НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: АНА МАРИНКОВИЌ

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Заводливиот, привлечниот изглед е врзан со надворешниот, се разбира. Но, врз него влијаат и други фактори, како на пример насмевката, таинствениот поглед... И секако, интелектот - оној високиот, живиот. Во светот на филмот, Моника Белучи веќе три децении е пример за естетски идеал. Останатото само го дополнува, комплетирајќи ја целината чија неодоливост е повеќе од чувство - она пријатно. Кога е кариерниот развој на италијанската актерка во прашање, на почетокот работеше како модел. Благодарејќи на гореспоменатите атрибути, брзо се проби во Холивуд, а убавото лице и облините на телото, со придавката „бујни“, придонесуваат за нејзиното титулирање како секс-симбол на сите времиња, меѓу другите. Зад себе има два брака, со фотографот Клаудио Карлос Басо и глумецот Винсент Касел, обајцата Французи. „Убавината е хендикеп ако сте глупи, во спротивен случај е предност, ако сте паметни и знаете да ја искористите“, изјави своевремено.

Во рамките на Македонија, зошто да не и пошироко - Македонките се познати по убавината и надвор, поврзаноста меѓу синтагмата која истовремено е и наслов на рубриката и Ана Маринковиќ, инаку магистер по меѓународно право и дипломатија, не може да се оспори во никој случај. Освен што е љубител на естетиката, модата и случувањата врзани со нив, таа е и обожавател на мотори, посебно на „Харли-Дејвидсон“, но и на патувањата каде што се запознава со културите, вклучително и начините, стиловите на живеење на граѓаните, жители на градовите и државите кои ги посетува, незаобиколно и обележјата - оние стилските. А, кога се работи за нејзиниот љубовен статус, моментално е во врска со својата слобода. Можеби звучи по малку себично, како што вели, но таа, слободата ѝ значи најмногу, пред сѐ. Очевидно, таа е присутна и во десетте одговори на исто толкуте прашања од симултаното интервју за убавината и машко-женските односи, во смисла на отвореност, искреност.

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

А. М.: Според мене, пандан на женската убавина е машкото срце, начинот на којшто сака една жена и колку е спремен за тоа срце во целост да го предаде на својата љубена, така да се изразам.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

А. М.: Уф, тешко прашање!За да се роди  желба за запознавање на умствените, треба да постои одредена физичка привлечност или таканаречена хемија - пред сѐ, од физичките атрибути. Не би имала желба и нема да ми биде предизвик да запознаам некој што не ми „фаќа око“. А, дефинитивно не можам да одолеам на убавата машка насмевка и на висината, тоа ми се слабите точки. Можам да напоменам и дека убаво одбран машки парфем исто така има придонес во сето тоа. Но, има една интересна работа што многу од припадничките на женскиот пол би се согласиле со мене дека „одбивањето привлекува“.Секако, во одредена доза.

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

А. М.: Квалитети кај мажите, хм! Стабилност, пред сѐ. Маж кој знае што сака, кој знае како истото да го постигне, кој има јасна цел и визија за сопствениот живот и иднината - секако, со самодовербата гордо да граби напред и сето тоа зачинето со смисла за хумор. Според мене, тоа е добитната комбинација.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

А. М.: Секако дека има разлика, манирите се едно, мачизмот е сосема друга работа, а меѓу нив има непремостлива разлика. Ајде накратко да се обидам да ја доловам разликата помеѓу манирите и мачизмот... Mанири се кога дискретно ви носи една роза на клупа пред зграда, а мачизам кога ви носи цел букет, но пред цел клуб/локал - ајде така да направам една груба компарација. Предимство секогаш им давам на мажите со манири, дефинитивно.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

А. М.: Кога се манирите во прашање, ми се допаѓа нивното суптилно искажување. Некогаш е доволен само еден поглед, насмевка на поминување за сето тоа да стане лавина од секундарна симпатија кон некого. Ме привлекува начинот на којшто третира една дама, а најодбивно кај машкиот пол ми е тоа што понекогаш ја преминуваат линијата на однесување и честопати љубезноста ја сметаат како флерт, за жал.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

А. М.: Бидејќи се движам во кругови на мода, јавен свет и тие сфери, имам запознаено навистина многу џентлмени во вистинска смисла на зборот, но најсилен впечаток и целосна слика на тоа како всушност еден маж треба да изгледа и да се однесува, односно да ја има титулата џентлмен е господинот Павле Камилоски, без двоумење. Со својот став, изгледот, третманот на луѓето околу себе, перцепцијата за жените и неговата скромност.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

А. М.: Да, можна е пријателска врска, тоа го тврдам од лично искуство. Пријателствата помеѓу мажите и жените се потрајни, поискрени бидејќи мажите во својство на пријатели се одлични слушатели, добри соговорници и одлични чувари на тајни, за разлика од чисто женските пријателства каде што неретко се случува поради љубомора, како главен фактор, да бидат уништени пријателства градени со години, за жал. Но, постои едно непишано правило во однос на машко-женските пријателства, а тоа е сѐ додека нема апсолутно никаква физичка привлечност и можност за истата да не се развие понатаму, да не се иницира никаков однос, освен пријателски, нели... И негувањето на истиот, како што впрочем и треба да биде во секоја меѓучовечка интеракција.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

А. М.: Спротивностите и те како се привлекуваат. Почнувајќи од самата себе, никогаш не сум имала интерес за личност што е од моја бранша или пак што имаме премногу заеднички работи. Многу често тоа знае да биде и монотоно уште на самиот старт. Затоа, јас секогаш бирам „walk on the wild side“, што би се рекло. Истражување и учење на чистите спротивности од самата себе.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

А. М.: Мислам дека и нема посебна тајна, освен тоа што многу важен е факторот на компатибилност на партнерите. Почитувањето на личниот простор на партнерот за мене има една од поголемите улоги во создавањето на една врска, како и времето, интересите.., правејќи една целина за таа заедница да може да функцинира. Исто така трпение, толерантност, па сѐ друго.

* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

А. М.: Воопшто не се согласувам со тој став - ниту сум растена во таков тип на семејство и околина каде што тие рангови, т.е. називи биле строго поделени, ниту пак имало поделба на обврски и задачи. Заедно се прави целина. Всушност, за мене и според мене, мажот како столб е само дел од прекрасната сложувалка наречена заедница и заеднички живот, заедно со жената. На крајот би цитирала една позната изрека: „Не ми е проблем да живеам во машки свет, сѐ додека можам да бидам жена, уживајќи во истиот“.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Ана Маринковиќ