Зголемен ризикот од сообраќајни незгоди поради новина во автомобилската индустрија

Зимските ноќи и лошото време го отежнуваат возењето, но многу возачи денес велат дека најтешко им е да ги издржат светлата од другите автомобили. 

ЛЕД фаровите, кои станаа стандарден дел од новите модели, за многумина се премногу силни и заслепуваат при возење, што го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди.

Според истражување на шведската компанија Bilprovningen, која се занимава со технички прегледи на возила, дури осум од десет возачи изјавиле дека барем еднаш биле заслепени од светлата на автомобил што им доаѓал во пресрет. 

Истражувањето е спроведено на повеќе од еден милион патнички возила, а резултатите се загрижувачки бидејќи секој четврти автомобил имал неисправно или неправилно наместено светло.

Како што ЛЕД технологијата станува сè поприсутна, проблемите се зголемуваат. Иако таа е поефикасна и троши помалку енергија, светлосниот сноп е значително посилен од оној на обичните сијалици. 

Многу модели имаат и автоматски долги светла кои не се пригушуваат доволно брзо, што дополнително го влошува проблемот.

Стручњаците предупредуваат дека комбинацијата меѓу премногу силни светла и ослабен вид кај постарите возачи може да биде особено опасна. Седум од десет возачи признаваат дека ноќе гледаат послабо, што значи дека сјајните светла многу полесно ги заслепуваат. 

Затоа се препорачува редовна проверка на видот по 45-годишна возраст, како и правилно наместување на фаровите при технички преглед.

Бидејќи сè повеќе автомобили преминуваат на ЛЕД светилки, стручњаците сметаат дека е крајно време да се воведат нови правила за јачината и аголот на светлосниот сноп, со цел да се намали бројот на инциденти на патиштата.