилниот избор на гардеробата, ме научи како да го изградам својот стил на облекување,кошулите и вратоврските секогаш да се со моите иницијали на нив,да внимавам на изборот на саатот и секако, на обувките. Од мојот кројач го научив и правилото на мене никогаш да нема повеќе од 3 основни бои.
ММ: Занимливо е и видувањето на Вашиот ментор за успехот во работата, на приватната клиника... Имено, тој се гледа и во штиклите на сопругата - метафорично. Хм! а успехот во животот според Вас, што е мерило за него? Имате две ќерки... Која е Вашата филозофија, што е суштината на животот?
Е. О.:Јас, како стоматолог, поголемиот дел од денот сум во ординацијата со секојдневните обврски,а за децата се грижи мојата сопруга. Успехот во работата е среќата на мојата фамилија,посебно на мојата сопруга и на моите деца.Можеби поголем успех би имал доколку останев во Истанбул,но кога го посетувате градот како турст е одличен,а како резидент во него ви требаат околу 6 месеци до година дена за да се навикните на градот. Многу работи кои ми ги пружа Охрид како град ги нема во Истанбул, затоаќе го цитирам мојот професор Еркан: „Ако останеш во Истанбул, ќе бидеш дел од песокот и стресот,но ако одиш во Охрид, ќе бидеш камен во песокот и ќе имаш мир“. Дали сум го постигнал тоа во Охрид? Да, го наоѓам мирот и исполнет сум со мојата работа. Исто така и моите родители се горди на мене,посебно кога некој пациент ќе ги сретне во град и ќе им каже браво што сте воспитале такво дете. Инаку, станувам многу рано, околу 5 и пол часот, од 30 до 60 минути возам точак, кога ми допуштаат временските услови, и тоа ми дава енергија за цел ден. Охрид со сета таа убавина ми дава мир,спокој и среќен сум со тоа. Исто така, јас сум член и на охридскиот Лајонс клуб,светска хуманитарна организација каде што ги имам моите лајонс-пријатели од цела Македонија и каде што одлично се чувствувам со нив.
ММ: Често патувате и деловно, професионално и семејно, приватно. Има една анегдота врзана со Вашиот престој во Хинтерглем, на Алпите во Австрија. Се работи за познат ски-центар, но сепак - Вашата посета беше службена... Инаку, скијате?
Е. О.:Ха, ха, ха! да, во Хинтерглем бев на курс по мекоткивна хирургија,станав наспан,појадував - одличен појадок со швајцарско сирење. Курсот ми почнуваше во 9 часот,седнав во салата за состаноци,пред мене имаше голема тепсија покриена со хируршка престилка,дојде модераторот,нѐ замоли да се облечеме како за хирургија и да ја иставиме прекривката. Кога видов дека пред мене има глава од дива свиња - црна, добив страшен нагон за повраќење,излегов надвор, се стабилизирав и си кажав: за ова дојдов и морам да го сработам,првите неколку минути ми беше тешко, а потоа го прифатив како пациент затоа што свињата има идентична интраорална структура со човечката. Земавме парче меко ткиво и го префрливме на друго место. Како и да било, искуството од обуката ми помага и денес во секојдневната пракса како пародонтолог. И да - скијав, но во последно време избегнувам поради опасностите од повреди, една повреда може да ме чинимногу, временски - за мојата работа.
ММ: А, на што Ве научи „големото јаболко“ - Њујорк? За Мајами пак Ве врзуваат инакви сеќавања - велосипедски би рекол. Какво искуство имате оттаму?
Е. О.:Њујорк ми беше сон уште како дете. Учестував на Greater NY Dental Meeting каде што имаше повеќе од 25.000 учесници од цел свет,таму научив како треба некого да примитена интервју,како луѓето се однесуваат со вработените,како со пациентите. Исто така научив уште една работа, дека треба искрено да им се каже на пациентите дека забите или забните изработки се со одреден рок на користење. За да можат што подолго да секористат, неопходна е контрола на секои 6 месеци, како што сите ние кои се возиме со автомобил, велосипед по одреден број на поминати километри треба да ги однесеме на сервис. Кај нас, во стоматологијата, сервис е всушност рутинска контрола на секои 6 месеци. А, во Мајами си поминав одлично.Пред да летам, му се јавив на мојот пријател Славе Келешовски, диџеј крејзи Славе кој живее таму и му кажав дека имам 2 слободни дена за разгледување на Мајами и декаведнаш потоа одам на конгрес во Насау (на Бахамите). Ми рече да оставам на него,дојде утрото околу 9 часот, ме зеде од хотел,отидовме кај што престојува, ми позајми еден од велосипедите кои ги поседува,опрема имав и тргнавме на авантура низ Мајами, извозивме околу 90 километри, така го видов цело Мајами,поинаку е тешко да се види затоа што околу Мајами се обезбедени велосипедски патеки. За Насау ќе ви раскажам друг пат, надолго и нашироко - ха, ха, ха!
ММ: Всушност, секој ден возите велосипед - наутро обично. Која е маршрутата во Охрид, каков е редот на нештата? Се будите рано како што рековте...
Е. О.:Станувам многу рано, во 5 часот,во тоа време е уште темница, има малку сообраќај. Возам обично до Заливот на коските, после Градиште и на враќање во Два бисера (Лагадин) го пијам првото кафе со поглед на Охридското Езеро. Уживам во тоа.
Блиц прашања
ММ: Кога е начинот, стилот на живеење - што е вообичаено за жителите на Нишанташи, а пропо луксузот кој го споменавме? Во што се состои? Кое е најубавото нешто во градската четврт?
Е. О.:Во Нишанташи или пак во кое било место во Истанбул морате да имате нетворк на луѓе, каде што секојдневно се гледаат на едно место,дали тоа е кафе или ресторан. Според локацијата, таков е и аутфитот што го облекуваш,зависи со кого и кој е поводот за излегување со таа личност.
ММ: Парфем што Ве асоцира на луксузен живот е... Кој?
Е. О.:Моментално го користам -Vakko Infiniti.
ММ: Турската заедница во Охрид, нешто за неа... Што е традиционално, обичајно - типично за Охридскиот регион?
Е. О.:Турската заедница во Охрид е иста со векови,посебно традицијата која ја имаме за Рамазан и Курбан бајрам. Пред Бајрам, мајка ми припрема баклава, вечерта пред Бајрам ја попарува со шербет за утредента кога сите мажи одиме во џамија на Бајрам намази, по клањањето ги посетуваме гробиштата каде што им читаме молитва на нашите починати роднини и пријатели, а оттаму фамилијарно одиме кај моите родители на појадок. Тој ден на сите постари луѓе им бакнуваме рака, им го честитаме Бајрам. По доручекот ја пробуваме баклавата што ја припрема мајка ми. Вечерта, дома ми доаѓаат многу гости за да ми честитаат Бајрам.
ММ: Хедонистичка, мераклиска работа е и кулинарството, не само кафеанската разбигрижа. Што готвите најчесто - специјалитетите на турската кујна Ви се омилени? Користите доста зачини - цимет, на пример?
Е. О.:Освен по благото, Турција е позната и по мезињата,на нашата домашна трпеза секогаш има акдениз салатаси, атом мезе. Турскиот специјалитеткој го правам јас лично е чии ќофтето. Се прави само со булгур и секако, со зачини - одлично предјадење. За да се намали лутината, се пие ајран кој исто така е домашен. Често пати дома подготвуваме и лахмаџун, познат како турска пица, но и пиде со тахин, многу е убаво.
ММ: А, појадокот? Масата за јадење, трпезата секогаш е полна, богата. Ме интересира која е суштината, какво е неговото значење?
Е. О.:Појадокот е главниот оброк во Турција и тоа е причината што на него мора да има сѐ, за да се има енергија во денот кој следи. Така на пример се почнува со менемен, комбинација на јајца со пиперки, патлиџани, кромид - сето тоа зачинето со турски зачини кои ги купуваме во Мисир чаршиси (Еминону)каде што има и готови мешавини од мирудии за сите јадења. Со него се јаде и кајмак со мед и маслинки, симит наместо леб и секако,се пие чај во изобилство.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Ертан Омеров