Милевски: Имаме динамичен распоред, базата е иста, со три нови имиња во тимот за Лигата на Нации
Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со фудбалери за натпреварите против Бугарија (2. јуни), Гибралтар (5. јуни), Грузија (9. јуни) и Гибралтар (12. јуни) од групата 4 во Ц сегментот од новото издание на Лига на нации.
Двете воведни пресметки ги играме на гостински терен во бугарски Разград и Гибралтар. Домашните натпревари против Грузија и Гибралтар се закажани на Националната арена “Тодор Проески” во Скопје.
На списокот на селекторот Милевски се наоѓаат 28 фудбалери, нашиот селектор најави дека базата е таа, а имаме и три нови имиња.
„Базата на тимот веќе ја имаме со фудбалерите кои ги одиграа натпреварите за пласман на Светското првенство, но нашата цел е тројцата нови фудбалери во составот Димоски, Гроздановски и Фазлагиќ да донесат одредено освежување во репрезентацијата.Шанса за потврда на својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите и низ подготовките и натпреварите, помладите фудбалери треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во нашите натпревари од квалификациите за Европското првенство чија ждрепка е закажана во октомври.Јас се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува четири меча, а фудбалерите завршија со клупски активности. Дел од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари нама да бидат во комбинација за настап за натпреварите кои ни следуваат, а ќе видиме каква е ситуацијата со дел од играчите кои имаат повреда и дали ќе бидат во можност да настапат” - вели Милевски.