НЕОДОЛИВА УБАВИНА, МАКЕДОНСКА: ФРОСИНА КАРЛОВИЦС

Дека убавината е апсолутна - тоа е факт, без оглед на преовладувачкото мислење за нејзиниот релативитет. Како било, македонската, женска убавина не може да се оспори, како што не може да ѝ се одолее.

За убавината може да се зборува со часови, но и да се пишува долго, нашироко. Се разбира, многу често и се опејува. Неретко ја истакнуваме поврзаноста меѓу надворешната (изгледот) и убавината која извира однатре. Интелектот ја комплетира, вклучително и благородните чувства. Не случајно велат: од лицето ѝ зрачи добрина итн. Во денешно, време на морален пораз, кога вредностите, па и одговорностите ги допреа сите дна, убавината е богатство, а смислата има пошироко значење. И македонската чија неодоливост е исто така привлечна. Комплетноста има суштина, останатото е површно видување на истата (убавината).

Нема дилема, Фросина Карловицс ги заслужува сите горенаведени епитети. Освен што е вљубеничка во традиционалните вредности, не можеме да не ја споменеме и нејзината филантропија, но и борбата за вистината. Инаку, Ф. К. е дипломираната модна дизајнерка со високо естетично чувство. Применетата уметност ѝ е хоби, а работи во Театарот за деца и младинци - односи со јавноста и маркетинг. И фотографирањето е нејзина страст, вклучувајќи го и снимањето рекламни спотови, каталози уште како тинејџерка, од 18 години. Често и планинари со блиските пријателки. Мајчинската љубов и приврзаноста кон 13-годишната ќерка Јоханна Ингеборг Марија Карловицс е повеќе од забележлива, и кога се зборува за воспитанието и кога се работи за другите сегменти од животот. Извесно време живееле во Минск и Виена. И таа, Ф. К. одговори на десетте прашања од симултаното интервју за женско-машките односи, а и обратно. Патем, сигурно ќе ви помогнат да ја спознаете вистината - како жените гледаат на истите (машко-женските односи, а и обратно), што бараат или сакаат во нив и сл.

СИМУЛТАНКА

ММ: Според Вас, што е пандан или еквивалент на женската убавина? Машкото срце? Или, можеби, неговиот шарм?

Ф. К.:  Нема машка/женска убавина. Таа е, сепак, универзална вредност без род. Според мене,убавината е симбиоза помеѓу физичките, духовните и интелектуалните вредности, така што секој што ги поседува овие вредности е убав човек.

ММ: А, кои машки атрибути Ви се најпривлечни? Физичките (телесните), умствените? На што не можете да одолеете?

Ф. К.:  Како сетилни суштества, нормално дека сакаме убави работи, па оттаму ја сакаме, почитуваме и физичката убавината кај луѓето. Но, неизоставен дел, секако и најбитен за мене е умот. Останатите атрибути кои би ги навела се амбицијата, изреализираноста секако, смислата за хумор, како и заштитничкиот однос и сигурноста кои произлегуваат од сето тоа.

ММ: Дека таинственоста е својствена за вас жените - тоа е факт, а ние мажите доста често се прашуваме што сакате всушност. Па, ќе ни олесните ли - кои работи (се разбира, во смисла на квалитети) ги барате во мажите, одосно кај нив? Можеби самодоверба, заштитнички однос..?

Ф. К.:Верувам дека не постои жена на светот која е „имуна“ на заштитничкиот однос на својот партнер. Секако, самодовербата е многу битна бидејќи кога ја нема, произлегуваат многу проблеми натаму...

Квалитетите кои јас лично би сакала да ги издвојам кај „совршениот маж“ секако би биле способноста за хумор, бистриот ум (остроумноста), амбицијата, умешноста да избалансира кога ќе се јави потреба за тоа, да поседува искреност и, секако, да има почит.

ММ: Господин човек, џентлмен визави мачо, т.е. мачизам? Кавалерство наспроти супериорно држење во однос на жените? Ја согледувате ли разликата? Кому му давате предимство?

Ф. К.:Мачизам...Хм! Бесполезно, ништо добро не носи за партнерот. Зошто би имало супериорност од чија било страна? Потребна е еднаквост. Нормално, предимство (за мене лично и пресудно) е мажот секогаш да биде кавалер со сите оние убави особености што произлегуваат од него.

ММ: Кога се манирите во прашање, каков начин на однесување Ви се допаѓа, кои постапки на мажите Ве привлекуваат, а што Ви е одбивно?

Ф. К.:Иако денесе присутно сé помалку, кавалерството никогаш не излегува од мода, така што спротивното на тоа - примитивизмот чинам никому не му е привлечен.

ММ: За кој маж оттука, Македонец, можете да кажете дека е вистински, прав господин човек, џентлмен? И, се разбира, зошто?

Ф. К.: Ох, не би сакала да издвојувам, но лично можам да потврдам дека кај нас сѐ уште има такви џентлмени на кои едноставно тоа им е стил на живот. Почитувањето на жената како индивидуа со сето можно внимание.

ММ: Дали е можна пријателска врска меѓу жена и маж? И ден-денес, без оглед на изминатите години - 172, неретко се цитира легендарниот француски новелист Оноре де Балзак: „Мажот никогаш нема да ѝ биде пријател на жената доколку може да ѝ биде љубовник“. Се согласувате со него?

Ф. К.:Не, не се согласувам со него. Логично е дека за едно пријателство/другарство да се оствари треба да има флуид. Не можете да бидете пријател со некој што не ве привлекува. Тоа секако го исклучува сексуалното привлекување, па оттаму и дистинкцијата меѓу љубовна/сексуална и пријателска врска. На пример, може да ве привлекува неговиот начин на размислување, стил на живеење, однесување итн. Јас лично имам другари со години со кои споделувам сé од моето секојдневие, тука сме еден за друг во секое време од денот и ноќта итаа граница на другарство во ниту еден момент се нема надминато, затоа истото опстојува и ден-денес.

ММ: Што мислите, дали спротивноста има привлечна сила или, пак, треба да постои некава си компатибилност, истоветност - на пример истомисленост и слично за успешна, среќна љубовна врска, односно брак?

Ф. К.:Иако спротивноста навистина има привлечна сила, мислам дека за успешна и долготрајна врска неопходна е пред сѐ компатибилност во однос на животните вредности.

ММ: Која е тајната на успешниот, среќен брак или љубовна врска, сеедно? Многумина велат дека толерантноста има особена важност.

Ф. К.:Според мене, балансот е клучен. Мажите, како и жените, во себе имаат и слабост и сила. Би излегла од оној стереотип дека мажот секогаш треба да биде силен бидејќи има моменти во животот кога и на мажите (не само на жените) им треба поддршка, нежност и внимание. Во здрав љубовен однос партнерите си ги знаат слабите страни и ускокнуваат да пружат помош кога има потреба за тоа, но исто така и заемно се потпираат.

ММ: И, на крај - ако мажот е столбот на семејството, т.е. негов татко (патер фамилија), тогаш која „титула“ ѝ припаѓа на жената, освен матер фамилијас (мајка на семејството)? Можеби не се согласувате со каква било поделба на „ранговите“ или..?

Ф. К.:На ова би кажала вака: таткото е носител на првиот столб, а мајката е носител на останатите три столба. Во денешницата тоа се нема значително променето, но сепак има придвижување во однос на делењето обврски.

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Фросина Карловицс