Лаф-муабет со селекторот на кошаркарската репрезентација - Алек Јончевски: Душевниот мир и спокојството се непоимливи работи во професионалниот спорт на нашите простори
Имајќи го предвид фактот дека овој месец (февруари 2023) всушност
е третиот циклус на претквалификациите за ЕП 2025, чии натпревари ќе се одржат
во Кипар, Летонија, Полска и во Финска, вклучително и неоспорната вистина дека
македонската е единствената репрезентација што не е поразена досега, во
изминатите два (август и ноември 2022), не случајно го поканивме и нејзиниот
селектор Алек Јончевски да биде наш
соговорник, учесник во денешниот разговор, лаф-муабет чија цел секако е да ве
разонодиме, колку што е можно во овие лоши, т.е. услови на криза од секаков
вид. Оттаму, сосема неизбежно поразговаравме и за шампионатот, но не ги
изоставивме ни прашањата за состојбата во кошарката на европскиот континент, со
тренерите, за нивните одговорности, права..., од аспект на асоцијативен
претседател, меѓу другото.
Секако дека си помуабетивме и за темите кои се супстанцијални во понеделничката рубрика, од патувањата, уживањата врзани со нив - хедонистички, како на пример во деликатесните јадења, специјалитетите на кујните, со акцент на домашната..., правилата на облекување за време на натпреварите, но и приватно, до справувањето со стресот, психичката напнатост и возењето велосипед, не само рекреационо туку и како начин, стил на живеење. Заради комплетноста на постојаниот оддел на порталот, опфативме и други нешта, во продолжение...
ММ: Разговорот ќе го започнеме со претквалификациите за Европското првенство во 2025-та. До каде се? Има уште да се игра, но сепак Вашите очекувања се оптимистички. На што се должат, објективни се? Пред да почнат, во плановите беше првото место - ќе се остварат ли, што мислите?
А. Ј.:Претквалификациите за Европското првенство 2025 се состојат од три прозорци: aвгуст 2022, ноември 2022 и февруари 2023. Четири екипи, меѓу кои Данска, Македонија, Норвешкa и Словачка, се борат само за едно место - првото, кое води во следниот циклус на квалификациите. Засега, по завршените два циклуса, сме единствената репрезентација без пораз, па оттука и оптимизмот и желбата да завршиме на првата позиција која ќе нѐ одведе во следниот круг. Со оглед на тоа дека репрезентацијата навистина е подмладена, немавме никакви планови сѐ додека не почнаа натпреварите. Сега, нормално, апетите се зголемија, но важно е да останеме свесни дека имаме уште многу за да се вратиме онаму каде што посакуваме сите, а тоа е Европското првенство.
ММ: Наголемо се говори за криза во европската кошарка, во однос на организацијата. Како што се зборува, не е ни близу до нивото на фудбалот, кој е сѐ помасовен. Дури и тренерите се споменуваат како најголеми жртви, кога се работи за кошарката во Европа. За што конкретно станува збор? Вие сте и претседател на македонската Асоцијација на кошаркарски тренери, па следствено, каква е состојбата во Македонија, но и во регионов - поради Вашите ангажмани и надвор од државава?
А. Ј.: Ова навистина е обемна тема. Во кошаркарска Европа постои еден реален проблем кога се говори за организациската структура, а тоа се двете паралелни приватни лиги - Евролигата и Еврокупот, кои не се под покровителство на ФИБА и која не ги признава, а таму членуваат најдобрите европски клубови како Анадолу Ефес, Барселона, Олимпијакос, Реал Мадрид итн. Секако, тука е и спонзорскиот дел кој не може да се спореди со фудбалот бидејќи заинтересираноста и медиумската покриеност се многу помали отколку во фудбалот, но не се согласувам дека е во криза туку дека дури е во еден своевиден подем, нормално не споредувајќи ја со фудбалот. Системот на натпреварување во кошаркарската лига дозволува тимови кои имаат лош старт на сезоната да фатат ритам и подоцна, преку плејоф, да стигнат и до шампионски титули. Затоа сметам дека е понепредвидлива за конечен исход на сезоната, но тука е и големиот притисок што го споменувате, односно тренерските жртви. Паѓаат многу полесно, т.е. добиваат откази, отколку во кој било друг спорт, заради темпото на натпреварите и желбата на управите да се стигне до што подобар и инстант резултат. Од една таква побуда и заштита на тренерите кај нас го прифатив и предизвикот да бидам претседател на кошаркарските тренери на Македонија. Првото нешто за што се залагав и верувам дека го спроведувам успешно е доедукацијата на младите тренери за кои, покрај логистичка, здружението нуди и финансиска помош за следење на семинари и обуки надвор од нашата држава. Следно за што сум посебно горд е домашниот производ, односно македонските тренери. Во 2018-та на мое инсистирање за првпат се воведе правилник за издавање на лиценци, каде што странските тренери треба да исполнуваат одредени критериуми за добивање на истата - нешто што другите држави го практикуваат подолго време, а јас лично, на своја глава, го искусив како едно негативно искуство како главен тренер на Спартак Суботица во Србија. Со тоа што ги изгласавме и ги ставивме на сила и правилникот и критериумите, домашните тренери добија заштита од нелојална конкуренција и верувам, дополнителна мотивација за работа, доедукација и надградување на своето знаење во создавањето на нови играчи и работата со нив.
ММ: Владе Дивац во својот говор на приемот во „Куќата на славните“, отприлика пред 4 години, рече дека кошарката за него отсекогаш била прашање на љубов, дека во неа нема место за себичност, его - моето јас. Што е особено важно за успесите во оваа игра, во смисла на тимска работа и секако, колкава е одговорноста на тренерот, селекторот за истите во натпреварувањата? Многумина, независно од спортот, не ја прифаќаат. Битна е совеста?
А. Ј.: Кошарката секако е колективен спорт каде што имате 12, па и 15 различни индивидуи во секој тим. Поголемиот дел од нив имаат одредено его и тоа претставува најголемиот проблем за секој тренер, ако ја тргнеме настрана кошаркарската стратегија. Како да се изменаџираат тие различни карактери и како да имате насмеани лица, расположени за тренинг и мотивирани за секој натпревар... Секој тренер има сопствен пристап, различно влијание на секој играч и следователно - различен ефект. Моментот кога ќе се достигне нивото на меѓусебна доверба на играчите, а потоа и со стручниот штаб е моментот кога може да се надградува тимската игра, одбраната, нападот и сите елементи кои се дел од играта. Секако, колку се полесни играчите во смисла на помало его и подобри карактери, поголема совест, толку полесно можат да се спроведат замислите на тренерот, односно на стручниот штаб.
ММ: Дипломиравте на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистриравте на SLU во шведскиот град Упсала - бизнис администрација. Во кој домен највеќе Ви помага знаењето стекнато на тамошниот универзитет? Паралелно се занимавате и со некоја друга работа, бизнис? Деловноста е пресудна за успех на сите полиња, вклучително и спортот.
А. Ј.: Покрај Факултетот за физичка култура, дипломирав и на Факултетот за земјоделски науки и храна, отсек агроекономика, благодарејќи на кој, преку Институтот за агроекономика во Скопје и Шведската интернационална агенција за развој, добив целосна стипендија за постдипломски студии во Упсала, Шведска. Факултетот за физичка култура за сето тоа време ми беше во мирување, а го активирав непосредно по враќањето во Македонија. Иако двата факултета се тотално различни, но сепак - знаењето од првиот, а начинот на размислување, живеењето во странство, размената на мислења со различни карактери и личности од целиот свет за време на студиите во Шведска и те како е непроценлива школа за сѐ што би посакал да работам понатаму во животот. Во овој момент сум професионално ангажиран во кошаркарски клуб, во два наврата и надвор од границите на Македонија, што не остава време за други активности.
ММ: Како што кажавте, Шведска Ви е омилена и поради двегодишниот студиски престој, меѓу другото. Што Ви се допаѓа особено во оваа скандинавска земја? Нордиските народи се сметаат за најсреќни во светот, па која е нивната тајна? Мислам конкретно на Швеѓаните. Што би требало да преземеме од нив, а пропо тамошниот начин, стил на живеење и слично?
А. Ј.: Шведска е една многу карактеристична земја, а особено населението што живее таму, бидејќи не само Швеѓаните туку и мигрантите кои подолго време живеат таму веќе се претопуваат во шведскиот начин на живот. Шведска секако дека нема да ве остави рамнодушен, или ќе ја засакате или ќе ја замразите. Јас лично ги доживеав двете чувства во различен период од мојот престој, од ладните и темни денови во текот на зимата до топлите и светли ноќи во лето за накрај дефинитивно да сфатам дека сум ги доживеал и некои од најубавите моменти во мојот живот. Иако моето заминување во Шведска беше дефинитивен крај на деновите како играч, таму решив дека ќе продолжам да работам како тренер. Верувам дека, доколку мојот прв обид беше во Македонија, јас ќе се откажев многу порано и никогаш немаше да го достигнам нивото на коешто сум денес. Начинот на кој пристапуваат кон сите работи се крајно професионални, но во исто време и без никаков притисок врз никого. Благосостојба, душевен мир, толеранција, политика на нула стрес во сите сфери на општеството, а од друга страна - професионализам на максимум и најважно од сѐ - секој си ја гледа својата работа.
ММ: Често патувате и благодарејќи на професијата, но и приватно - заедно со семејството. Имајќи го предвид фактот дека сте го прошетале речиси цел свет, повеќе Ве привлекуваат европските држави како туристички дестинации, можеби американските...? Со сопругата и синот каде одите најчесто? Сакате да се враќате на исти места или пак да истражувате, да видите нови?
А. Ј.: Кошарката ми овозможи да видам многу различни земји: Латинска Америка, Венецуела, Порторико, САД на запад и Русија, Кина на исток, како и цела Европа, речиси сите поголеми европски градови. Сите различни, сите интересни - ама, нормално дека тропските, топлите градови покрај море секогаш се поатрактивни од студените, темните во некои северни земји. Лично, најубаво се чувствувам во Шпанија, но не во Мадрид и Барселона туку во помалите градови, кои имаат свој дух, посебна енергија меѓу луѓето, како да живеат и да се претопени во едно со жителите. Преполни со луѓе, а метежите не се ни приметуваат. Такви се Сантјаго де Компостела, Логроњо и Леон. Во следна прилика, кога ќе дозволи времето, секако дека ќе ги посетам повторно.
ММ: Визави патувањата, кога е кујната во прашање - Ве воодушевува некоја посебно? Повеќе сакате ресторански јадења, домашни? Има нешто деликатесно за кое би отпатувале некаде за повторно да го вкусите, од некој врвен готвач на пример?
А. Ј.: Освен од македонската, не би можел да кажам дека сум воодушевен од некоја друга, посебна како генерално добра кујна, иако навистина имам вкусено многу, па дури и секаде имало некој специјалитет на ресторанот или пак на хотелот, кој навистина ме воодушевил, но тоа било само исклучок од кујната. Затоа обожавам речиси сѐ што е домашно, а многу често, кога сум послободен, уживам да приготвам некој брз специјалитет и во домашни услови.
ММ: Фасцинантно е внимавањето на својот изглед кога се натпреварите во прашање. Мислам на селекторите, тренерите... Првокласен е, тип-топ. Ме интересира - каде, кога се воведени таквите правила кои претпоставувам дека се непишани? Зошто не носите на пример тренирки? Има некоја посебна приказна, порака?
А. Ј.: Секако дека има дрес-код за водење на натпревари и не е непишано правило туку напротив, многу јасно е образложено што смеe, а што не смее да се носи. Но, како тоа секој тренер посебно ќе го искомбинира и дали ќе ги запази правилата само за да не биде казнет или пак тоа е стилот на облекување, кај секого е различно. Поголемите клубови имаат спонзори кои се грижат за аутфитот на целиот стручен штаб, а со тоа си го рекламираат брендот. Кај нас тоа беше случај кога бев тренер неколку години во АБА-лигата и Еврокупот, па бевме облечени во брендирани одела и нормално дека тоа изгледа убаво, модерно, а и остава впечаток на сериозност на клубот. Како асистент имав прилика да работам за многу големи тренери од регионот, секој со свој различен стил, па можев да забележам дека играчите, судиите, публиката и медиумите различно го доживуваат тренерот во зависност од тоа колку тој води сметка за својот изглед. Како главен тренер, секогаш гледам да бидам во одело со кошула, а многу често и со вратоврска во боите на клубот за време на секој натпревар. Сето тоа прикажува почит кон клубот, кон навивачите, но и кон сите актери во натпреварот, службените лица, па дури и кон противникот. Како селектор во националниот тим, имам кежуал варијанти на панталони и поло маици, поради обврските кон спонзорот за спортска опрема, но и критериумите кои дозволуваат спортски аутфит.
ММ: Приватно исто така се облекувате класично - во одело, костум со кошула, кравата или блуза, маица, ролка? Важен Ви е брендот, квалитетот на материјалот? Кога се работи за класиката, нема многу следење на трендовите.
А. Ј.: Приватно, генерално сум унифициран и многу ретко екпериментирам, речиси никогаш. Нешто што знам дека функционира и верувам дека изгледа добро во смисла на начин, стил на облекување го менувам многу тешко. Имам десетици пара фармерки од ист бренд, па дури и јас не можам да ги разликувам, слични блузи, маици, поло и сето тоа го менувам секојдневно, а сепак изгледа речиси исто. Секако дека брендот делува директно на квалитетот, па и обратно. За класичниот стил можам да кажам дека доаѓа со годините, сериозноста на професијата, па така и во мојот гардеробер - кошули, панталони и палта почнуваат да заземаат значителен простор, кој претходно беше резервиран за џинс, маици и блузи.
ММ: Како поранешен играч, што Ви остана во навика? Кондициски, како се одржувате? Од зимските спортови, што вежбате, практикувате? Каде најчесто?
А. Ј.: Пред да започнам професионално да се занимавам со кошарка бев активен во повеќе спортови. Прва љубов од спортовите ми беше фудбалот, па скијањето, за кошарка да почнам да тренирам дури на 12-годишна возраст. Секојдневните тренинзи како активен играч беа насочувачи кон животниот стил со постојана активност. Па, така, со двогодишниот престој во Шведска го прифатив и велосипедизмот како животен стил, а не само како средство за рекреирање. Денес, освен фитнесот, велосипедот ми е речиси единствен начин за физичка активност на отворено во континуитет.
ММ: Душевниот мир е нешто што често се запоставува на сметка на трката по пари, оттаму и стресот, психичката напнатост. Генерално, такво е видувањето за модерниот живот, а и менталитетот придонесува за тоа - споредби, докажувања... Се чини дека суштественоста е во сосем друга насока. Што Ви е битно за спокојство, како го достигнувате?
А. Ј.: Душевниот мир и спокојството се непоимливи работи во професионалниот спорт на нашите простори. Тука мислам на сите поранешни југословенски републики, па и на Балканот, кај соседите. Тоа е така бидејќи општеството ни е навикнато на скандали, неуспеси, негативности, па така и во спортот - како едвај да се чека на некаков ексцес, за сите да можат да го прозиваат јавно оној што ќе погреши. Имам чувство дека тука луѓето се радуваат дупло повеќе на нечиј неуспех отколку на сопствениот успех. Во овој случај, не само тренерите, туку не се поштедени ниту играчите, управите итн. Фановите, навивачите, обичните гледачи на социјалните мрежи, па дури и медиумите, многу полесно го осудуваат „грешникот“, а сето тоа повлекува последици во подоцнежната работа во клубот и психолошкиот момент на индивидуата.
Блиц прашања
ММ: Листата на кошаркарски тренери од Македонија, истакнати по нивната работа во годините кога игравте активно и сега - чии имиња се на првите две места од Вашиот список?
А. Ј.: Во моментов има само едно прво место, па голема празнина. Тоа е Емил Рајковиќ, кој бележи одлични резултати во еден од најпрестижните европски клубови - ЦСКА Москва. Во македонската кошарка би го споменал Докузовски, кој беше неприкосновен со години со Работнички и секако, одличниот резултат со Македонија на Евробаскет 2011 во Литванија. Тренери со завидни меѓународни кариери, за кои исто така имам огромен респект се Заре Марковски и Октај Махмути. Не смеам да го заборавам и единствениот и уникатниот, мојот пријател Лазар Лечиќ, кој и ден-денес, иако неактивен со години, бурно ги следи сите збиднувања во македонската кошарка, па после некој натпревар знае да се јави и да ми даде некој совет, критика, а понекогаш и да ме пофали, ха, ха, ха!
ММ: А, од кошаркарите? Еве, одвојте тројца.
А. Ј.:Играчи кои биле активни, а оставиле белег во македонската кошарка и во меѓународни рамки, ако треба да изберам само тројца, би ги издвоил Благоја Георгиевски-Буштур, како единствен македонски олимпиец, потоа и Петар Наумоски и Перо Антиќ, кои имаат титули во најсилните европски натпреварувања, подредени по возрасна категорија. Како моментален селектор, би било неблагодарно да одвојам некого од сегашните играчи, а сум благодарен на сите кои активно го носат националниот дрес.
ММ: Претпоставувам дека го следите и развојниот пат на талентите во Македонија. Ве фасцинира посебно нечија игра, техника? На кого му предвидувате успешна кариера?
А. Ј.: Секако дека ги следам и младинските лиги и шампионати. Во стручниот штаб на сениорскиот тим се вклучени Василев и Велев, кои директно се инволвирани како тренери во тие категории и заедно го следиме нивниот развој како кошаркари, но и како индивидуи. Не би сакал да споменам некого бидејќи се плашам, искрено, каков ефект ќе предизвика пофалбата на некој играч или пак доколку не споменам друг. Има голема разлика во времето кога ние бевме играчи со сегашните генерации. Единствен проблем кога ние бевме млади беше да најдеме празна сала каде што ќе можеме да одработиме тренинг плус, за разлика од денешните деца, зборувам генерално за цел регион, тренерите имаат проблем да ги натераат да влезат во сала за тренинг плус. Секако дека има и исклучоци за кои сум особено среќен и верувам дека таквите се единствените на кои можам да им предвидам нешто посериозно во кариерата.
ММ: Би било интересно за читателите на нашиот портал да ни кажете нешто за карантинот - што е дозволено во него, а што не? Се кршат ли правилата? Како го минувате времето?
А. Ј.: Денес карантинот сѐ помалку е застапен како порано и тоа е поврзано со моменталните финансиски услови во клубовите, каде што се гледа да се заштеди на секој можен начин. Но, на патувањата и во хотелите каде што престојуваме секако дека постојат правила на однесување, дневен ред, тајминг, дрес-код итн. Влогот зa победа на секој натпревар е огромен, па така и совеста на играчите да ги применуваат правилата се големи и засега како тренер не сум имал никакви проблеми или барем не сум дознал, ха, ха, ха! Се сеќавам, како играч (како помлади), на тие европски натпреварувања знаевме да избегаме од хотел бидејќи, нели, првпат си во некој европски град, па и ден-денес знаат да се прераскажуваат случувањата од Париз, Рига, Варшава... Нормално, се било во границите на дозволеното, а единственото прекршување било напуштањето на хотелот.
ММ: 2022-ра ја одбележа и филмот „Измама“ со Адам Сендлер во улога на кошаркарски скаут. Го гледавте? Или пак ќе издвоите некој друг со тематика од кошарката - омилен?
А. Ј.: Всушност, Hustle е оригиналниот назив на филмот, кој е одличен во смисла на тематика и е прилагоден за пошироката јавност. Самиот наслов, кој не можам да го преведам буквално на македонски јазик, го отсликува единствениот начин за успех, посебно во спортот. Hustle значи да се бориш, да одиш до крајните граници на сопствените можности, да бидеш гладен за успех. За жал, сѐ почесто и побројни се младите генерации што го немаат тој порив во себе, научени да добиваат сѐ што ќе посакаат, научени на полесниот начин, па затоа и огромна разлика кај младите играчи чиј талент останува ненадграден и неискористен.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Алек Јончевски