Мапа за инвеститори - Водич за компании на кои им е важен одржливиот развој на државата

Овој текст е дел од серијата текстови посветени на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 – 2044. Станува збор за клучен и сеопфатен стратешки документ, во кој е дефиниран развојниот пат на државата во наредните 20 години. Во октомври 2024 година, Собранието едногласно ја усвои Националната развојна стратегија, со што таа е и официјален национален документ чија имплементација е обврска за сите наредни влади до 2044 година. 

Седум сектори и девет потсектори се содржани во Мапата за инвеститори во согласност со Целите за одржливиот развој (ЦОР) и НРС 2024-2044 (НРС/ЦОР Мапа за инвеститори), која треба да им помогне на домашните и на странските компании во одлуката каде да ги насочат вложувањата во наредните две децении. Станува збор за документ кој се развива во рамки на процесот на имплементација на Националната развојна стратегија 2024 – 2044 (НРС) чија цел е да обезбеди поквалитетен и подостоинствен живот за граѓаните.

Мапата за инвеститори е алатка која се применува на глобално ниво, содржи 712 области на инвестициски можности, и е веќе присутна во 48 држави, а во моментов се развива уште во 14 земји, меѓу кои е и Северна Македонија. Се очекува да биде готова до крајот на мај 2025 година, со што на сите заинтересирани инвеститори ќе им бидат достапни подетални податоци за можностите и предностите од инвестирање во приоритетните сектори за одржливиот развој на државата.

ШТО СОДРЖИ НРС/ЦОР МАПАТА ЗА ИНВЕСТИТОРИ?

Развојот на државата и бизнис секторот треба да одат „рака под рака“ бидејќи само на тој начин се обезбедува долгорочен и инклузивен општествен напредок за сите. Токму затоа, неопходна е поголема синхронизација помеѓу развојните цели и приоритети на државата и инвестициите на компаниите. Клучните развојни цели на Северна Македонија за наредните 20 години се преточени во Националната развојна стратегија – најсеопфатниот стратешки документ во историјата на земјава, на чие создавање се работеше четири години и беа вклучено повеќе од 15.000 граѓани. Нејзиното спроведување во пракса ќе биде ефикасно само доколку активно се вклучи и бизнис секторот.

Тука стапува на сцена Мапата за инвеститори. Таа ги детектира секторите кои најмногу можат да придонесат за остварување на целите на Националната развојна стратегија. Овие активности се насочени кон изградба на иновативна, зелена, одржлива и конкурентна економија, но во исто време ќе придонесат и за поквалитетно здравство и образование, почиста животна средина, дигитализација на услугите и процесите, рамномерен регионален развој, сигурно и безбедно општество. Како седум клучни сектори во земјава се мапирани: Храна и пијалоци, Обновливи ресурси и алтернативна енергија, Инфрастуктура, Трансформација на ресурси, Услуги, Технологија и комуникации, Транспорт (дефинирани според Системот за класификација на одржливите индустрии). Особен акцент е ставен на дигиталната и зелената трансформација, како и на зајакнување на конкурентската позиција на бизнис секторот.

Секој од секторите опфаќа помеѓу еден и два потсектора односно Мапата за инвеститори содржи вкупно 9 потсектори. Особено е значајно што сите се детално разработени и анализирани и за секој од нив во мапата се презентирани: бизнис модел, бизнис случаи, позитивни ефекти, регулаторна рамка, прелиминарна проценка на ефектите, очекувани финансиски показатели (на пр., профитабилност) и приоритетни плански региони, во кои би се реализирале инвестициските проекти. Сите овие детални податоци треба да им дадат јасна слика на инвеститорите каде да ги насочат своите идни вложувања.

„Мапата за инвеститори треба да му помогне на бизнис секторот да ги лоцира инвестициите кои ќе ја обезбедат и неговата економска логика, но и поширок национален развој и поголеми бенефити за граѓаните. Од друга страна, мапата ќе ѝ помогне на државата да ги најде клучните места – празни места, јазови. Каде треба да се подобри политиката и регулативата, каде треба да се отстранат бариерите, со цел бизнис секторот да може да направи најоптимални инвестиции, кои ќе придонесат и за неговиот раст, и за националниот развој, и за благосостојба на сите граѓани“, вели професорот Борче Треновски, кој е дел од тимот што работи на Мапата на инвеститори.

„Буџетските ресурси се ограничени и затоа е потребно и приватниот сектор да се вклучи во реализацијата на Националната развојна стратегија, и тоа токму преку оваа Мапа за инвеститори, во согласност со Целите за одржлив развој. Ние велиме во ред, можеби секое евро странски инвестиции е добредојдено, меѓутоа многу подобро е кога ќе се насочи во приоритетните области за нашата економија односно во областите на одржливиот развој. Мислам дека со силна политичка волја и голем ентузијазам, оваа стратегија може да нѝ донесе подобра иднина“, потенцира професорот Александар Стојков, кој исто така е вклучен во исцртувањето на Мапата за инвеститори.  

Креирањето НРС/ЦОР Мапата за инвеститори е инклузивен процес во кој учествуваа бројни јавни институции, бизнис секторот и инвеститорите (особено стопанските комори), граѓанските организации и академската јавност. За таа цел, пред нејзината подготовка се спроведоа 10 фокус групи со претставници од државните институции, приватниот сектор и граѓанското општество. Директно беа консултирани речиси 100 компании, од кои 25 преку интервјуа, а 70 одговорија на прашалници.

Инвестициите во приоритетните сектори ќе го поддржат и исполнувањето на дел од Целите за одржлив развој, дефинирани со Агендата 2030 на Обединетите нации, пред сè придонесувајќи за:

Цел 12 – Одговорна потрошувачка и производство (Одговорно користење на ресурсите)

Цел 8 – Достоинствено вработување и економски раст

Цел 7 – Достапна и чиста енергија

Цел 2 – Нула глад

Цел 11 – Одржливи градови и заедници

Цел 9 – Индустрија иновации и инфраструктура

Стремежот за подобра иднина може да стане реалност ако се вклучиме сите, водејќи се од принципот дека колективното добро е и наша лична придобивка. Патот е исцртан, останува да го изодиме, создавајќи подобра иднина заедно.

Носител на имплементацијата на стратегијата е Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат. Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП го поддржува процесот со финансиска поддршка на Министерството за финансии на Словачка.

ПР објава