НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ЕЛЕОНОРА БЛАЖЕВСКА
Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото
мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не
може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.
Првата асоцијација на убавината на жената можеби е нејзиниот физикус, надворешен изглед, но тој сепак е ништожен без духовната, душевната „потпора“ во која спаѓа и интелектот, меѓу другото, како на пример харизмата, шармот..., вклучувајќи го и начинот, стилот на живеење, односот кон него. Впрочем, неодоливоста е во самата комплетност на личноста. За таква убавина всушност и говориме, таа што е на очиглед и секако, онаа која доаѓа од внатрешноста, однатре. Нема сомневање дека и отменоста е постојано во игра - држењето до себе, внимавањето на своето достоинство, на својот изглед е карактеристично за дамите, а таа - убавината природно, логично се врзува со нив. И елеганцијата и финото држење и уважението, се разбира. Англискиот израз е ле(ј)ди, а еквивалентноста на џентл(е)мените кај мажите ни малку не е случајна. Напротив, обоснована е.
Насловната синтагма - неодолива убавина, македонска - кореспондирајќи со изразите дама, ле(ј)ди, совршено ѝ одговара и на Елеонора Блажевска, инаку директорка за деловен развој во Телелинк МК, чија работа ја исполнува максимално, во голема мера и поради можноста за креативен пристап што ја има. Секој работен ден е инаков, различен - нови проекти, луѓе, задачи. Пред неговото започнување, откако ќе се подготви, му се препушта на ритуалното пиење утринско кафе, опуштено. А по него, тука се и активностите врзани за Ротари-клубот и дружењата со пријателките, со другарките од хорот и секако, разговорите со синот Мартин, кои, заради студиите во странство, повеќе се онлајн. Освен за дружба, вечерта е резервирана и за концерт, но и за филм, книга во домашен амбиент. Како што вели, дома секогаш е најубаво.
Своите размислувања за машко-женските односи, вклучително и за убавината која исто така е тематизирана, во една од паузите меѓу обврските (и работни и семејни, домашни) ги преточи во зборови, т.е. одговори на десетте прашања од симултаното интервју - симултанката. Еве ги...
СИМУЛТАНКА
* Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?
Е. Б.: Убавината секако доаѓа однатре. И сјае. И кај мажите и кај жените доаѓа од убавото срце, но и од односот кон животот. И шармот и насмевката и погледот, а тој - погледот никогаш не лаже. Некои работи, колку и да можат да засјаат во прв миг, вистинските нешта многу брзо ќе излезат на површината. Да, сѐ почнува од срцето.
* А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?
Е. Б.: Баш како што сѐ се менува брзо во природата, така и ние со неа. Понекогаш некои промени се убави, некои не. И ако го барате и го сакате само физичкото кај другиот, тогаш брзо ќе се разочарате. Секогаш сум сметала дека интелектуално супериорините луѓе дефинитивно се попривлечни бидејќи нудат однос исполнет со постојано истражување и напредување, а убавината е категорија која го вклучува физичкото - сепак, за мене е многу повеќе од тоа.
* Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?
Е. Б.: Сметам дека за секоја жена е важно да има партнер кој ѝ дава вистинска поддршка да се реализира. Кој ја почитува. Би рекла дека за мажот е важно да има изграден став кон нештата, да биде истраен и да го почитува својот збор, односно да се однесува и да прави согласно она што го кажува. На тој начин се стекнува со трајна почит и доверба.
* Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?
Е. Б.: Не верувам дека има жена која не сака однос на господин човек од страна на партнерот, некој што дури и кога смета дека дамата можеби претерала или не е во право, ќе најде убав начин да го искомуницира тоа со неа. Умната жена го разбира и го почитува тоа.
* Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?
Е. Б.: Претпочитам луѓе со интегритет, тоа ми е многу важно. Исто така сметам дека е убаво да покаже почит, кога разговара - да знае да сослуша, да одговори со внимание, па дури и да држи лекција - тоа да го направи на убав начин. Манири на културен и воспитан човек, тоа секогаш би го избрала. Имам силен отпор кон лажговци и манипулатори.
* За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?
Е. Б.: Сум сретнала мажи кои сметам дека ја имаат таа фина господска нишка. Генерално, тоа се мажи кои доаѓаат од семејства каде што се внимавало на воспитувањето и манирите. Ги има, но дефинитивно се реткост.
* Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 173, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?
Е. Б.: Па не се согласувам во потполност со кажаното. Премногу ми е генерализирано, релацијата помеѓу мажот и жената ја сведува пред сѐ на физичката привлечност, а јас лично не сметам дека баш сите мажи и жени се привлекуваат меѓу себе Едноставно и двете варијанти секогаш се во игра. Но, затоа пак сметам дека најсилните врски помеѓу мажот и жената се раѓаат од релација на вистинско пријателство и доверба. И се посилни од предизвиците кои ги носи времето.
* Што мислите, дали
спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си
компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна,
среќна љубовна врска, односно брак?
Е. Б.: Претпочитам сличности - сличностите во воспитувањето, двајца кои имаат слични погледи, согледувања на нештата секогаш ќе се разберат полесно, ќе постигнат компромис што дури и помеѓу сличните луѓе може да биде предизвик. Сличностите во интелектуалната, културната наобразба секогаш се голема предност, надополнување и позитивен предизвик.
* Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.
Е. Б.: Толерантност дефинитивно мора да постои, тоа е израз на зрелост. Но, мора да има и љубов и почитување. Кога заљубеноста ќе го изгуби својот првичен сјај, под ударот на разните искушенија, може да опстане само вистинското нешто, а во центарот на вистинските нешта секогаш е љубовта.
* И, на крајот - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилијас), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?
Е. Б.: Мислам дека оваа поделба доаѓа од половата различност, но сметам дека е точна. На секоја жена ѝ е потребен столб, сигурност. И, тогаш, таа може сѐ. Не сметам дека жените можат помалку, тие се издржливи и моќни, но исто така сакаат силни и истрајни мажи покрај себе, кои, едноставно кажано, им се инспирација.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Елеонора Блажевска