НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: АНА БУРЕСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Меѓу заводничките во минатото, чија убавина била несомнена, исто како и талентот, се вбројувала и Ава Гарднер. Филмската артистка во 1950-тите била водечка. Не случајно, АФИ во 1999-та ја прогласи за легенда во филмската индустрија. Сѐ уште се говори за нејзините фотографии со костимите за капење, на чија привлечност не можел да ѝ одолее никој, па дури ни Ернест Хемингвеј. Наводно, по капењето во базенот во неговата вила во Хавана забранил да се менува водата. Браковите со Френк Синатра, Арти Шо и Мики Руни траеле кратко. Неретко ги фалела во медиумите, но саркастично. И покрај сѐ, убавината не можела да ѝ се оспори.

Како било, неоспорна е убавината и кога се Македонките во прашање, која привлекува со неодоливоста, меѓу нив и градежниот инженер Ана Буреска чија природност едноставно плени. Ужива во добро вино, добар филм и секако, во патувањата. Слободните часови му ги посветува на декупажот. Со неговата техника им дава живост на предметите.

На нејзините размислувања, ставови за убавината и машко-женските односи нема да останете рамнодушни, сигурно. Како и на останатите, а целта на десетте прашања од симултанката е јасна: од нивните одговори да ги согледаме истите, за подобро заемно разбирање.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

А. Б.: Убавината е во очите на оној што набљудува. Пандан на женската убавина е секако, машката убавина. Таа на некој начин е „инвестиција“ во својот ум, изглед... волја. Често се вели дека надворешниот изглед зависи од внатрешното чувство, така што позитивен израз на лицето сугерира на внатрешно задоволство што, пак, има атрактивен ефект.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

А. Б.: Секој ја гледа само онаа убавина до која е дораснат. Стандардите за „привлечно“ се дефинирани од сопствените погледи и сфаќања. Стилот е начин да покажеш сѐ за себе, а ништо да не кажеш. Преферирам шарм исполнет со предизвици, разбирање, решителност, слобода...

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

А. Б.: Самодовербата не е ништо друго освен задоволство од самиот себе. Во принцип не барам ништо, ако мажот знае да сака и почитува, ќе добијам сѐ што ми треба.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

А. Б.: Секогаш ДА за изграден стил,став и емпатија,кои ги имаат само џентлмените.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

А. Б.: Ми се допаѓаат искреноста, емоционалната интелигенција и чесноста. Почитувам маж кој ветува помалку отколку што прави. Она што не можам да го поднесам е егоизмот.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

А. Б.: Има вистински џентлмени во Македонија, но повеќето не се познати во јавноста.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

А. Б.: Машко-женското пријателство е драгоцено искуство за двете страни, а во него припадниците на двата пола можат да научат многу работи за машкото и женското гледање на работите и да си помогнат во градењето на успешни врски.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

А. Б.: Сметам дека врската во која се наоѓаат различни личности е клуч за долгорочна среќа. Интересно е кога ќе согледаат дека се различни во нешто, па така ќе си ги разменат искуствата и ќе научат нешто еден од друг. Спротивностите се привлекуваат за на крајот да се надополнат.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

А. Б.: Клучот е во одржувањето на „страста“, изразена во емоционалниот однос и во животот воопшто. Самиот збор„passio“ (лат.)означува „трпење“ што значи дека страста сама по себе не е само уживање туку и толеранција (трпење).

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

А. Б.: Ако мажот е „столбот“ на семејството, тогаш жената е неговиот „фундамент“. Историски гледано, жената била инспирација за започнување на конфликт меѓу две држави, каде што мажите ја бранеле нејзината чест, но и муза за создавање на бројни уметнички дела, песни и романи.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ана Буреска