НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕЛЕНА КИЧЕВСКА

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

Убавината често се релативизира кога се работи вообичаено за надворешната или, поточно, за изгледот на жената. Многумина се согласуваат и со вистинитоста на тврдењето дека вкусот игра особено важна улога, веројатно и пресудна. Се разбира, во комбинација на внатрешната е комплетна, истовремено апсолутизирајќи ги обете, но и едната и другата - поединечно и зависно од гледиштето на посматрачот бидејќи, како што се вели, убавината е во окото на набљудувачот.

За уметницата Елена Кичевска нема дилема - нејзината привлечност е исто така неодолива и кога е надворешниот изглед во прашање и кога се говори за убавината која извира однатре. Придавката „македонска“ се подразбира и, секако, ја краси дополнително. И покрај тоа што слика, во исто време се бави со дизајнирање накит, а слободните часови ги минува или во планина или во теретана, вежбајќи енергично, вредно. Физичкото здравје, кондицијата се должи меѓу другото и на секојдневните активности без кои не може да се замисли веќе. И душевниот, духовниот живот го надградува постојано, на свој начин. Одвреме-навреме и патувајќи, со една цел - ширење хоризонти, не само во смисла на видици, идеи, интереси, туку и заради нови перспективи, можности. Патем ги сака ноќните и забавите воопшто. Живее со еден убав мачор - Том(че).

Прашањата од симултаното интервју за женско-машките или машко-женските односи, како и да е, ги одговори ептен кусо, ама содржајно, со интересни мисли. 

СИМУЛТАНКА:

* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Е. К.: Пандан на женската убавина, не би рекла дека е машката убавина. Шармот доаѓа од особините кои ги носи во себе. Смисла за хумор, ведрина... И спокој. Има еден наш македонски актер од кој зрачи смиреност и го сакаат скоро сите жени.

* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Е. К.: Најпривлечна ми е смислата за хумор (со големи букви) и во себе да носи животна радост. Јoie de vivre!

* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Е. К.:Оној што има солидно домашно воспитување (ова, за жал, го одредуваат околностите во кои растел), кој е емотивно достапен, ранлив и благодарен. Мислам дека оној што ги поседува овие атрибути не може да нема заштитнички однос кон неговата партнерка. Значи, несебичен.

* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Е. К.: Секако дека предност ќе му дадам на т.н. нежен човек. Покрај сите оние клишираниособини и манири кои најчесто се споменуваат, џентлмен е маж кој секогаш има тенденција (без да се труди) да биде внимателен кон секоја жена која е во негово присуство, т.е. не само на неговата „избраничка“. Најчесто е таков и со своето семејство и со своите пријатели.

Мачизмот го прогласувам за „мртов“.

* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Е. К.: Ми се допаѓаат сите карактеристики кои веќе ги споменав во одговорите на претходните прашања. Во однос на одбивните, ги има доста, но ќе издвојам една, за мене посебно важна - мрзеливост.

* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Е. К.:Не знам дали овде се мисли на јавни личности, но како и да е, сум била во друштво на такви мажи. Сепак, како проблесоци се. За мојот сегашен шеф на работа можам да кажам дека е џентлмен, но не е Македонец.

* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Е. К.: Има смисла, да. Но, јас имам доста пријатели мажи. Можеби заради истото.

* Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Е. К.: На овие години не верувам во привлечната сила на спротивностите. Тоа може да се случи додека си многу млад. Доколку се случи сега, мислам дека на долг рок нема да има успех.

* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Е. К.: Претпоставувам љубов, разбирање и почит. Toчен одговор немам, никогаш не сум била во брак. Заборавив да кажам погоре, сакам толерантни мажи.

* И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Е. К.: Изгледа дека жената (патер и матер) е столбот на семејството. Би сакала тоа да е мажот.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Елена Кичевска