Моето срце е болно: Лејди Гага се огласи по крадењето на кучињата
Украдените кучиња на пејачката Лејди Гага се пронајдени живи и здрави, соопшти полицијата во Лос Анџелес.
Двете миленици биле украдени при вооружен грабеж пред два дена, а откако биле пронајдени биле предадени на соработниците на познатата пејачка.
Непознати напаѓачи во средата го застрелаа Рајан Фишер, човек кој ги шеташе кучињата на Лејди Гага, во Холивуд, Лос Анџелес.
Тој е во болница, а неговото семејство во петокот објави дека се очекува Фишер целосно да се опорави од здобиените рани.
Деталите за акцијата во која се пронајдени кучињата сè уште не се целосно јасни.
Според новинската агенција АП, една жена ги однела во полициската станица, а претставниците на пејачката потврдиле дека станува збор за кучињата на Лејди Гага.
Засега се чини дека жената не учествувала во пукањето и грабежот, изјавил портпаролот на полицијата.
Лејди Гага понуди парична награда од 500.000 долари на оној кој безбедно ќе ги врати кучињата, но се уште не е познато дали споменатата жена ја зела сумата.
Гага, чие вистинско име е Стефани Џерманоте, моментално е во Рим и работи на новиот филм на Ридли Скот, Гучи.
Нејзината прва реакција на Твитер по нападот беше: „Моето срце е болно“.
„Се молам моето семејство да биде повторно заедно благодарение на гестот на добра волја. Ќе платам 500.000 долари за нивно безбедно враќање “.