Македонец преживеал вистинска драма во Грција: Му ја одзеле дозволата, а казните се ригорозни

Турист од Македонија доби казна во Грција за возење во алкохолизирана состојба, а му беше одземена и возачката дозвола на еден месец.
Во Фејсбук групата „Грција – група за туристи“ се појави објава во која авторот побара помош од членовите и се распрашуваше дали е можно дозволата да се земе порано, бидејќи, доколку тоа не се случи, на многу возачи одморот би можел навистина да пропадне.
– На моето момче му напишале казна за возење под дејство на алкохол, 0,38 промили, и му ја одзеле возачката дозвола на еден месец. Дали постои шанса, кога ќе се плати казната, да се поднесе молба за да ја вратат порано? – пишуваше во објавата под која се редеа реакции и коментари.
Инаку, според грчките законски прописи и досегашната пракса, дозволата се враќа дури по истекот на одредениот период на забрана, со доказ за платена казна.
Правилата не предвидуваат можност за порано враќање на дозволата врз основа на молба.
Дури и за туристи, иако одредбите се нешто поблаги, структурата на санкциите и процедурата за враќање сепак подразбираат почитување на времетраењето на забраната.
Казни и до 700 евра
Во Грција, возењето под дејство на алкохол значи автоматско исклучување од сообраќај, а степенот на казната зависи од тоа колку промили покажал тестот. Ако концентрацијата на алкохол во крвта е помеѓу 0,80 и 1,10 g/l (или помеѓу 0,40 и 0,60 mg/l во издишаниот воздух), следи казна од 700 евра и одземање на дозволата до 90 дена, односно три месеци.
Ако концентрацијата на алкохол е над 1,10 g/l (или над 0,60 mg/l во издишаниот воздух), следи казна од 1.200 евра, одземање на дозволата на 180 дена и затворска казна од најмалку два месеца.
Инаку, казните од 700 евра се „благи“ во споредба со оние што следат во случај на повторување на прекршокот. Ако се работи за возење под дејство на алкохол над 1,10 g/l, казната изнесува 2.000 евра и одземање на дозволата на две години.