На таа пара, можете и подобро: Стилот на топ 5 најбогати Македонци
Стилот со пари не се купува... или се купува?
Заедно „тежат“ неколку милијарди евра. Нивното богатство
им овозможи лагоден живот и многу привилегии. „Секира во мед“, би рекол нашиот
народ, но секој со својата планина (за најбогатите изгледа била ридче). Според
листата на престижниот „Форбс„ овие топ 5 најбогати македонски личности се
бизнисмени кои располагаат со огромни ресурси, но за жал, никој од нив не
изгради глобален бренд.
Се поретко ги има во јавноста (кој како) но нивната појава не останува незабележана. Секој на свој начин е различен во стилот на облекување. Да не се лажеме, се се тоа брендови прва класа. Но, брендот сам по себе не значи апсолутно ништо ако не знаеме како да го носиме, за каде го носиме и како изгледаме во него. Петмината имаат дијаметрално спротивен однос кој облеката. Едните се класичари, другите „фенси“ а има еден кој на нашата топ пет листа е прв- со најдобар стил.
ФЕНСИ
Јордан Камчев
Најбогатиот Македонец, во чија сопственост се компаниите „Орка Холдинг“, „Стопанска банка- Битола“, „Бетон- Штип“, „Аџибадем Систина“... магазинот Форбс„ го процени дека располага со 238 милиони долари. Сега видовме и како се облекува по дома. И во домашна атмосвера изгледа скапо. Тој е припадник на „фенси“ облека, онаа по најнов светски терк и тренд. Камчев изгледа убаво и облеката на него исто така. Повеќе е спортко- елегантен отколку елегантен. Досадна му е униформираноста која ја демонстрираат бизнисмените, па се ориентира кон модерни парчиња. „Мачо мен„ со стил кој доминира. Ни костумите не ги носи класично. Често наместо вратоврска, носи марамче во џебот на сакото. Строго е ориентиран кон темни тонови меѓутоа, според неговиот физикус, може слободно да игра со боите. Не е политичар па да се „закорави“ само во црна или темно- сина боја. И да, линијата на костумот му е прецизно пресметана! Секси фраер.
ТИТОВА КЛАСИКА
Минчо Јорданов
Вториот најбогат Македонец, таканаречениот „Крал на челикот“ кој ги поседува „Макстил“, „Бетон“, „Факом“... според „Форбс“ има 234 милиони долари. Јорданов е типичен претставник на класика. Најверојатно ја учел во Титова Југославија. Искусен со сите форми на класичното облекување. Нема експерименти- костум, вратоврска, мантил, убави чевли... Според неговите години, во согласност е со стилот. Не се раководи по трендови, не бира по осет, туку по години и години зацртан кодекс. Многу интересен момент- знае често да стави некој убав брош кој дополнително влијае на естетиката која ја поседува.
ЕЛЕГАНЦИЈА ВО СИНО
Андреа Јосифовски
Претседателот на управниот одбор на „Макпетрол“ и „Оилко“ поседува акции во овие компани во вредност од 20 милиони евра. Така барем напиша „Форбс“ за него во 2016 година. Јосифовски е елегантен, но од старата „гарда“. Кај него, сината боја е заштитен знак. Елеганцијата секогаш му се состои од костум надополнет строго со вратоврска. Прави интересен избор на дезенирани кошули, но со крајно суптилни мотиви и строги линии. Нема претерувања, нема атракција! Никогаш не прибегнал кон експериментирање, се држи кон безвремноста на облеката создадена за бизнисмени од негов ранг. Како моден детал, најчесто носи часовник, но никако пренападен и масивен.
СТИЛ ОД НОВОТО ВРЕМЕ
Сашо Самарџиоски
Сопственикот со 74 проценти од контролниот пакет на „Прилепска пивара“, „Форбс“ му пресметува 13,3 милиони евра. Самарџиоски е предводник на стил од новото време. Галантен и елегантен, со костими кои се струкирани во половината и ја следат линијата на телото. Модерен е! Игра и со бои и со кроеви. Скоро во сите комбинации носи сакоа со широки ревери, надополнети со еднобојни вратоврски и понекогаш со минијатурен брош. Според неговата физиономија, тој точно знае што му прилега. А, исто толку е вешт во изборот на облека и според бојата на неговата коса и тен.
НАЈДОБАР СТИЛ
Живко Мукаетов
„Форбс„ вели дека овој бизнисмен во 2015 година успеал да ја зголеми пазарната вредност на „Алкалоид„ за 127 милиони евра и дека „тежи“ 9, 5 милиони евра. Мукаетов од оваа петорка, е прв на листата со најдобар стил. Сето она горе наведено за четворицата, тој го поседува во неговото облекување. Ама тоа толку вешто и паметно го прави, што излегува дека има совршен моден осет. Камелеонски тип, во една пригода може да биде целосно во елегантен, модерен костум, а веќе во друга прилика со атрактивно сако или елек комбинирани со релаксирана облека. Иако е бизнисмен, тој многу добро знае дека токму неговата работа може да дозволи играње со модата, но сето тоа го прави за едно скалило повисоко. Знае и со бои, и со дезени и со дизајни. Токму вака треба да изгледаат бизнисмените, неоптоварени навидум со облека, ама да ги привлечат сите погледи.
Небојша Толески