МИХАИЛ КОРУБИН: Со Каролина се разбираме со поглед

Тој е уметник кој сака да инспирира, да пренесе магија на публиката со своите дела. Со Каролина Гочева, неговата сопруга заедно создаваат уметнички свет од кој се раѓа љубов

Неговата уметност ја распостила на сликарско платно со големи димензии, а неговиот раскошен талент “пука” од енергија. Михаил Корубин е урбан уметник, смирен, приземен, одлично воспитан. Потекнува од лоза на уметници. Неговиот татко Рубенс е еден од најпознатите наши сликари, а Лиле, неговата мајка е модна дизајнерка и создава витражи. Гените си го направиле своето, ама Михаил е различен, уникатен и посебен. Веројатно и нашата поп дива Каролина ги видела овие вредности. Во брак се две години и функционираат како едно. Михаил ретко дава интервјуа, па ја имавме честа за  “Машки магазин” да сподели дел од себе, животот со саканата, уметноста и љубовта како движечка сила…

* Како функционирате со Каролина со оглед на тоа што и двајцата работите уметност во која се внесуваат чувства?

- Ја делиме уметноста заедно, нема слика која и ја немам покажано пред да ја завршам. Каролина има одлично око и често ќе се фати за некоја работа која воопшто не ја гледам, го знам нејзиниот израз  на лицето и не може да ме излаже ако не и се допадне, а и "вајс верса" ја слушам секоја нејзина песна пред да излезе. Таа е филмоман како мене и бев изненаден какви филмови можеме заедно да гледаме, така што скоро се гледаме заедно.

* Дали Каролина внесе нов креативен свет во Вас? Ако Лиле е муза на Рубенс, дали вашата сопруга ја има таа фаталност?  

- Се разбира, да!

* Често одите на патувања заедно. Вашата последна изложба во Њујорк привлече големо внимание. Колку сопругата влијаеше во целокупната магија? И таа има изострен стил за убавото!


- Обожаваме да шетаме кога можеме, претежно сакаме мали места во кои за брзо време се чуствуваш како дома затоа и често ги  повторуваме локациите. Се надевам дека ќе имаме уште многу моменти во животот каде што поради моја или нејзина обврска ќе шетаме низ светот, тие патувања ни се особено драги. 

* Според Вас, која е убавината на бракот? Што ново научивте, си приредувате ли изненадувања, се разбирате со збор или со поглед?

Ние живеевме заедно и пред бракот, тоа е само еден вид официјализирање, убавината е во заедничкиот живот, а тоа би го правеле и без бракот.  После толку време заедно мислам дека си ги знаеме сите ”цаки”, така што погледот е доволен. Научивме многу еден од друг, доволно сме различни во позитивна конотација за да прифатиме нови работи еден од друг.

* Дали постои машка и женска уметност на сликање или нема поделби? Дали е се во окото на набљудувачот или вие уметниците ни сугерирате кому се обраќате со вашите дела? Во Вашите слики велите дека пораката е да инспирирате некој да создава…

 - Веројатно постои машка и женска уметност во моментов но не треба да има поделби, уметноста треба да биде ослободена од таков начин на перцепирање, не знам зашто тоа би имало некаква улога, освен ако има некоја конкретна порака, другото е небитно. Луѓето се прашуваат дали еден би творел ако нема публика која би имала допир со делото, и одговорот е да, уметниците ќе продолжат да творат, но дали делото би било различно е поинтересно прашање. Ако навистина нема кој да ја види уметноста веројатно креацијата би била недопрена од стравот на туѓото мислење и можеби во најчиста и најлична форма со самиот творец. Тоа е се во ред, но од друга страна набљудувачот ни е потребен, без него е само експресија на парче хартија, огледало на личната имагинација, и без никаква интеракција од светот,  делото  е физички присутно но не и живо. Делото живее и се храни од публиката како и пубиката од него. Јас секако имам отпечаток од општеството но се трудам да бидам што поблиску до себе си, а патем и да го споделам со светот.

* Вашиот опус опфаќа и мега портрети. Зошто често ја замрзнувате акцијата и покажувате во одредени сегменти страв, тага, бес? Дали тоа има врска можеби со Вашето минато или нешто кое ви го променило животот?

- Тоа се емоции кои секој човек ги искусува низ текот на животот, моите дела се фрагменти од мојот живот и тоа нормално се одразува во творештвото. Инспирацијата може да дојде од секаде и во секој момент, немам особена насока од каде што ја впивам првичната идеја. Инспирацијата ја црпам од филмови, книги , галерии, личности, емоции… листата е бескрајна. Според мене важно е да се впише и запамти тој момент на инспирација во меморијата и кога ќе дојде време да се твори сета таа енергија се истура на платно со сите свои недостатоци, надополнувања, искуства кои се закачиле како пијавица на првичната замисла. Сето тоа ја прави идејата лично твоја и само твоја. Во мојот опус моментално тоа се одсликува во мега портрети, дела со кои можам комлетно да се изразам.

*  Играте со боите но и со имагинацијата. Колку таа е потребна и во секојдневието? Дали Вам ви помага да се ослободите од нешто додека сликате?

- Секако. Кога имам творечки порив комплетно се исклучувам од се околу, саатите се минути, проблемите се далечни, тоа еден вид и добра терапија за мене. Борбата со креацијата знае да биде и заморна и деморализирачка, но чуството кога ќе легнеш и едвај чекаш да се разбудиш да продолжиш да сликаш е уникатно и незаменливо со други задоволства. Понекогаш толку си окупиран со делото што тешко е да сконцетрираш на другите работи. Често ја фотографирам со телефон сликата и ја гледам кога треба и не треба, едноставно е прва мисла кога се будиш и последна кога легнуваш.

*  Потекнувате од лоза на уметници. Секој различен на свој начин. Што Ве научија?

- Пораснат сум во студито на татко ми и дедо ми, така што на некој начин тоа ми е природна околина каде што сум се оформил како личност и уметник. Татко ми отсекогаш ме подучувал да цртам, сликам, но исто така ме научил како е да се живее како уметник, што да очекувам во иднина и како да се справам пречките кои се неизбежни во овој свет. Сите ние тројца сме различни во креативата и стилот, но за мене е несомнено дека имам печат од нив, особено од татко ми кој што сум го гледал како работи уште од пред да знам што всушност  се случува во студиото. Имам мое студио но често кога сум под некој креативен пад, одам кај татко ми во ателјето каде што сликаме заедно, тој знае да ми даде друга енергија, да ми даде насока или критика, понекогаш тоа ми е како еден рестарт, земи воздух, смири глава, почни одново. Не се мешаме многу во работата, но како јас така и татко ми знае да побара совет од мене, за креативен совет треба да се погоди моментот бидејќи не секогаш ја знеаш финалната замисла.  

* Несомено е дека имате специфичен стил и на облекување… Како Вие би го дефинирале и колку Вашата мајка Лиле како моден дизајнер влијаела свесно или несвесно?

- Сакам секакви шапки, за другото веројатно е прилично стандарно. Мајка ми никогаш не ми се мешала околу тоа, го сака мојот стил.

*  Што е она што Ви прави спокој на душата освен сликарството?

- Музика, многу сакам музика но ретко сликам со неа, не можам да се сконцетрирам додека слушам, има иста моќ врз мене колку и сликарството, а тешко ми да ги спојам двете без едното да превземе комплетна контрола врз другото. Гледам многу филмови, иако после секој филм кој што сниман по книга се каам зашто книгата не сум ја прочитал. Сакам книги но толку многу понуда има денес што не знам прво за што да се фатам. Сакам да одам на одмор на неколку дена без никаква дистракција и да читам по цел ден. Треба да го направам тоа, планирам…

Небојша Толески