На преработеното месо треба да му се стават ознаки дека предизвикува канцер исто како и на цигарите

Група британски научници побараа преработеното месо – особено сланината и шунката – да носи здравствени предупредувања слични на оние на пакувањата цигари.

Причината е тоа што овие производи често содржат нитрити, конзерванси за кои расте бројот на докази дека го зголемуваат ризикот од рак, посебно рак на дебелото црево, кој е сè почест и кај младите.

Според научниците, опасноста доаѓа од тоа што нитритите во телото се претвораат во нитрозамини – силни канцерогени кои ја оштетуваат ДНК. 

Овие соединенија можат да создадат генетски грешки, да предизвикаат оксидативен стрес и да доведат до неконтролирано делење на клетките, што резултира со формирање тумори.

Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC) веќе класифицираше преработено месо како канцероген од група 1 – исто рангирање како азбест и тутун. 

Се проценува дека нитритите во преработено месо во последната деценија предизвикале околу 54.000 случаи на колоректален карцином во Велика Британија.

Нови истражувања го поврзуваат консумирањето преработено месо и со зголемен ризик од рак на дојка кај жени.

Како реагира Европа?

ЕУ веќе ги намали дозволените нивоа на нитрити и ја поттикнува употребата на побезбедни алтернативи, нагласувајќи дека модерните стандарди за хигиена овозможуваат производство без опасни адитиви. 

Многу европски производители веќе продаваат месо без нитрити, без забележани здравствени ризици.

Од друга страна, дел од индустријата тврди дека отстранувањето на нитритите би можело да ја намали безбедноста на храната, но научниците сметаат дека ова е застарен аргумент.

Што препорачуваат експертите?

Стручњаците бараат:

  • постапно укинување на нитритите,

  • јасни предупредувања на пакувањата,

  • поддршка за производителите да преминат на побезбедни технологии.

Тие нагласуваат дека канцерогените во исхраната се превентабилен ризик, и дека намалувањето на изложеноста на нитрити би спасило илјадници животи и би го намалило притисокот врз здравствениот систем.

Телеграф / Pexels