Наш доктор од Малта за коронавирусот: И по 12 часа носење, заштитната маска ми направи рани зад ушите
Фамозната крива и движењето на коронавирусот, неговиот интензитет и последиците, во светски рамки бележи благ пад, но тоа никако не треба да се земе здраво за готово! САД, Италија и Шпанија се уште се’ најкритични точки и ситуацијата таму се менува од ден на ден. За жал, и со црни сценарија.
Но, светот и државите, со мерките кои ги превзедоа, сепак укажува на тоа дека пандемијата може да се забави, но не и да се излечи... Кога сме кај Италија, најпогодената земја од овој вирус, малку е „чудно“ што нејзиниот сосед, малата островска земја Малта, нема многу заразени.
За она што се случува таму го контактиравме нашинецот Д-р Денис Ерхан
Аљуш, доктор по медицина, магистер на наука во областа на Гинекологија и
Акушерство при универзитетската Болница MATER DEI во Малта, каде и работи. Тој и е познат на
македонската и малтешката јавност посебно поради тоа што е еден од најпознатите
инфлуенсери и трендсетери, меѓутоа, целосно се откажа од сите
ангажмани за да може да помогне.
- Во Малта и околните острови состојбата е контролирана и се превземени сите мерки за заштита и превенција според правилата и прописите на Светската здравствена организација. Во моментов, има 384 позитивни на коронавирусот, а бројката на новозаразените деновиве опаѓа- вели Аљуш.
Тој е постојано ангажиран и работи дури и две смени. Целосно е свесен за ситуацијата и разорната моќ на вирусот, но исто така е целосно убеден во силата на медицинскиот персонал.
- Со оглед на тоа што ние како здравствени работници треба да сме запознаени со клиничката слика и изгледот на пациентите заболени од Covid-19, скоро секојдневно имаме обуки и презентации за подобро распознавање на инфектирани лица. Кога се во прашање симптомите и клиничката слика, тешко е да се распознае инфектирано лице посебно во ова доба на грип и настинки, но со тестовите кои секојдневно се прават, ситуацијата во тој поглед малку се олеснува- додава докторот.
Инаку, во Малта има многу Македонци кои живеат и работат. Дел од нив се вратија, но дел се‘ уште се таму.
Во Малта во моментов нема потврда за заразени лица од Македонија кои се овде и точната бројка на вратени лица во нашата земја не е позната се’ уште. Но, Малтешката влада е во одлична соработка со Македонската и ги превзема сите мерки на карантин за лицата кои се враќаат таму- објаснува Денис.
А, како и големиот број на медицински работници, и тој се соочува со последиците од носењето на заштитна маска.
- Бидејќи имам директен контакт со пациентите, есенцијлано е да се носи маска. Тука нема компромис! Се разбира, и целосна заштитна опрема. Морам да кажам дека е крајно тешко да се носи маската и по 12 часа. Чуствувате дека главата ви прска од болка, а од позади на ушите сум целосно исечен, ми создаде рани. Но, мора да се носи- потенцира докторот.
Небојша Толески