,

НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: БИЛЈАНА ДЕБАРЛИЕВА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Не можеме да не ја споменеме и овој пат врската меѓу надворешниот изглед, т.е. убавината и онаа што извира однатре, која несомнено ја комплетира, целесообразува и, секако, ја истакнува дополнително, уште повеќе. Духовниот живот или поточно свеста, умствената дејност, вклучително и мудроста и таинственоста - битните карактеристики на жените за кои е согласна и денешната избраничка, учесничката во симултаниот разговор, придонесуваат за неодоливоста чија придавка „македонска“ се подразбира, често и сама по себе. 

Истото важи несомнено и за телевизиската водителка, презентерката Билјана Дебарлиева чија професионалност врзана со безмалку тридецениската кариера е достојна за почит, респект, уважување. Досега работела на проекти, емисии со различна тематика, но денес ја гледаме на утринските вести на Канал 5, слушајќи го нејзиниот милозвучен, радиофоничен глас. Кога се пасиите, страстите во прашање, Б. Д. чита многу, сака да патува, да истражува, открива нови места. Ѝ се восхитува на природата, околината генерално, вклучувајќи го и о(п)кружувањето чија позитивност ѝ е исто така особено важна, битна во комуницирањето. Едноставно сака добри луѓе. Во брак со Јован е дваесет и седум и пол години, со кого има две деца - ќерката Ана (27 год.) и синот Мики (17 г.). Нејзините размислувања околу машко-женските односи се интересни, занимливи. На прашањата од симултанката одговори егзактно, кусо и содржајно.   

 

СИМУЛТАНКА

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Б. Д.: Убавината доаѓа од окото на набљудувачот што значи дека не сите подеднакво ги вреднуваме истите работи. На некого една работа му е убава, а на друг помалку убава или целосно непривлечна. Сите знаеме што значи кога некој поседува внатрешна убавина. Постојат личности кои едноставно сјаат и во чија близина секогаш сакаме да бидеме. Затоа би рекла, и машкото срце и неговиот шарм ги ставам во истиот ранг.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Б. Д.: Првиот впечаток што една личност ќе го остави на вас е најважен, а потоа низ разговор ги согледувате и останатите квалитети, позитивни или евентуално негативни карактеристики. Во секој случај, мислам дека шармот, насмевката, позитивниот став, убавите, културни манири и однесувањето е она што кај мене остава најсилен впечаток. 

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Б. Д.: Таинственоста и би рекла мудроста е карактеристика на нас жените, да знаеме да ја процениме ситуацијата и во вистински момент да донесеме одлука. Жената сака покрај себе да има партнер кој ќе ја почитува, заштитува, ќе ѝ биде потпора во секоја смисла и во секоја ситуација, во добро и во лошо, но пред сѐ безусловно да ја сака.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Б. Д.: Дефинитивно господин човек во секоја смисла, кавалер, џентлмен, не само за својата понежна половина, туку и во комуникацијата и однесувањето со секоја жена во неговото опкружување. 

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Б. Д.: Пред сѐ културен однос, шармантен во однесувањето, духовит, насмеан, позитивен, отсуство на себичност, карактеристика што за жал сѐ повеќе е присутна и ја забележувам не само кај мажите, туку и кај жените. Прилагодување на карактерот кон дадената ситуација и правење одредени отстапки, доколку е потребно.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Б. Д.: Навистина не би можела поединечно да издвојам некого, но генерално сметам дека кај нас навистина има мажи кои со право го носат епитетот господин човек, џентлмен. 

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Б. Д.: Интересно прашање за кое може многу да се размислува, а некогаш и да не се најде вистинскиот одговор. Може да постои такво пријателство, зошто да не, само доколку се знае до каде е границата на пријателството, без истата не сакајќи да се премине или да се злоупотреби.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Б. Д.: Дефинитивно би рекла дека спротивностите се привлекуваат и се надополнуваат. А, што се однесува до формулата за успешен брак или среќна љубовна врска, е тука веќе треба да се склопат многу работи. Љубов, почитување, разбирање, попуштање...  

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Б. Д.: Не само толерантноста, туку и постојаната комуникација, поддршка и во добрите и во лошите моменти, отсуство на љубомора, љубов која ќе го има истиот жар и после долги години заеднички живот. Кога во една врска или во бракот почнувате да комуницирате сѐ поретко, тогаш навистина нешто не е како што треба.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Б. Д.: Не би направила поделба, туку само би рекла дека ако тој заеднички столб е поставен на здрави основи, ќе опстојува до крајот на животот.


Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Билјана Дебарлиева (AniDimi Photography)