Можеби ќе се предомислите: Еве ги цените во Грција на првиот крак на Халкидики- солена вода, солени цени

Иако летната сезона во Грција официјално сè уште не е започната, првиот крак на Халкидики – омилената дестинација за многу македонски туристи – веќе пулсира со туристичка атмосфера, а цените се поставени според очекуваната гужва.

Гирото, како едно од најпрепознатливите брзи јадења, чини 5 евра (околу 300 денари) ако се купи во ресторан за брза храна. Но, доколку се нарачува како целосна порција во класичен ресторан, цената се искачува на 10 евра (околу 600 денари).

За освежување на плажа, цените се слични и за безалкохолни и за пиво. Во кафуле покрај брегот, еден пијалок ќе ве чини околу 4 евра (240 денари) – без разлика дали станува збор за сок или пиво од 0,5 литри во доза.

Доколку, пак, сакате да уживате во вкусот на кафето, цените варираат. Кафе може да се напиете и за цена од 90 денари, што наликува на нашиот стандард, но за кафе може да платите и 5 евра (300 денари), доколку изберете да го пиете на плажа и со него да добиете „гратис“ лежалка.

Интерен извор

Ако планирате да ручате во ресторан, за еден оброк по лице треба да издвоите најмалку 10 евра. За љубителите на италијанската кујна, цената на голема пица во пицерија достигнува до 15 евра (околу 900 денари), додека помалите варијанти се движат меѓу 12 (780 денари) и 13 евра (840 денари).

Интерен извор

Кога станува збор за маркетите, цените генерално се во ранг со оние во Скопје. Сепак, како што признаваат и локалците, со доаѓањето на јули и август – односно во екот на сезоната – цените имаат тенденција на раст.

Во мај, пред почетокот на најголемата туристичка гужва, лежалките на плажа често се нудат гратис со секој порачан пијалок. Но, во текот на сезона, користењето на лежалка се наплаќа, при што цената зависи од локацијата и популарноста на плажата.

За сите кои сакаат да уживаат во убавините на Егејското Море пред летната врева, мај е одлична можност – со прифатливи цени и релаксирана атмосфера.

М.С.К