НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: АНА БИНОВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Идеалот на женската убавина во минатото, гледано историски, се менувал очигледно, а прашањата за неговите критериуми, па и созадавачите на истите, остануваат неодговорени, енигматични. Многубројни се претпоставките за нив, а доминантна е таа што ги посочува ликовните уметници - сликарите, вајарите. Кога е ренесансата во прашање, за женствен изглед се сметал полничкиот, бледилото на лицето и русата коса. Широките бедра, вкличително и заоблениот стомак и големите гради се исто така негов, синоним на женската убавина во епохата на преродбата во Европа од XIV до XVI век. Портретите на ренесансните уметнички музи едновремено зрачат со чистота, смиреност, еротика и благост. Жените во тоа време биле пополни од кога било, од сите други периоди, а денес би важеле за дебелки. Но, душата и духот и тогаш биле на цена.

Поранешната мисица, во 1998-та и манекенка и денес, петнаесетина години оттогаш,  плени со убавината - спојот на изгледот, надворешниот и, секако, таа што извира однатре, духот и душата. Во прашање секако е Ана Биновска чијашто титула Мис на Македонија ѝ ги отвори ширум вратите на модниот свет, но и на телевизијата. Пред шест години се здоби со научниот степен доктор(ка) по економски науки, а темата на која докторира е од областа на менаџментот. Инаку е сопруга и мајка на два сина - дванаесетгодишниот Калин и двогодишниот Илин.

Одговорите на прашањата од симултаното интервју говорат за нејзиното разумно, трезвено размислување кое несомнено е инспиративно, привлечно за читање.  

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

А. Б.: Отсекогаш сум верувала дека убавината има универзална димензија, па оттука еквивалент на женската убавина би била машката убавина. Но, исто како што женската убавина може да биде празна и површна ако не е проследена со убавина која произлегува од духот, така и машката убавина е ништовна ако не е надополнета со други умствени и духовни особини, како чесност, добрина, лојалност, интегритет.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

А. Б.: Она што на прв поглед ме привлекува се секако физичките атрибути, убава насмевка, продорен поглед, мажествен глас, заштитнички раце и слично. Но, за да го задржи мојот интерес, потребно е да биде интересна личност, со широки видици и развиен интелект. Порано барав партнер од кој можам да учам и да му се воодушевувам, но сега ми е најбитно да биде добар сопруг и татко кој секогаш ги става интересите на своето семејство на прво место.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

А. Б.: Понекогаш ние жените знаеме да бидеме контрадикторни, па во таа насока ќе биде и мојот одговор. Иако сакам мажот да има заштитнички однос кон мене, сепак не сакам да ме „гуши“ со неговата љубов. Како типична водолија во хороскоп,многу ја ценам слободата и сметам дека секоја жена треба сама да ги носи одлуките кои влијаат на нејзиниот живот, особено во однос на изборот на нејзината професија, кариера, пријателства и слично. Кога во една врска постои доверба и разбирање, тоа не треба да биде пречка. Секако, ова не важи за круцијалните одлуки кои влијаат на целото семејство, вклучувајќи ги и децата. За да има хармонија и разбирање во семејството, таквите одлуки сметам дека треба да бидат донесени заеднички.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

А. Б.: Интересно прашање... Секако дека предност давам на кавалерството пред мачо однесувањето. Но, понекогаш може и кавалерството да биде само научен или стекнат начин на однесување, наменет пред сè за презентација пред очите на јавноста. Манирите кај мажот ми се битни, но многу побитно ми е да биде искрен кон мене. Од друга страна, пак, позади мачо однесувањето најчесто се крие несигурноста која потекнува уште од раното детство, кога како мали деца од средината научиле дека треба да ги потиснат сите човечки емоции, како страв, љубов, тага... Затоа, како мајка на две машки деца, не сакам кога им се кажуваат реченици од типот: ти си машко, не треба да плачеш, треба да си силен и слично.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

А. Б.: Убавите манири се одраз на доброто воспитување и образование, а тоа никогаш не излегува од мода. Ми се допаѓа кога мажот како вистински џентлмен ѝ отвора врата на дамата, ѝ дава предност и се однесува заштитнички кон неа. Но, не сметам дека е трагедија ако не го направи тоа. Доволно е неговото внимание да биде насочено кон неа. Тоа е најубавото нешто што еден маж може да ѝ го подари на една жена. Една позната изрека од Maја Анџелоу вели дека луѓето ќе заборават што сте кажале и што сте направиле, но никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат. Се согласувам со овие зборови. Ме одбива кога мажот наместо да го насочи своето внимание кон својата партнерка, тој посветува повеќе внимание на другите околу нив двајцата или, пак, на телефонот.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

А. Б.: Господин човек според мене е оној човек кој е љубезен и полн со почит, кој е чесен и не се плаши да го направи она што е правилно, без оглед на тоа колку е тешко. Неблагодарно е да издвојам, но дефинитивно во Македонија има многу вистински џентлмени кои ги имаат сите овие карактеристики.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

А. Б.: Мислам дека не треба да се генерализира. Како што постојат врски помеѓу мажот и жената кои се базираат само на физичка привлечност без пријателство, исто така помеѓу нив може да постои и искрено пријателство без физичка привлечност. Но, доколку во односот помеѓу мажот и жената постои и физичка привлечност и пријателство, тогаш големи се шансите тоа пријателство да прерасне во успешна врска која може да им одолее на предизвиците кои ги носи времето.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

А. Б.: Можеби спротивностите се привлекуваат во физиката, но во реалниот живот повеќе верувам дека ги привлекуваме оние луѓе и нешта со кои вибрираме на иста фреквенција во одреден момент од животот. Многу врски се распаѓаат затоа што едноставно двајцата партнери продолжиле да се развиваат во различна насока.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

А. Б.: Мислам дека тајната на успешниот брак е убаво и точно опишана во изреката од еден непознат автор: „Совршен брак - тоа се само две несовршени личности кои одбиваат да се откажат еден од друг“.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

А. Б.: Можеби мажот е главата на семејството, но жената е неговото срце. Кратко и јасно.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ана Биновска