Maкедонија лежи на „црни дијаманти“, а нема кој да ги собере

Македонија е богата со тартуфи, посебно распространет е црниот тартуф, но малку луѓе ги собираат овие скапи печурки, од кои килограм достигнува цена и по неколку илјади евра.

Оние луѓе кои се занимаваат со оваа работа, велат дека активните собирачи се околу 20, а за да се извадат тартуфите од под земјата, потребни се дресирани кучиња. Дел од македонските граѓани ги купуваат и консумираат, а количини од тартуфот кој е собран одат и за извоз претежно за италијанскиот пазар.

„Во Македонија има тартуфи, од повеќе видови и ги има насекаде. Јас веќе 7-8 години се занимавам со собирање, и можам да кажам дека од оваа работа може да се живее, но ако собирачот се посвети и се фокусира само на оваа работа. Го работам црниот тартуф и годишно собирам од 50 до 100 килограми. Самоук сум, но со малку упорност, се успева“, вели Круме Димков од Велес.

Николај Костовски од Скопје, кој е добар познавач на тартуфарството објаснува дека она што треба да го знаат луѓето е дека отровен тартуф нема, а од 70 видови, 7 се комерцијални и наоѓаат широка примена во кулинарството.  Во нашата кујна оваа печурка нема значајно место, но се користи во италијанската, шпанската и француската кујна.


Повеќе на Фактор.мк