Над 350 единици крв дарувани годинава од вработените во „Аџибадем Систина“
Поради зголемените потреби на крв во време на пандемија од коронавирус, годинава во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се организираа дури пет крводарителски акции. На секоја од нив имаше огромен интерес, а вработените несебично даруваа над 350 единици од скапоцената течност.
Д-р Никола Шиков е еден од најхуманите крводарители во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Почнал да дарува крв уште во 2001 година и оттогаш па сè до денес е редовен крводарител. Учествувал на сите крводарителски акции кои се одржале во болницата и вели дека сака да биде пример и поттик за другите.
„Работам на оддел на кој постојано имаме потреба од крв во големи количини. Таа е есенцијален лек за тешко болните пациенти и знам колку е драгоцена секоја капка крв“ – вели д-р Шиков.
Покрај вработените и менаџментот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во крводарителските акции се вклучија и вработените од компанијата „Орка холдинг“.
Минатата година Клиничката болница „Аџибадем Систина“ доби благодарница за посебен придонес од Црвен крст на општина Карпош со кои им се признава придонесот во дарување крв на хуманитарните граѓани и компаниите што се вклучуваат во крводарителските акции. Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како општествено одговорна компанија е активен учесник во повеќе хуманитарни акции, а крводарителските се секогаш со приоритет. До крајот на годината се предвидуваат нови крводарителски акции.
Првата крводарителска акција во болницата беше организирана во 2010 година, а бројот на вработени кои даруваат крв се зголемува од година во година. Досегашната практика беше да се организираат по една до две акции годишно. Но поради големиот интерес се зголемува бројот на организирани акции. Сите крводарителски акции се организираат во координација со општинската организација на Црвен крст – Карпош и Институтот за трансфузиона медицина.