Мажи vs. жени: Јавна соба
Јавноста деновиве е бомбардирана со случувањата со Јавна соба. Случајот не е ни малку наивен, а свои ставови за ова имаат нашите остри пера Ана Бунтеска и Божидар Божиновски ака Моџо Килингтон. Ова се нивните ставови и гледишта:
Моџо Килингтон
Дај му на човека маска и ќе го видиш каков е, рекол некој можи Балашевиќ можи Лао Це, не ми текнува ама бил во право. Уште еднаш под плаштот на анонимноста се уништуваат животи овој плат на млади девојчиња и жени во група наречена „Јавна соба“. Собрани мажиња и чичковци разменуваат слики од млади девојки што ги нашле на интернет. Некои и под 18 години! Интернетот им даде шанса на оние со мали куриња да прават вакви работи. И на оние без мадиња.
Зошто без мадиња? Затоа што од тие 7000 пациенти таму немаше еден маж да излези со име и презиме и да преземе одговорност. Да речи јас бев, тој и тој, ја креирав, бев во групата, што и да е. Да се покае или не, не е ни важно, само да истапи. Нула такви. Сега многу од нив седат стуткани со избришан Телеграм и во страв од сопругите да не им чукне полиција на врата. А не знаат дека допрва им следи стравот, дека ова нема да помине така ако не од полиција од целата јавност. Наредните денови ќе ги изживеат ко црви, какви и што се.
Анонимноста им даде шанса да се курчат. Од тие 7000 што беа таму сигурно некои се познаваа со жртвите. И немаа храброст да им пристапат ако веќе сакаат нешто со нив. Мадињата лешници. Најлесно е со други јадници да уништуваш животи и да кукаш како жените се вакви и такви затоа што не те сакаат. А има и причина за тоа, пошто сте бедници.
Покрај овие, секогаш анонимни, има и такви што ги бранат.
„Сама си го барала“. Со што? Со тоа што пуштила слика на нејзин профил, од нејзин одмор, платен со нејзини пари? Со тоа си го бара? Одите на одмор и на плажа имате секс со сите затоа што се по бикини и си го бараат? Никоја не си го бара! Нејзин профил ако сака може и гола да се слика и ич не си го бара нит па вас ве повикува. Да ве повикуваше немаше да сте во група со други дркаџии.
„Ако не сакала да ја гледаат шо се сликала?“... Ако не сака да ја гледаат шо излегува од дома? Ако не нека излегува од дома пошто надвор има луѓе што ќе ја видат. Нека се заѕида во четири ѕида и нека седи таму затоа што постоењето е причина за да провоцира.
Многумина се вадат дека условите за користење на Фејсбук и Инстаграм на јавни фотографии се такви што секој може да ги користи. Не знам, не сум правник, а и да е така каде е моралниот дел од тоа да користиш нечија слика во порнографска страница? Треба се да е забрането со закон за да се почитува? Има и нешто што не е опфатено со закон туку е опфатено со основно меѓучовечко достоинство и односи.
Поддршката за жртвите е многу пати дадена, еве повторно поддршка до нив. Се разбира не се ни сами, целото општество е со нив. Поголем проблем е што голем дел од тие манијаци, воаери, педофили се уште меѓу нас, живеат навидум нормално, додека не стават плашт на анонимност кога се претвораат во ѕверови. Ќе бидат најдени. Сите!
Ана БунтескаДали си приметил по социјалниве мрежи дека најгласни и најгнасни се оние со лажни профили кои секогаш имаат мислење за се’? Таквите не научија и не научија дека ставовите и мислењето се како задникот, не се покажуваат на секое. Токму тие, анонимните, се оние кои се експерти за политика, морал и како треба а како не треба. Скриени зад тастатурата и мониторот, си даваат за право да плукаат и коментираат она што не е нивна работа. Токму тие и таквите се кријат како глувци во реалниот живот, глумат наивчини кои не го повишуваат тонот, најчесто не се ни есапени по дома, па ете, се нашол начин како да го изблујат сиот отров кој им се насобрал. И да, она што навидум е бенигно и на кое се потсмеваме кога ќе видиме како се глупираат со коментари е како канцер кој не се третира во првата фаза, па расте и метастазира.
Порано, кога немаше интернет ваквите ликови беа од оние го*нојадци кои секогаш и во секоја прилика знаат која девојка или жена каква е, со кого спие, дали е спонзоруша, колку сексуални партнери имала, дали ја “работи” шефот за да добие унапредување и низа други гадотии кои може да ги смисли еден прост и простачки ум. На тие умоболни интернетов им дојде ко кец на десетка, оти им овозможи пристап насекаде. Ми се има случено да ми алармираат дека некоја персона користи моја фотографија за своја профилна слика што е недозволиво, ама од аспект на последниве случувања и бенигно. Алатките кои се достапни со едно INSTALL можат многу лесно да ја стават било чија глава на било чие тело. Еднаш прочитав еден статус дека дури и за користење нет, треба да се помине психолошки тест и потполно се сложувам. Како жена и мајка на малолетно женско дете, ова со јавна соба ме погоди од многу аспекти. Прво, како можам да ја заштитам ќерка ми, а потоа, како ќе и’ помогнам ако некој некогаш употреби нејзини слики, имајќи го предвид она што го спомнав погоре со апликациите кои можат на мојов сурат да му го наместат телото на Анџелина Џоли и тоа многу успешно.
Кога сме веќе кај мадињата, имаше една фраза која вели дека не се’ што има мадиња може да се нарече маж! Не ни очекував дека ќе има некој толку храбар за да се покаже пред сите кои го знаат и кои не го знаат дека е ѓубре и педофилска стока. Тоа се истите оние мажулиња кои моралисуваат по дома и по комшии, кои на своите синови им даваат пример дека местото на жената е во домот, дека нема што таа да носи мини или да се шминка за да ја гледаат другите. Тоа се оние кои чекаат жените да си легнат навечер за на раат да си пуштат канали за возрасни и за кои терминот водење љубов е изедначен со порно. Можноста за анонимност само го извади на површина сето она што се пикало под тепих со децении кај нас. Можноста за анонимност им даде сила на психопатите да се изживуваат со девојката која рекла НЕ, со жената која не сакала да ја продолжи врската, со девојката на која немале храброст да и’ се приближат.
Она што е најгнасно од се’ не е фактот (кој е гнасен сам по себе) дека останатите мажиња исти по развој на мозочната маса ќе ги оправдаат, туку дека има жени кои потсвесно знаат дека заглавиле со некој таков смрад од мажуле, па ја излеваат својата фрустрација преку плукање кон жртвата. За жал, “сама си го барала” е многу често користена фраза од жена за жена и тоа лично ме поразува. Знам само едно, а тоа е следното...додека се премолчуваат имињата, додека се кријат идентитетите на оние кои си поиграле со туѓ идентитет, психа, здравје, даваме само амин на овие појави и случувања. Вчера (петок) потпишав петиција за постапување по предметот Јавна Соба, а линкот го имате на мојот профил. Едуцирајте си ги децата за сите вакви појави во општеството, без оглед дали имате синови или ќерки...жртвата може да биде и маж и жена!