,

Македонецот кој ги "средува" најголемите балкански ѕвезди: Интервју со Марјан Петров

И додека нашата младина бега од Македонија и оди да работи и живее некаде далеку за подобро утре, на некои им успева овде да го реализираат својот сон. И тоа е за поздрав! Зошто успехот овде, проследен со сите скоро "невозможни" услови за добра заработка, изгледа нереално. Ама и тоа го има. 

Фризерот и мејкап артист Марјан Петров работи овде. Има посебен пристап кон работата, исклучително е талентиран и знае како визуелно и стилски да создаде магија. Често патува надвор, ама базата му е во Струмица. Има супер студио и букиран е за два месеци однапред. 

Сепак, повеќето кои се бават со оваа работа, а се вистински професионалци кај нас, имаат доста работа. Кај Марјан тоа е тридуплирано бидејќи покрај стандардната работа во неговиот салон, ја "работи" цела Србија и Балканот, конкретно најголемите ѕвезди. Не така одамна беше во фокусот на јавноста кога ја "среди" пејачката Јелена Томашевиќ и тоа во Дубаи, каде таа настапи заедно со светскиот тенор Андреа Бочели.

- Не бев свесен што ми се случило, сето тоа беше сосема непланирано на мојот одмор во Дубаи. Ова ѝ го должам на мојата драга Јелена Томашевиќ која ми ја овозможи оваа средба, како нејзин стилист имав можност да бидам дел од бекстејџ тимот на Бочели- вели Петров.

Но нам главното прашање ни беше како му успеа да се пробие на Балканската шоу бизнис сцена земјаќи го фактот што таму има фиризери и шминкери „за извоз“ и така лесно не дозволуваат некој да им „стапне“ во нивна територија? 

- Со оглед на тоа дека моите почетоци беа на Академија во Белград имав можност да учам од најдобрите артисти во тоа време, самата работа ме вовлече кон соработка со најголемите балкански ѕвезди, така што задоволството и професионалната работа ми ги задржаа контактите до ден денес- ни откри Марјан. 

А, соработува континуирано и постојано скоро на сите нивни проекти. И самиот посочува дека ако почне да набројува со сигурност ќе изостави некој. Ама за една е сигурен дека најмногу се издвојува. 

"Не може, а да не ја издвојам мојата драга Слаѓа Алегро, со која не само што соработуваме, таа ми е приватно една од најблиските пријатели кои секогаш се тука за мене"

За сите ѕвезди (вклучително и повеќето македонски кои ги шминка) вели дека се апсолутно спремни за било каков договор и соработка како и за секаков стилски предизвик. 

Во Дубаи имаше средба и со Јелена Карлеуша па открива: 

- Сосема приземна и кул личност. Многу пријатна за муабет. 

Некаде помеѓу многу работа и премногу обврски, Марјан има малку време за одмор, но претпочита да го помине квалитетно. 

- Поради огромните обврски на работа и немам многу време за излегување меѓутоа прва прилика за слободен ден гледам да го поминам со моите најблиски и пријатели, дали ќе биде тоа изглегување, ручек или во домашна атмосфера, не е важно. Сосема сум опуштен, дружељубив, како на работа така и приватно- потенцира Петров. 

Бидејќи е постојано во допир со модата, и тој самиот внимава како ќе се облече, а има одличен стил. 

- Мојот стил е сосема релаксиран и кежуал, меѓутоа секако тоа зависи од самата пригода. Ако некој настан налага да бидам облечен во класика, нормално дека се пронаоѓам и во тоа. Знам да искомбинирам парчиња од различни брендови! А, омилен парфем моментално ми е ЛВ омбре. 

На крај, не се ни сомневавме во неговиот одговор на прашањето во што ужива најмногу... 

- Па во мојата работа, се разбира.

Небојша Толески