Научниците тврдат дека ја разрешиле мистеријата за „езерото на костурите“ (ВИДЕО)

Меѓународен тим научници тврди дека ја разрешиле мистеријата за Ропкунд, индиското „езеро со костури“. Со децении, истражувачите се обидуваа да откријат како остатоците на стотици луѓе завршиле во езеро на Хималаите.

Кои биле овие луѓе и како умреле, се прашања што долго време ги прогонуваа научниците.

Една од теориите сугерираше дека остатоците се на индискиот крал, неговата сопруга и нивните асистенти кои починале во снежната бура, а другата дека остатоците им припаѓаат на жртвите на епидемијата. Трета теорија тврди дека природна катастрофа во текот на 9 век убила група луѓе.

Ново истражување спроведено од истражувачи од Германија, Индија и САД ги поби сите овие теории.

Научниците тврдат дека смртта се случила во различно време и дека некои луѓе починале и до 1.000 години подоцна од другите.

„Секое објаснување што вклучуваше еден катастрофален настан што доведе до нивна смрт беше поништен. Сè уште не е јасно што се случило на езерото Рупкунд, но сега можеме да бидеме сигурни дека смртта на овие лица не може да се објасни со ниту еден настан“, изјави за Би-Би-Си Идоин Харни, главен автор на студијата и доктор на Универзитетот Харвард.

Научниците велат дека најчудниот детаљ е тоа што луѓето кои го дочекале својот крај во езерото, потекнуваат од различни места. Една група на луѓе имала генетика слична на онаа што сега живее во Јужна Азија, додека друга група била „тесно поврзана“ со луѓето што живеат во Европа, особено со оние што живеат на грчкиот остров Крит.

Луѓето кои дошле од Јужна Азија се чини дека не се од иста популација, велат истражувачите.

„Некои од нив потекнуваат почесто во групи од северот на потконтинентот, додека други потекнуваат почесто од појужните групи“, рече Идоин Харни.

Иако студијата дава одговори на многу прашања, некои загатки остануваат нерешени, а една од нив е како умреле овие луѓе? Не е пронајдено оружје во езерото, а генетските студии покажаа дека нема присуство на бактериски патоген што може да покаже дека тие починале од болест. 


Друго прашање е што правеле на езерото во највисоките планини во Индија, особено за групата луѓе кои изгледаат како Европејци.

„Сè уште бараме одговори“, рече Идоин Харни.

Сместено на дното на падината на Трисула, една од највисоките планини во земјата, е мистериозното езеро (како што го опишаа властите во туристички водичи) кое беше откриено од британски ренџер во 1942 година. Оттогаш, го привлече вниманието на антрополозите и љубопитните посетители.


Фото и Видео: Youtube/Screenshoot/Being Ghumakkad

Можеби ќе ве интересира:

Мистериозните кругови и обалата на костурите: Научниците и понатаму збунети